fbpx

Побелен ЈАЗИК – што може да значи, што го предизвикува и како да си помогнеме?

Често се случува при миењето заби да забележиме бели наслаги на јазикот, што некогаш може да изгледа дури и застрашувачки, но вообичаено ваквите наслаги се безопасни.

Терминот бел јазик се користи за опишување на било каков вид бели наслаги на јазикот, односно наслаги кои се јавуваат линиски или пак ја зафаќаат целата површина на јазикот.

Како што споменавме, ова не е причина за загриженост, но сепак во ретки случаеви, белиот јазик може да биде симптом што предупредува на сериозни состојби, како некакви инфекции или рак во рана фаза.

Затоа е важно да се препознаат и другите симптоми кои се можни во комбинација со бел јазик и навремено да се обратите кај матичниот лекар доколку ова белило е присутно и по неколку недели.

Во продолжение нешто повеќе околу белиот јазик.

Што сé може да води кон ваква состојба?

Најчестиот причинител за белиот јазик е лошата орална хигиена. Поради нередовното одржување хигиена, испакнатините на јазикот наречени папили се воспалуваат и отекуваат.

Така, во просторот помеѓу отечените папили можат да се најдат ,,заглавени” микроорганизми, честици од храната, мртви клетки итн. На тој начин се формираат белите наслаги кои потоа лесно можеме да ги забележиме.

Што сé може да води кон лоша орална хигиена:

• дишење на уста, особено при спиење, што ја значително ја суши устата
• нередовно или неправилно миење на забите и јазикот
• недоволно пиење вода
• многу честа употреба на алкохол
• иритација на устата со остри предмети или со забите
• пушење или чвакање на тутун
• повишена телесна температура


Здравствени состојби кои можат да водат кон бел јазик


1) Леукоплакија –
состојба која предизвикува бели лезии низ целата усна празнина, па и на јазикот. Најчесто, ваква дијагноза се добива од хронична употреба на цигари и алкохол и обично не води кон посериозни состојби, но во ретки случаеви леукопластијата може да премине во орален канцер.

2) Орален лихен планус – при оваа дијагноза, проблемите со имуниот систем предизвикуваат бели линии на јазикот, но и афти низ целата усна празнина. Непцата исто така се воспалени.

3) Габична инфекција
 предизвикана од квасецот Candida. На оваа инфекција најсклони се оние со нарушен имунитет и баланс на микрофлората, но и пациентите со дијабет или недостаток од железо и витамини од групата Б.

4) Сифилис – сексуално пренослива болест која предизвикува и афти низ целата уста. Ако не се третира, може да се развие и т.н. сифилисна леукоплакија, што може да води кон орален канцер.

Други состојби кои исто така можат да водат кон бел јазик се и антибиотска терапија, физички неправилности на јазикот, орален канцер и други.


Терапија

Во зависност од можните причини, терапиите можат да бидат најразлични. Габичните инфекции се третираат со антифунгални лекови, планусот со кортикостероиди, во потешките облици, а леукоплакијата исто така соодветно се нагледува од лекарот со цел да не излезе од контрола. Сифилисот се лекува со пеницилин, кој ги убива бактериите- причинители на инфекцијата.

Како можеме да си помогнеме самите во врска со белиот јазик кој не е предизвикан од посериозни состојби?

Некои домашни ,,лекови” и одредени навики можат да ни помогнат при белиот јазик.

◦ Редовно миење на забите со флуорна паста – најмалку 2 пати дневно.

◦ Чистење на забите со конец

◦ Употреба на листерин

Јадење пробиотска храна – производи кои содржат пробиотици, односно бактерии кои се дел од нашата корисна микрофлора. Повеќето студии се фокусирани на истражувањето на пробиотскиот ефект во однос на подобреното дигестивно здравје, но пробиотската храна се покажала како добра и за здравјето на усната празнина.

Една мета-студија објавена во European Journal of Dentistry, дава податоци според кои пробиотските бактерии можат да ја ,,населат” и усната празнина, на ист начин како и цревата. Во одредени случаеви, овие бактерии можат да помогнат во борбата со габичните инфекции и другите патогени предизвикувачи на бел јазик, но и при други состојби во усната празнина.

Иако се потребни повеќе истражувања на оваа тематика, факт е дека нарушувањата во балансот на цревната корисна микрофлора, може да нé направи општо поподложни на габични инфекции, односно на најчестиот причинител за бел јазик.

◦ Сода бикарбона – триењето на јазикот со ова средство, со негово додавање на четката за заби, може да го намали бројот на бактериите предизвикувачи на инфекцијата.

Една студија утврдува дека содата ги убива патогените микроорганизми кои најчесто предизвикуваат инфекции во усната празнина, како на пример Candida и Streptococcus.

◦ Свеж лук – јадењето свеж лук може значително да помогне во борбата на организмот со бактериите, но и со Candida инфекциите на јазикот. Се смета дека тоа е резултат на неговата моќна антиоксидативна компонента алицин.

◦ Чистење на јазикот – четкањето на јазикот и без никакви средства може да биде од помош за намалување на популацијата од штетните микроорганизми. Во последно време на пазарот постојат повеќе средства кои го олеснуваат овој процес.

Превенција

Иако не секогаш е можно да се избегне белиот јазик, основната орална хигиена е основната превенција и тоа не само за оваа состојба, туку и за некои посериозни. Таа вклучува миење на забите со паста за заби најмалку 2 пати дневно и нивно редовно чистење со конец.

Јадењето развновидна и здрава храна и избегнувањето на лошите навики, како што се пушењето и алкохолот може исто така да помогне.

Дополнително, редовните дентални прегледи, односно посетите на стоматолог на секои 6 месеци, исто така се многу важни за здравје на усната празнина во целина.

Здраво срце, како ново – ЛУКОТ и неговите 5 квалитети!

Лукот припаѓа на семејството Allium (sativum) заедно со кромидот, празот, власецот итн.

Неговиот богат и специфичен вкус прави да биде еден од најупотребуваните зачини ширум светот и да биде застапен во различни облици и различни рецепти во речиси секоја традиционална кујна, ширум светот.

Во минатото се употребувал како лек за различни состојби, а според повеќе истражувања, денес се смета за еден од најмоќните природни антибиотици.

Луковицата од лукот, која е најчесто користена во исхраната, е поделена на повеќе месести делови наречени чешниња. Чешнињата се користат како семе и за исхрана (свежи или зготвени).

Листовите, стеблото и цветовите (наречени булбили) се исто така јадливи и најчесто се употребуваат додека се сѐ уште незрели и нежни. Единствен дел од лукот кој не се смета за јадлив е кожестата обвивка.

За историјата и значењето на лукот во човековата историја има навистина многу да се зборува, па затоа ќе се задржиме на најзначајните и најинтересните факти за лукот и неговото значење за здравјето на човекот.

1) Лукот е извор на компоненти со моќно лековито дејство и е густо-нутритивна храна

Лукот е најпознат по алицинот, компонента на која се правени бројни истражувања и се утврдени низа на позитивни дејства по здравјето на човекот. Најголеми количества алицин има кога лукот е сосем свеж, а потоа тие постепено опаѓаат, бидејќи алицинот е нестабилна компонента.

Други компоненти исто така сулфурни компоненти со утврдени лековити дејства се: диалил дисулфид и s-алил цистеин.

Ваквите сулфурни компоненти преку дигестијата влегуваат во крвотокот, од каде стигнуваат до различните ткива и клетки и имаат одредени специфични биолошки ефекти.

Лукот има малку калории, но доста микронутриенти, како витамин Ц, витамин Б6, Б5, манган, цинк, фосфор, калциум, калиум, селен. Покрај тоа, во 100 грама лук се содржат 6,5g протеини, 2,1g растителни влакна и сосем мало количество маснотии.

2) Здраво срце

Диалил трисулфид е компонента на лукот која може да се користи за третман на затајување на срцето. Всушност, хидроген сулфидниот гас се покажал како заштитувачки во однос на оштетување на срцето, но воведувањето на овој гас како терапија и не е баш физички изводливо. Затоа научниците се фокусирале на диалил трисулфидот, кој може да даде сличен резултат.

Анималните студии покажуваат дека за време на опоравувањето од срцевиот удар, глувчињата на кои им било давано диалил трисулфид, имале помали оштетувања во однос на другите за дури 61%.

Друга студија, објавена во  Journal of Agricultural and Food Chemistry покажува дека маслото од лукот може да помогне во заштитата на пациентите од кардиомиопатија, прва причина за смртност кај пациентите со дијабет.

Тоа е всушност хронична болест на срцевиот мускул при која доаѓа до негови абнормални задебелувања, зголемувања и стврднувања.

Една студија која доаѓа од Универзитетот во Анкара, Турција, а е објавена во престижно медицинско списание, вели дека суплементирањето со екстракт од лук во времетраење од 4 месеци помогнало за:

значително подобрување во вкупниот липиден профил на волонтерите
зголемuвање на антиоксидативниот потенцијал на крвта и
намалување на високиот крвен притисок

Сите, важни фактори за кардиоваскуларното здравје.

Дополнително на ова, постојат голем број студии со слични резултати.

3) Позитивно дејство кај остеоартритисот

Една студија од Велика Британија ни дава податоци според кои јадењето на зеленчуците од семејството Allium, во кое спаѓа и лукот, може да ги намали нивоата на остеоартритисот кај жените.

Истражувачите од оваа студија не само што тврдат дека ова е можно, туку велат и дека е многу веројатно дека во иднина ќе можат да се изолираат одредени компоненти од лукот кои би служеле како третман за остероартритот.

Друга долгорочна студија со над 1000 испитанички, близначки, вели дека редовното јадење зеленчук, особено од семејството Allium, резултира со намалени симптоми на раниот остеоартрит на колковите.

4) Лукот содржи антиоксиданти кои можат да помогнат во превенцијата на Алцхајмеровото заболување и деменцијата

Оксидативниот стрес предизвикан од слободните радикали значително придонесува за процесот на стареење.

Антиоксидативниот состав на лукот има навистина моќно дејство против овој оксидативен стрес и го помага природниот одбранбен механизам на телото од предизвиканите оштетувања.

Поголемите дози на лук, во низа на студии се покажале како поттикнувачки за антиоксидативните ензими кај луѓето, а исто така забележително го намалувале оксидативниот стрес кај луѓето со хипертензија.

Комбинацијата од намалувањето на холестеролот и високиот крвен притисок, но и силниот антиоксидативен состав, не само што придонесуваат за здраво срце, туку и за мозочните заболувања кои најчесто доаѓаат со стареењето, како деменција и Алцхајмерово заболување.


5) Лукот ја помага борбата на телото со инфективните микроорганизми, вклучително и сезонските грипови

Суплементирањето со лук е познато по имуностимулирачкото дејство.

Големо истражување кое било вршено во текот на 12 недели, утврдило дека секојдневното суплементирање со лук го намалува бројот на настинки за дури 63% во однос на плацебо, контролните суплементи.

Плус на тоа, деновите со симптоми биле намалени за 70%, од 5 дена кај контролната група, до 1,5 ден кај групата со суплемент.

Во борбата со одредени бактерии, екстрактот од лук се покажал како дури 100 пати поефикасен.

И други студии дава слични резултати, но сепак потребно е поголемо истражување во оваа насока, а до тогаш убаво е да се јаде лук во обидот да се избегнат инфекциите, особено од бактерии.

Одредени студии утврдуваат и потенцијално корисно дејство на лукот и  во однос на:

• здравјето на коските
• здравјето на косата и кожата
• одредени типови на канцери
• алкохолно-замастениот црн дроб
• заштита од предвремено раѓање на бебињата (честа причина се микробните инфекции)
• подобрена потенција(заради подобрена циркулација)
• конзервирањето на некои прехранбени продукти

Има важни причини зошто да користите ПРОСО барем еднаш неделно!

Кога ќе се спомене просото, поголемиот дел од луѓето помислуваат на храна за птиците, односно за папагали. Сепак, можеби и не е толку познато, но оваа хранлива и вкусна житарка која може да живее и на не толку богати почви, се употребувала од луѓето уште од почетоците на човековата цивилизација.

Освен што е доста хранлив избор (витамини, минерали итн) просото не содржи глутен што го прави погодна храна и за оние со целијакија.

Во зависност од начинот на подготовка, просото може да биде кремасто, како пире од компир, но и со поцврста површина и мека внатрешност, како оризот. Тоа го прави погодно за низа различни рецепти.

Постојат повеќе видови од оваа житарка, односно повеќе бои и облици, но по нашите продавници најчесто можеме да го најдеме излупеното просо со жолта боја.

Најчесто се користи во земјите во развој низ Африка и Азија, но во последно време и кај нас се користи доста често. Во продолжение, 4 причини зошто јадењето просо треба да биде уште почесто, но и кои лица треба да го избегнуваат.


1) Богат нутритивен, но и антиоксидативен извор

Просото е пред сé скробна храна, богата со минерали и витамини.

Во 174g просо се содржат:
◦ 207kcal
◦ 41g јаглехидрати
2,2g растителни влакна
6g протеини – просото обезбедува најмногу есенцијални аминокиселини од било која друга житарка. Аминокиселините се градбени единици за протеините, а есенцијални се оние кои телото не може само да ги продуцира, па мораат да бидат внесени преку исхраната.
◦ 1,7 масти
31% од Дневните Потреби за бакар
◦ 25% од ДП за фосфор
19% од ДП за магнезиум
◦ 24% од ДП за витамин Б2
◦ 31% од ДП за витамин Б3
◦ 29% од ДП за витамин Б6
◦ 17% од ДП за витамин Б5
◦ 8% од ДП за витамин Б9
13% од ДП за калциум – најголема содржина на калциум од сите житарки.
◦ 6% од ДП за железо

Просото е богато и со фенолни антиоксиданти, особено ферулична киселина и катехини.
Антиоксидантите се прва линија на одбрана од процесите на хронична инфламација во организмот, предизвикани од оксидативниот стрес.

Борбата на организмот со оксидативниот стрес, кој е предизвикан од слободните радикали е од особено значење за намалувањето на хроничните воспалителни процеси, кои пак се вбројуваат помеѓу главните ризик-фактори за повеќе хронични заболувања

Феруличната киселина повеќето студии ја поврзуваат со побрзото заздравување на раните, со заштитата на здравјето на кожата, но даваат податоци и за нејзините силни антиоксидативните својства. Катехините генерално делуваат на заштитувањето од труењата со тешките метали, преку врзувањето со нив во крвотокот.

Сепак, треба да се знае дека концентрацијата на антиоксидантите зависи од бојата на просото, оние потемните имаат поголеми количества.

2) Просото е добра храна за здравјето на срцето

Освен што ова својство се должи на антиоксидативниот ефект, просото е од помош за срцевото здравје и на неколку други начини.

На пример, тоа е добар извор на магнезиум, минерал кој е значаен во регулирањето на крвниот притисок, а во студиите се покажал и како намалувач на ризикот од срцев удар, особено кај луѓето со некакви срцеви заболувања.

Просото е добар извор и на растворливи растителни влакна и одредени протеини, што може да делува на намалување на нивоата на холестерол, но и на маснотиите во крвта.

Знаеме дека високиот процент на холестерол и триглицериди во крвта е помеѓу најзначајните ризик-фактори, кога станува збор за кардиоваскуларните заболувања.

Дополнително, просото содржи фитонутриенти наречени лигнани, кои од користната цревна микрофлора се трансформираат во соединенија(најголемиот дел ентеролактони), кои освен што можат да имаат антиканцерогено дејство, делуваат заштитувачки и во однос на срцевото здравје.

3) Корисна храна и за дијабетичарите, но и за слабеење, дигестивно здравје

Како што веќе споменавме, просото е одличен избор на растворливи растителни влакна и нескробни полисахариди – два типа на недигестибилни јаглехидрати кои ја помагаат контролата на шеќерот во крвта.

Растителните влакна го намалуваат гликемискиот индекс на храната, односно брзината на преминување на глукозата во крвта е успорена. Дополнително, се врзуваат со водата во стомакот и промовираат чувство на ситост и се одлична храна за корисната цревна флора.

Овие факти се корисни, покрај за процесот на слабеење и здравјето на корисната микрофлората, за луѓето со дијабет.

Исто така, споменавме дека просто (како и повеќето полнозрнасти житарки) е богат извор и на магнезиум, минерал кој делува како кофактор за преку 300 ензими, вклучително и ензимите кој имаат улога во метаболизмот на глукозата и инсулинската секреција или лачење.

Сé поголем број студии укажуваат дека освен што полнозрнастите житарки го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни заболувања, тие го намалуваат и ризикот од дијабет тип 2.

4) Добра храна за превенирање од создавањето на жолчни камчиња


Одредени студии покажуваат резултати според кои просото и останатата храна богата со нерастворливи и растворливи растителни влакна, можат да им помогат на жените да ги избегнат непријатните симптоми, однсно појавувањето на жолчните камчиња.

На пример, една студија спроведена на околу 70 илјади жени, вели дека оние кои консумирале храна богата со фибер(било кој вид), имале за 13% намален ризик од развивање на жолчни камчиња, во споредба со оние кои не консумирале храна богата со растителни влакна. Нерастворливите влакна пак, се покажале како намалувачи на ризикот и до 17%.

Истражувачите сметаат дека ова дејство на фиберот се должи, не само на неговото дејство во однос на побрзото придвижување на хранта во дигестивниот тракт, односно добрата цревна перистатика, туку и на неговото намалувачко дејство во однос на лачењето жолчни киселини. Плус на тоа, подобрената инсулинска сензитивност и подобрениот вкупен липиден профил, кој исто така е можен со поголема консумација на растителни влакна, игра одредена улога.

Кои лица треба да го избегнуваат просото?

Просото содржи компоненти наречени гоитрогени кои студиите ги поврзуваат со нарушувањето на нормланата функција на тироидната жлезда. Сепак, според истражувања, потребни се доста големи концентрации од гоитрогените за да се покажат несакани ефекти! Повеќето несакани ефекти се  забележани кај пациентите со недостаток на јод.

Исто така, готвењето на храната со гоитрогени, значително ги деактивира.


Исклучок од ова е просото. За него, истражувачите велат дека може да биде штетно кај луѓето со проблеми со тироидната жлезда и во помали количества.

 

Што е тоа АМЛА – едно од најпопуларните овошја во светот?

Амлата е овошка со облик и големина на слива и специфичен киселкаст вкус. Широко  е распространета на Индискиот полуостров и се смета за централна билка во индиска Ајурведа, но застапена е и кај други традиционални медицини, каде била употребувана за цела лепеза на заболувања, како дијареа, хемороиди, гастритис, кашлица, астма, замор, анемија, очни проблеми итн.

Затоа, науката спровела огромен број на стдуии, чии резултати даваат одредено ниво на поткрепа на позитивните искуства од традиционалната медицина. Во продолжение нешто повеќе околу тоа.

Амлата се вбројува помеѓу најбогатите билки со антиоксидативни компоненти

Тоа е всушност една од главните причини за објаснување на нејзините многукратни корисни влијанија за човековото здравје.

Истражувањата утврдиле присуство на повеќе танински соединенија, алкалоиди, фенолни компоненти, сите сметани за моќни антиоксидативни агенси, клучни во борбата со оксидативниот стрес.

Иако се сметала за еден од најдобрите извори и на витамин Ц во природата, сепак истражувањата утврдиле дека позитивните дејства на амлата одат далеку над можностите на овој витамин.

Најновите истражувања велат дека сепак претходните студии утврдиле погрешни количества на витамин Ц и дека главно тоа биле друг хемикалии со слична структура на аскорбинската киселина.
Дополнително, оваа киселина се поврзува со другите присутни киселини во амлата, како галната на пример.

Ќе наведеме само неколку докажано моќни антиоксиданти, од навистина предолгата листа, чие присуство е утврдено во амлата:

гална киселина и нејзини деривати
◦ елагична киселина
◦ аскорбинска киселина (витамин Ц)
◦ кверцетин
◦ широк спектар на танински материи
◦ повеќе типови на кемпферолни супстанции

Борбата на организмот со оксидативниот стрес кој е предизвикан од слободните радикали е од особено значење за намалувањето на хроничните воспалителни процеси кои се вбројуваат помеѓу главните ризик-фактори за повеќе хронични заболувања.

Во една студија која ги испитувала антиоксидативните својства на преку илјада билки, токму амлата била во првите 4 најдобри.

Поради овие причини, научниците ја сметаат амлата за супер-антиоксидативна билка.

Амлата е добра за здравјето на црниот дроб

Екстрактот од амла во повеќето анимални студии се покажал како заштитувачки во однос на оксидативниот стрес во ткивото на црниот дроб. Ваквиот стрес се смета за главен виновник во оштетувањето на дробот, особено при алкохолизам.

Ова повторно се должи на моќното антиоксидативно дејство на компонентите од амлата и тоа пред сé на танинските материи, флавоноидите и одредени молекули кои се справуваат со негативното дејство на азотните оксиди.

Ваквата карактеристика ја прави оваа овошка одлична за лицата кои имаат проблем со алкохолот.


Здравје на кожата

Како и кај црниот дроб, амлата помага и за здравјето на кожата и тоа по сличен механизам – борба со оксидативниот стрес, овој пат предизикан од UV зраците на сонцето.

Кога истражувачите изложиле на директни сончеви зраци култура од кожни клетки наречени фибробласти, откриле дека додавањето на екстракт од амла делува позитивно во однос на компонентата наречен про-колаген 1 (прекурсор за синтеза на важниот протеин за здравјето на кожата – колагенот).

Други студии утврдуваат дека амлата може да помогне и при превенирање и третирање на оштетувањата од UV- B радијација. Заштитното дејство било 4 пати посилно од она на аскорбинската киселина (Ц-витаминот).

Заради овие причини, научниците заклучиле дека амлата може да се користи за заштита од т.н. фотостареење на кожата, односно оштетувања од сончевите зраци.

Потенцијално антиканцерогено дејство

Амла овошките во некои студии покажале заштитно дејство во однос на оштетувањето на гените, предизвикано од познатото карциногено соединение диметил бензен антрацен, но и заштитно дејство во одос на канцерот на коски.

Научниците сметаат дека тоа се должи на антиоксидативниот капацитет, модулаторното дејство на детоксифирачките ензими на црниот дроб, намалената липидна пероксидација и заштитата на клетките од различните токсични средства, како на пример од тешките метали (кадмиум, хром, алуминиум итн). Плус на тоа, амлата покажува и  имуностимулирачко дејство итн.

Најдено било и дека екстрактот од амлата делува инхибирачки во однос на општото оштетување на клетките од природниот процес на стареење. Значи, го намалува ризикот од малигни заболувања, а може да биде од помош и при самите заболувања. Вакво дејство покажуваат студиите правени во однос на канцерот на бели дробови, црн дроб, дојка, матка, дебело црево итн.

 

Ретки соединенија

Ќе го споменеме само ракот на бели дробови. Една студија од 2009 покажува изненадувачки резултати. Имено, моќната антиоксидативна компонента на амлата наречена фирогалол покажала  и силно антипролиферативно дејство на туморните клетки на ракот, односно значајно го спречила нивното размножување. Се прават повеќе истражувања на оваа компонента, за да може да се користи како третман за пациентите со рак на плуќа.

Дополнително, оваа билка покажува и сосема солидно позитивно дејство во однос на оштетувањата на клетките предизивкани од зрачење, но и од цитостатското дејство. Значи, не само што помага во превенцијата, туку и ги заштитува здравите клетки од тешките терапии при малигни заболувања, што е од особено значење за пациентите на хемотерапија.

Амлата може да помогне и при дијабетес, бубрежни, срцеви заболувања и депресија

Заштитни дејства на оваа билка се најдени и во однос на срцето, бубрезите и дијабетот.
Повторно, тоа е пред сé резултат на моќното антиоксидативно дејство.

Една студија утврдува дека амлата предизвикува намалување во еден од клучните ензими за дијабет тип 2, што се смета и за причина за намалувачкото дејство во однос на крвната глукоза во другите студии. Дополнително, таа содржи висока концентрација на растителни влакна што исто така е од помош при дијабетес.

Според анималните студии, екстрактот од амлата содржи и компоненти со антидепресивно дејство. Се смета дека ова дејство на компоненти е резултат на нивното антиоксидативно и инхибиторно или блокирачко делување врз работата на одредени ензими.

Синдром на скршено срце – може ли да се умре од тага?

Често можеме да чуеме од некого дека има ,,скршено срце”. Секако, ова е метафорички кажно, но постои и вистинска медицинска дијагноза позната како синдром на скршено срце.

Сигурно некогаш сте се запрашале како е можно двајца повозрасни сопружници да умрат еден по друг, во само неколку денови, иако едниот можеби немал некакво тешко заболување. Најверојатно во вакви случаеви се работи токму за синдромот на скршено срце, кој е предизвикан од енормно стресната ситуација. Но, постојат и други пример кога може да дојде до овој синдром.

Медицинските лица го нарекуваат уште и стресно-индуцирана кардиомиопатија.

Други причинители кои можат да го предизвикаат се и:

• тешки операции
• некои сериозни заболувања
• некакви економски проблеми
• сообраќајни несреќи
• емотивни сеќавања

Но. може да биде предизвикан и од ,,добар” шок, како на пример добивка на огромна сума пари на игри на среќа.

Што всушност се случува?

Се смета дека при синдром на скршено срце, дел од срцето наречен лева вентрикула или попознат како лева комора, привремено ослабнува и настануваат сериозни проблеми со испумпувањето на крвта.

Експертите исто така веруваат дека коронарните артерии кои што го хранат срцевиот мускул со кислород, на еден начин се згрчуваат. Ова може да создаде силна болка во градите.

Ако ваквата состојба брзо не се третира, може да биде смртоносна исто како и срцевиот удар.


Симптоми

Најчестите симптоми се болка во градите и недостаток од здив, односно пациентот има чувство слично на срцевиот удар. Дополнително, можни се и:

◦ збунетост и замор
◦ намален крвен притисок
◦ гадење
◦ неправилни отчукувања на срцето

Симптомите настануваат неколку часа по нагло настанатиот стрес или шок.


Ризични групи

Жените се поподложни од мажите на синдромот на скршено срце. Ова е особено случај кај жените над 50 годишна возраст, што веројатно е резултат на пониските нивоа на естроген, но докторите не се сосем сигурни за точните причини.

Експертите исто така веруваат дека генетиката игра сериозна улога, но луѓето со одредени здравствени нарушувања се најризични:

• луѓето со тешки повреди на главата
• луѓето со епилептични напади
• луѓето со психички нарушувања како депресија и анксиозност

Дијагностицирање

Ако докторот се сомнева на оваа дијагноза, можно е да препорача неколку тестови кои ќе ја докажат, како што се:

физички преглед и историја на болести – поставување прашања за симптомите и за тоа дали неодамна е доживеан некаков силен акутен стрес

ЕКГ(електрокардиограм) – преглед на ритамот и структурата на срцето.

крвна слика – може да укаже на некакви срцеви оштетувања.

коронарен ангиограм – тест за заболувања на коронарните артерии.

ехокардиограм – овој ултразвучен метод му овозможува на докторот да забележи некакви промени во правилниот облик на срцето, односно дали постојат некакви зголемувања.
рентген – исто така може да укаже на неправилности во обликот на срцето, но и да покаже дали причинител на симптомите се некакви проблеми со белите дробови.

Терапија

Синдромот на скршено срце се лечи. Докоторите препишуваат специјални медикаменти за третирање на срцевото затајување, како на пример: ACE инхибитори, бета-блокери и диуретици.

Опоравување

Компликации се можни, но сепак луѓето кои го преживуваат првичниот ,,напад” на срцето предизвикан од силниот акутен стрес, најчесто целосно се опоравуваат во наредните 4 до 8 недели.

Значи, вистина е, се умира од „скршено срце”.

7 причини зошто да пиете чај и во лето!

Пиењето на чај е традиционален ритуал во повеќе земји ширум светот: Индија, Велика Британија, Кина, земјите од Блискиот Исток, Северна Африка итн.

Кај нас, исто така постои ваков обичај, но генерално во зима или во периодот на грипови.

Нашите предци ги користеле чаевите во традиционалната медицина со векови, а веројатно тоа било резултат на некаква позитивна пракса. Врз база на искуствата на традиционалната медицина, научниците денес прават доста истражувања за да проверат дали навистина одредени типови чаеви можат да бидат од корист за здравјето.

Во текстов ќе се осврнеме на тоа што вели науката за чаевите и ќе дадеме повеќе причини зошто пиењето чај е соодветно и во топлите пролетни и летни месеци.

Чајот може да биде релаксирачки ритуал

Можеби изгледа најлесната работа на светот, но способноста на момент да се одвоите од секојдневната реалност и не е така едноставна работа.

Затоа ни се значајни ритуалите кои не релаксираат, а можеби и не сме свесни за тоа.

Помеѓу примерите за позитивни релаксирачки ритуали е и редовното пиење чај.

Интересно е како нашиот мозок некогаш и сосем несвесно, суптилно ги употребува овие кратки моменти на уживање кои можат да делуваат амортизирачки на насобраниот стрес во текот на работната недела и значително да ни помагаат полесно да поминеме низ секојдневните предизвици.

Значи, тие можат да бидат доста успешен начин за справување со хроничниот стрес, што директно допринесува за подобрен квалитет на живот во целина, бидејќи знаеме дека ваквиот стрес на долг рок, во комбинација со повеќе други елементи може да води и кон намален имунитет, нарушена дигестија, когнитивна функација, нарушен сон, но и некои посериозни заболувања.


Чајот може да биде добар и за физичкото здравје

Покрај тоа што различните чаеви ни обезбедуваат уживање во нивните различни, богати вкусови и се позитивен релаксирачки ритуал, сé поголем број истражувања укажуваат дека чаевите можат да бидат од особена корист и за различни аспекти од нашето здравје.

На пример, една 7-годишна кинеска студија која за испитаници имала над 100 илјади луѓе, утврдила дека оние кои редовно пиеле чај, имале помала веројатност од развивање кардиоваскуларни заболувања. Поврзаноста на доброто кардиоваскуларно здравје и пиењето чај била најцврста кај оние што пиеле чај најмалку еднаш на дневна база, односно кај т.н. ритуални уживатели.

Според споменатото истражување овие уживатели во просек живеат околу 1 година повеќе од оние кои не пијат или многу ретко пијат чај.

Дополнително, како и од некои претоходни студии, утврдено било дека пиењето чај може да помогне при хипертензијата – прв ризик-фактор за срцевото здравје.

Зелениот чај бил издвоен како најдобар, пред црниот. Се смета дека пред сé позитивниот ефект на зелениот чај се должи на неговата богата антиоксидативна содржина.

Главните антиоксиданти се флавоноидите, биоактивни компоненти кои преку спречувањето на оксидативниот стрес, се борат со хроничната инфламација. Оваа инфламација е помеѓу главните ризик-фактори за повеќето хронични заболувања.

Хербални и нехербални чаеви

Всушност сите нехербални чаеви се направени од листовите на растението Camellia sinesis, а од процесирањето зависи дали тие ќе завршат како црн, зелен или оолонг чај. Нехербалните чаеви се сметаат за ,,вистински“ чаеви.

Зелениот чај е најмалку процесираната варијанта и е најбогат со полифенолни антиоксиданти, помеѓу кои најважен е катехинот. Затоа најчесто зелениот чај се препорачува и како најздрав.

Хербалните чаеви, за разлика од нехербалните, можат да се направат од било кој дел од растението, а најчесто се комбинации од различни елементи на различни билки. Одредени хербални чаеви се познати по лековитата вредност, најчесто во однос на олеснување на симптомите на повеќе дигестивни нарушувања.

7 научно-засновани здравствени бенефити од различните видови чај :

Антивоспалително дејство – борба со слободните радикални, но некои студии велат дека чаевите можат да не зашитат и токсините на загадениот воздух.

◦ Олеснувачко дејство при повеќе дигестивни нарушувања

◦ Помала содржина на кофеин од кафето – значи добра замена за кафе кај оние што имаат проблем со кофеинот.

◦ Намален ризик од кардиоваскуларни заболувања

◦ Можат да помогнат при намалувањето на телесната тежина – близу до 0 калории

◦ Заштитно дејство во однос на коските – витамин К

◦ Имуностимулирачко дејство и антиканцерогено дејство

Во некоја од наредните статии ќе се осврнеме поконкретно на некои чаеви со најдобро дејство по човековото здравје.

Жешкиот чај треба да се пие и во лето!

Периодот кој следи пред нас ќе биде најверојатно со навистина високи температури.

Зборовите чај и лето некако не одат во една иста реченица, но едно истражување значително ја менува перспективата. Верувале или не, жешкиот чај во текот на летните горештини може да ни помогне да се оладиме.

Ваквото тврдење во повеќе земји и не е толку изненадувачко. Имено, во Мароко, земја во северна Африка, летните температури многу често го надминуваат 45-тиот степен, но сепак луѓето не ја исклучуваат навиката за пиење топол чај. Ова не е случај само во Мароко туку и во повеќе земји со тропска, па и екватроска клима.

Ваквиот обичај во топлите краишта ги заинтригирал научниците да проверат што се случува, па Скандинавското физиолошко друштво спровело студија во 2012 година. Испитувани биле топлинските ,,резерви” на 9 мажи, по нивната физичка активност, а потоа биле мерени физичките реакции на телото од пиењето течности со различен опсег на температури.

Заклучокот бил дека волонтерите изгубиле повеќе топлина, односно повеќе се ,,оладиле”
по пиењето на флуиди со повисоки температури.

Истражувачите сметаат дека како причина за ова може да се смета дополнителното стимулирање кое го прави топлиот пијалак на термо-сензорниот систем на организмот. Тоа понатаму предизвикува поинтензивно потење, а преку него и губење на топлината, односно  ладење.

Тоа е една од причините и зошто луѓето кои живеат во потоплите краишта јадат жешки супи и чорби во топлите денови.

Извонредниот ефект на градското ЗЕЛЕНИЛО врз МЕНТАЛНОТО здравје

Една неодамна објавена долгорочна и сеопфатна студија на Орхус Универзитетот од Данска, спроведена на националнo ниво  утврдува дека изложеноста на зеленило во детството – паркови, шуми, рурални средини, ливади – значително го намалува ризикот од низа ментални нарушувања подоцнежните години од животот.


Зелените градови се иднината


Се смета дека оваа студија значително ќе влијае на дизајнирањето на новите градови во иднина, но и на поголемото зазелнување на постоечките градови. Зеленилото има повеќекратно позитивно дејство во урбаните средини.

Позитивно дејство во однос на животната средина, физичкото здравје на луѓето (помало загадување, повеќе свеж воздух итн), но и на визуелниот ефект.

Постоеја широко распространети тези, но и студиски тврдења според кои зеленилото делува позитивно и на менталното здравје, а споменатата студија, инаку најголемата епидемиолошка студија на оваа тематика(објавена во Proceedings of the National Academy of Sciences), уште еднаш ги потврдува ваквките тези и дава еден дополнителен, силен аргумент за зголемувањето на зелените површини во градовите.

Што испитувала студијата?


Три работи биле клучни за да биде можно ова истражување, данскиот регистар и архив со детални географски, сателитски снимки од целата територија на Данска, внимателно водените здравствени досиеја од здравствените институции, но и социоекономските податоци за граѓаните. Истражувачите можеле да ,,отидат” наназад во историјата, дури до 1985 година, без недостаток од информации во споменатите 3 тематики.

Сателитските снимки биле вкрстувани со здравствените досиеа на речиси милион Данци, главно во однос на нивното ментално здравје.

Треливите научници добиле резултати според кои оние Данци кои детството го поминале во средини со повеќе зеленило, имале дури 55% помал ризик од развивање на некое ментално заболувања, вклучително депресија, анксиозност и други, но и исто толку помала веројатност за склоност кон некакви пороци во подоцнежните години од животот(алкохол, пушење, психотропни супстанции итн.).

Значи, влијанието на зеленилото во периодот на детството е од особено значење.

Според студијата, зеленилото е речиси подеднаков ризик-фактор за менталното здравје како наследниот или генетскиот фактор и раниот родителски период(период кога се најчести менталните нарушувања). Единствено посилен фактор кој влијае на развивањето ментални заболувања е социоекономскиот статус.

На кој начин делува зеленилото?

Иако истражувачите не можеле да го утврдат точниот механизам на влијание и сé уште работат на проблематиката, јасно е дека зеленилото стимулира физичка активност, поинтензивна социјализација, ги намалува загадувањето и изложеноста на бука, но делува и имуностимулирачки.

Изложеноста на корисна, но и помали количини на штетна микрофлора ја стимулира работата на имуниот систем и го зајакнува имуниот одговор, па тој е спремен подобро да го брани организмот кога има навистина потреба од одбрана.

Исто така, зеленилото може позитивно да придонесе при лекување на некои психолошки нарушувања – зелениот простор делува особено смирувачки за ,,престимулираните“ или пренадразнетите умови.

Студијата утврдила дека дејството е најсилно позитивно при депресија, невротично однесување и други состојби поврзани со хроничниот стрес. Дополнително, позитивниот ефект зависел од временскиот интервал на изложеност – оние кои биле подолго изложени, имале помал ризик од ментално здравје.

Урбаните средини, ризик-фактор за психички нарушувања

Некои претходно правени истражувања покажуваат дека индивидуите кои живеат во градски средини имаат зголемен ризик од нарушено ментално здравје. Специфичниот механизам на дејство и тука не е сосема јасен, но покажано е дека оние кои живеат во урбаните средини имаат поголема неврна активност, што се поврзува со хроничен стрес. Ваквиот стрес е прв ризик-фактор за низа на ментални заболвувања.

Ова се загрижувачки податоци, бидејќи повеќе од половината од светското население живее во вакви средини, а дополнително трендот на урбано живее во догледно време ќе расте и тоа најверојатно експоненцијално. Така, научниците од областа на медицината се во постојана потрага на среднорочни, но и подолгорочни решенија во однос на менталните нарушувања.

Едно од нив може да биде, одредени квоти со задолжително зеленило во новоизградените градови и постепено зазеленување на огромнен дел од површините на постоечките градови. На пример зеленило на крововите од зградите и во секоја друга  можна достапна површина која може да се искористи за ваква намена.

Извор:
(2019) Residential green space in childhood is associated with lower risk of psychiatric disorders from adolescence into adulthood.

 

Повторно прогласена за најдобра исхрана на годината – Медитеранска исхрана 2020!

Постојат многу видови диети, но Медитеранскиот начин на исхрана доминира над нив со својата научна потврденост, како и со вековната традиција.

Што подразбираме под Медитерански начин на исхрана?

Генерално е прифатено дека луѓето кои живеат во медитеранскиот регион имаат подолг животен век и помалку страдаат од хронични заболувања.

Не се работи за некоја посебна тајна, луѓето во овие региони водат физички поактивен живот, јадат претежно храна без додадени шеќери, заситени масти, месото го избегнуваат, мастите претежно ги добиваат од маслиновото масло и јатките, а препроцесиранта храна е реткост.

Така, Медитеранската исхрана може да понуди низа на здравствени бенефити, вклучително губење на килограмите, поздрави срце и мозок, превенција од канцер, контрола и превенција на дијабетот итн.

Не постои ,,една” Медитеранска диета. Грците јадат различно од Италијаните, кои пак јадат различно од Французите, Шпанците и оние на блискиот исток. Сепак, принципите се споделени.

Убедливо најдобар начин на исхрана помеѓу постоечките, според научниците од областа!

35 начини на исхрана биле рангирани по различни основи од панел здравствени експерти. Во повеќето зададени параметри Медитеранската исхрана била прва, а била прогласена за најдобра и во вкупниот пласман, односно по анализирањето на сите параметри заедно.

Таа добила највеќе гласови во конкуренцијата за најдобра растително-базирана исхрана, најдобра исхрана за дијабет, најлесно прифатлив здрав начин на исхрана и што е исто така значајно – најлесна исхрана за примена во секојдневнието. Второто место го освоила во однос на најдобрите начини на исхрана за срцевото здравје.

Како функционира Медитеранскиот начин на исхрана?

Бидејќи овој начин на исхрана се базира на одредени принципи, а не на точно структурирана диета, самите одлучувате колку калории треба да изедете за да ја намалите или зголемите телесната тежина, која физичка активност ќе ја изберете и како ќе го ,,обликувате” менито од препорачаните намирници.

Т.н. Медитеранска пирамида на исхрана би требало да ви помогне полесно да почнете.
На самото дно од пирамидата се наоѓа свежата храна (овошје, зеленчук), полнозрнаста храна, мешунките, маслиновото масло и некои билки и зачини. Значи, ова е базата, овие намирници треба да се секојдневние и можат да се консумираат и во поголеми количини.

На следното скалило се наоѓаат рибата и останатата морска храна, што треба да се јадете до неколку пати во неделата. Последното скалило е резервирано за јајцата, сирењето и јогуртот, тие треба да се на трпезата максимум два пати неделно.

Белото месо и слатките се можеби за некои специјални пригоди

Уште некоја чаша црвено вино во текот на неделата и умерена физичка активност и нема некоја поголема филозофија, подготвени сте да ја следите оваа исхрана. За среќа е  блиска и до нашата традиционална, па тоа ја прави дополнително полесна за прифаќање и усвојување.

Дали е скапо да се храниме ,,медитерански”?

Иако некои продукти знаат да чинат доста, како маслиновото масло, јатките и рибата, сепак базата на оваа исхрана е составена од продукти кои се лесно достапни и со прифатлива цена, како: мешунките, овошките, зеленчукот, житарките итн.

Поскапите намирници, исто така повеќе траат и се купуваат поретко.

Цената може да зависи и од вашиот избор на одредени намирници, но генерално земено, Македонија е богата со разни видови на квалитетна свежа храна, мешунки и полнозрнасти житарки со достапни цени.

Може да се каже дека потрошените средства се во најмала рака исти како оние при типичната македонска, не толку здрава, обемна исхрана.

Дали може да ни помогне во слабеењето?

Медитеранскиот начин на исхрана може да помогне за намалување на телесната тежина.

Ова е случај и покрај тоа што Медитеранската исхрана содржи повеќе намирници со значителен процент на маснотии(маслиново масло, авокадо, маслинки, сирење, јатки итн). Сепак, овие масти се сметаат за здрави и сé повеќе истражувања ни укажуваат дека од нив имаме разни видови на бенефити, меѓу кои и здраво слабеење.

Секако дека количините се важни, на крајот кога станува збор за слабеењето, од огромно значење е калорискиот дефицит, односно да внесуваме помалку калории од што трошиме.

Значи, ако сте во калориски дефицит и јадете од горенаведените продукти богати со здрави маснотии, сигурно нема да се здебелите, дури ти ќе ви бидат од помош.

Низа на студии се правени на оваа тематика, ќе наведеме 2:

• Една студија од 2018 за испитаници имала над 30 илјади Италијанци. Анализирани биле нивните навики во однос на исхраната. Истражувачите заклучиле дека следењето на Медитеранската исхрана е директно поврзано со намалена веројатност од гојазност и од зголемен обем на струкот.

• Една мета-анализа на 21 студија, објавена во 2008 дава резултати според кои следењето на оваа исхрана може да води кон намалување на телесната тежина кај оние со вишок, но  кон намален ризик од гојазност.

Неколку причини зошто е толку лесна за следење и усвојување како навика?

Нема строги, ригоризни ограничувања

◦ Никогаш нема да бидете гладни, напротив, а ќе слабеете

◦ Лесно достапни, вкусни и рецепти лесни за приготвување

И конечно, Медитеранската исхрана е блиска до нашето поднебје. Кога ќе започне човек доследно да ја применува, нема чувство дека следи некој чуден начин на исхрана. Напротив, тоа е храна која носи во себе долга традиција, не е измислена од никого, не е последица на некој тренд во светот, туку веќе неколку децении полека, но сигурно го докажува своето значајно место во човековото здравје.

Болки во ЗГЛОБОВИ – може ли преку исхрана и суплементи да си помогнеме?

Покрај пандемијата со коронавирусот, во последно време постојат и повеќе други состојби со пандемски размери, а помеѓу нив и болките во зглобовите.

Причините за овие непријатни болки можат да бидат најразлични: од ситни физички повреди, истегнувања, па се до хронични заболувања. Сепак, најчесто е хроничното заболување – артритис.


Што е артритис?

Артритисот генерално означува состојба на воспаление на зглобовите. Но, терминот се употребува за опишување на околу 200 состојби кои предизвикуваат некакви проблеми со зглобовите, ткивата кои ги опкружуваат, како и други сврзни ткива.

Поголемиот дел од овие 200 состојби се ревматоидни, односно хронични. Порано се сметаше дека артритисот е типичен само за постарите лица, но денес знаеме дека може да ги погоди и помладите.

Најчестата форма на артритис е остеоартритисот. Други, исто така чести форми на ова заболување се и ревматоидниот артритис, фибромијалгија и гихт.

Типичните симптоми на хроничните ревматоидни заболувања, освен болки во зглобовите, вклучуваат и отоци, вкочанетост, но и низа на други симптоми, кои се развиваат постепено, но се јават и одеднаш. Одредени ревматоидни состојби можат исто така да бидат поврзани со имуниот систем, но и некои органи.

Колку за илустрација во однос на застапеноста на овие заболувања, според податоците од американскиот CDC или Центарот за контрола и превенција на заболувања, во САД има 54,5 милиони возрасни лица со некаква форма на артритис, што е над 20% од возрасното население!

Оваа состојба значително влијае на она што значи квалитет на живот во целина. Во продолжение ќе видиме дали ја има и каква е врската на овие заболувања со исхраната и како можеме самите да си помогнеме.

Кои се можните причини што водат кон развој на овие заболувања?

Не постои единечна причина која директно води кон било кој тип на артритис. Обично, постојат повеќе ризик-фактори зависно од формата на артритисот.

Можни причини се:

хронична инфламација

повреда, што може да води кон дегенеративен артритис

нарушен метаболизам, кој води кон гихт

генетски, најчести кај остеоартритис

инфекции – Лајмска болест

нарушен имунитет – ревматоиден артритис, лупус

Некои луѓе се генетски склони кон одреден вид артритис, но сепак, дополнителните фактори како повреди, инфекции, пушење, напорна физичка работа веројатно се во релација со експресијата на тие гени.

Исхраната, исто така може да игра значајна улога. Во зависност од тоа како се храниме, исхраната може да биде ризик-фактор или помош при третирањето на артритис, а што е позначајно може да биде и превенција од него. Ова е особено важно кај оние типови артритис кои се поврзани со метаболизмот, како што е гихтот на пример.


Ризик-фактори за артритис на кои не можеме да влијаеме:


◦ возраст –
со возраста, се зголемува ризикот
◦ пол –
жените се поризични, 60% од пациентите со артрит, се жени.
◦ генетски фактори


Ризик-фактори на кои можеме да влијаеме:


◦ прекумерна телесна тежина –
ваквата состојба го зголемува ризикот од развој, но и прогресијата на артритичните заболувања. Правилната исхрана може да помогне.
◦ повреди –
треба да бидеме внимателни при секоја физичка активност, особено ако често сме активни
◦ инфекции
◦ хипертензија
◦ пушење


Третман

Третирањето подразбира соодветни медикаменти и физикална терапија, во зависност од индивидуалната состојба на пациентот.

Сепак, во текстов ќе се фокусираме на она што ние самите можеме да го направиме за да си помогнеме. Главно тоа се одвива преку она што значи здрав начин на живот, а ќе наведеме и кои суплементи најчесто можат да бидат од помош.

Значи, важни фактори при лекувањето, но и превенцијата од артритис се и: физичка активност(притоа грижа да не се нанесува непотребен дополнителен стрес на зглобовите), губењето на телесната тежина преку правилна исхрана, усвојување на антивоспалителна исхрана (Медитерански начин на исхрана), суплементирање, редовни прегледи, добар биоритам, сé на сé, работи кои зависат од здравствената едукација на една индивидуа.

• Физичка активност

Истражувањата велат дека пациентите со артритис можеби ќе почувствуваат мало зголемување на болките со почнувањето на некаква активност, но ако активноста стане редовна, ефектите се одлични – кај некои поединци симптомите се намалуваат и долгорочно.

Треба да внимавате активноста да не е пренапорна за зглобовите (како планинарење или качување по скали), за другото не треба многу да се грижите. Статистички гледано, многумина од пациентите со артритис страдаат и од некои кардиоваскуларни заболувања, па така физичката активност може да биде и дополнително корисна.

Неколку активности, добри за вашите зглобови: пешачење, пливање, возење велосипед, работење во градината итн.

• Медитеранска исхрана – најдобар избор при артритис

Можеби најчесто поставуваното прашање од луѓето со артритис е каква исхрана треба да имаат и дали постои ,,специјална” исхрана за нивната состојба. Таква специјална исхрана не постои.

Но, според повеќе експерти на тема артритис и според Американската фондација за артритис, убедливо најдобрата исхрана за оваа состојба е Медитеранската.

Таа може да ви помогне и во намалувањето на килограмите, но треба да се знае дека ова не е диета, туку начин на исхрана, што значи усвојување на трајни навики. Ваквиот начин на исхрана е добар за секого, а во продолжение, зошто е најдобар за пациентите со артритис.

Низа студии потврдуваат дека Медитеранската исхрана може да:

◦ делува на намалување на високиот крвен притисок
◦ делува заштитувачки од инфламаторните хронични заболувања, помеѓу кои освен артритис и канцер, кардиоваскуларни заболувања итн.
◦ делува еднакво корисно на зглобовите како и на срцето
◦ делува на намалување на телесната тежина

Зошто Медитеранската исхрана е најдобра и при артритис?

При артритис, најважно е да јадеме ниско-калорична храна богата со растителни влакна и антиоксиданти – витамини, минерали, масни киселини (омега 3,6) и некои други специфични компоненти со антиоксидативно дејство. Всушност, храна која може да се бори со хроничната инфламација – прв ризик-фактор за артртис.

Најчестите намирници на медитеранската диета се богати токму со овие компоненти, односно тоа се свежите овошки и зеленчук, полнозрнастите житарки, мешунките, рибата, јогурт и здравите маснотии, како маслиново масло и јаткасти плодови итн.

Едноставни промени во вашата постоечка исхрана можат значително да ве доближат до оваа исхрана. Ова вклучува:

• јадење повеќе храна богата со растителни влакна, скробна храна, компири, грав, грашок, леќа и полнозрнасти житарки, интегрален леб и паста.

• јадење повеќе свежа храна – овошки, зеленчук

• што е можно поминимално консумирање на месо и млечни производи

• избегнување на било каква процесирана храна (храна богата со додадени шеќери, заситени маснотии и многу сол)

Некои суплементи кои можат да бидат од помош:

Пред земањето на било каков суплемент, треба да се консултирате со лекарот кој будно ја следи вашата здравствена состојба. Тоа е пред сé важно заради дозирањето, но и можната интеракција на различните суплементи со одредени медикаменти кои често се употребуваат. Според истражувањата, суплементи и типови храна кои дале некакви позитивни резултати во однос на артритис се:

1. Босвелиа серата – активната компонента на оваа билка има силни антивоспалителни и аналгетски својства.

2. Капсицин – оваа компонента од пиперките може да делува на намалување на една супстанца која учествува во пренесувањето на сигналите на болка – аналгетско дејство.

3. Куркума
– се покажала како добра во намалувањето на отоците преку блокирањето на инфламаторните цитокини и ензими.

4. Авокадо и соја ладно цедено масло
– можат да делуваат антиинфламаторно.

5. Омега 3 масни киселини – делуваат на инхибирањето на воспалителните протеини – цитокини, а се трансформираат од организмот и во одредени моќни компоненти со антивоспалително дејство.

6. Гама линоленска киселина – омега 6 масна киселина која исто така телото ја трансформира во моќно антиоксидативно средство.

7. Ѓумбир – во студиите, неговото суплементирање покажало слично ефекти како на ибупрофенот.

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор