fbpx

Постои и ДИЈАБЕТ ТИП 3! Како да го намалиме ризикот од развивање?

tonus

Знаеме дека дијабетот тип 2 не е нешто со кое се раѓаме. Тој се развива во текот на годините. Иако порано се сметал за нешто што е карактеристично за постарите, денес сè повеќе помлади луѓе страдаат од него. Главните причини се лошите навики, односно неправилниот начин на живот. 

[Поврзано: Дијабетот тип 2 може да се излекува]

Дијабетот тип 2 започнува со состојба наречена предијабет. При предијабет, шеќерните нивоа се високи, но не доволно за да може да се дијагностицира дијабет тип 2.

Главната одлика на овој тип дијабет е инсулинската резистентност – многу повеќе за неа, прочитајте тука. Инсулинот е всушност неопходниот хормон што има ,,задача” да го внесе шеќерот од крвотокот во нашите клетки, со цел обезбедување на нивните енергетски потреби.

"“Online”/

[Поврзано: Како ПРЕДИЈАБЕТОТ да не премине во ДИЈАБЕТ?]

Предијабетот е жолт картон

Огромен дел од популацијата ги исполнува критериумите за оваа состојба. Почнувањето со промени во навиките уште кога имаме предијабет е клучно да се случи уште пред да се развие дијабетот тип 2.

Студиите покажуваат дека дијабетот тип 2 го зголемува ризикот за Алцхајмеровата болест за цели 60%. Заради силната поврзаност помеѓу овие две заболувања, експертите од областа честопати ја нарекуваа Алцхајмеровата болест – дијабет тип 3, иако според релевантните медицински институции дијабетот тип 3 не е официјална здравствена состојба и Алцхајмерот не се смета за дијабетично заболување. 

За жал, дури и ако лицето со дијабет тип 2 не развие дијабет тип 3 или Алцхајмер, голема е веројатноста дека во одреден период од живот ќе има проблеми со меморијата.

Алцхајмеровата болест е најзастапениот тип на деменција. Статистиките од САД покажуваат дека 1 од 8 луѓе ќе развие Алцхајмер по 65-тата година. По 85-тата, ризикот е дури 50%.

[Поврзано: Водењето здрав живот – клучен фактор и во превенцијата од деменција]

Кои се предупредувачките знаци за дијабет тип 3?

Како што веќе споменавме, лицата со дијабет тип 2 и кога не развиваат Алцхајмерова болест, имаат повеќе проблеми со меморијата, во споредба со тие што не се соочуваат со ,,шеќерната болест”. Дополнително, кај нив поверојатни се и проблеми со т.н. егзекутивни функции на мозокот. Се мисли на позахтевните мозочни функции, како организирање, планирање и носење на одлуки.

Бидејќи дијабетот тип 2 во најмала рака го дуплира ризикот од Алцхајмер, важно е лицата со дијабет да бидат добро свесни за симптомите на ,,дијабетот тип 3”, како:

  • Проблеми со меморијата
  • Намалена способност за учење
  • Намалени егзекутивни способности
  • Промени во личноста и во расположението
  • Намалена способноста за комуникација
  • Постепено намалување на способноста за секојдневните активности

Како дијабетот тип 2 може да премине во тип 3?

Рековме дека самото дијагностицирање на дијабет тип 2 го дуплира ризикот од Алцхајмер, но други параметри уште повеќе допринесуваат во оваа насока, како на пример високиот крвен притисок, генетскиот фактор, гојазноста, спиечката апнеа итн.

Иако конкретниот биолошки механизам според кој дијабетот тип 2, преминува во тип 3 не е познат, постојат повеќе можни објаснувања:

  • Високите нивоа на глукоза имаат потенцијал да предизвикаат воспалителни процеси во мозокот, што го зголемува ризикот од оштетување на нервните клетки предизвикано од специфични протеини.

  • Високото ниво на глукоза во крвта ги оштетува крвните садови и го намалува протокот на крв до мозокот. Ова секако може да доведе до изумирање на клетките во мозокот и Алцхајмер.

  • Инсулинската резистентност ја намалува способноста на мозочните клетки да го користат инсулинот за енергија. Ова исто така поседува потенцијал да направи оштетувања на мозочните клетки.

Како да го намалиме сопствениот ризик за развивање дијабет тип 3?

Практикувајќи добри животни навики, можете да си го преполовите ризикот од развој на Алцхајмер. ,,Лајфстајл” промените би биле:

  • Практикување редовна физичка активност од најмалку 30 минути во текот на денот. Активноста може да биде и сосема умерена, а ако е поинтензивна, не мора да е секој ден од неделата.

  • Здрав начин на исхрана – пред сè избегнување на црвени меса и процесирана храна, многу свежа храна и полнозрнести житарки.

  • Одржување на нормалната телесна тежина, што е директно поврзано со претходните две точки. Масните наслаги во пределот на стомакот се значаен ризик-фактор за дијабет и Алцхајмер.

  • Ако веќе имате дијабет, успешното контролирање е многу важно и во оваа насока. Како до подобра контрола при дијабет, прочитајте тука.

  • Вежбањето на телото не е доволно, вежбајте го и умот. Најдете начин постојано мозокот да го држите ,,буден”.

  • Ако имате одредени метаболитички проблеми, како предијабет, покачен притисок, нарушен липиден профил, немојте да ги оставате нетретирани.

Гледаме дека всушност најдобриот начин за превенирање на дијабет тип 3 е превенцијата на дијабетот тип 2. Добрите вести се: лајфстајл промените се ефикасни и во борбата против деменцијата. Многу повеќе на оваа тема, прочитајте тука.

[Поврзано: Деменција – музиката има ТЕРАПЕВТСКА вредност!]

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор