fbpx

Неколку идеи за остварливи и позитивни промени во НОВАТА ГОДИНА!

tonus

Со пристигнувањето на Новата година, луѓето често добиваат зголемена мотивација, желба и волја за промена, па тоа всушност претставува одлична шанса и прилика за одредени измени во начинот на кој живееме. Затоа, во продолжение ќе издвоиме неколку најдобри, најреални и најостварливи промени кои може да ги направите оваа година, а кои ќе допринесат кон ваше подобро здравје и подобар квалитет на живот.

 

На што се должи зголемената мотивација кога започнува новата година?

На сите нам ни е добро познато истото чувство – со пристигнување на Новата година, посакуваме одредени промени и „чистка“ од старите, лоши навики. Сакаме да започнеме со нови, подобри навики и начин на живеење. Тоа е сосем нормално и всушност голем број психолози го имаат проучувано ваквиот феномен. Па, на што всушност се должи овој „наплив“ на мотивација и желба за промена?

Новата година со себе носи одредено чувство на нов почеток или шанса за промена. Покрај почетокот на годината, родендените, свадбите и одредени други постигнувања и прослави може да имаат сличен ефект. Одредени студии ги следеле навиките на испитаници и истите покажале дека периодот околу дочекот на Новата година, бележи огромен раст на мотивација – особено во областа на физичката активност и исхраната. За појавата на овој тип зголемена мотивација, научниците имаат повеќе можни објаснувања.

"“Online”/

 

Прво, празниците, родендените и останатите прослави се период кога накратко се прекршува и запира секојдневието, па луѓето чувствуваат малку поинаква енергија во живеењето. Луѓетодобиваат подароци, повеќе љубов и честитки од најблиските, но се зголемува и засилува социјалниот аспект со пријателите и колегите. Сето ова може да допринесе кон подобро расположение, мотивираност и нова волја за промени.

Второ, научниците сметаат дека претходните неуспеси и неодржаните ветувања кон самите себе, се додаден двигател за превеземање на нови предизвици и промени. Доколку нешто сме си ветиле минатата година и не сме успеале да го оствариме, истото може да внесе нова мотивација за идна промена.

За крај, научниците сметаат дека секојдневните обврски и проблеми се она што ги загушува нашите желби, особено за подобар начин на живот и подобро здравје. Затоа, периодот на празниците и слободното време кое тој го нуди е одличен начин за започнување на навики кои ќе се обидеме да ги задржиме и во остатокот од годината.

 

Кои се дел од најдобрите промени што може да го подобрат квалитетот на нашето живеење?

 

1 . Практикувајте повеќе физичка активност и движење – голем дел од работните места подразбираат седење многу повеќе отколку што е здраво за нас. Затоа, искористете ја секоја прилика и одржувајте го своето тело. Дури и само 10-15 минутно раздвижување има позитивен ефект за нашето здравје.

2 . Хранете се поздраво и внимателно одбирајте ги намирниците – цел која треба секој од нас да се стреми да ја достигне. Здравјето доаѓа првенствено од храната, а врз неа ние имаме целосна контрола. Затоа, внимателно одбирајте што внесувате и стремете исхраната да биде што е можно поразновидна и нутритивна. Насочете се кон повеќе овошје и зеленчук, риба, полнозрнести житарки, ниско-маслени млечни продукти, пилешко или мисиркино месо, јатки, семки, маслиново масло и сл.

3 . Спијте доволно и квалитетно – не го потценувајте значењето на сонот. За важноста од квалитетен сон редовно зборуваме на нашиот блог, а тоа е така со причина – спиењето е чувар на нашето здравје. Тоа може да го зајакне нашиот имун систем, може да допринесе кон намален ризик од голем број заболувања, подобра концентрација и когнитивни функции и сл.

4 . Одвојте време за себе и за релаксација – претходните две години ни укажаа колку е всушност важно да одвоиме малку време за себе и најблиските. Слободното време користете го максимално и потрудете се да бидете опкружени со луѓето кои ви значат и кои се извор на позитивна енергија. Испробајте ново хоби, спорт, рекреација или пак уживајте во малите нешта кои ви значат. Ваквите активности имаат особено позитивен ефект врз здравјето, главно преку регулирање на стресот, подобрување на расположението и сл.

5 . Подготвувајте повеќе домашни оброци – истражувањата покажуваат дека домашно подготвените оброци се речиси секогаш подобра и поздрава опција од купечките. Луѓето кои почесто готват дома имаат најчесто подобра и поздрава телесна тежина и помалку масни наслаги. Исто така, готвењето може да биде и активност која опушта и ви ги зема мислите, па истото може да биде и позитивно за менталното здравје. Затоа, одвојте малку време и подгответе повеќе домашни оброци, а доколку слободното време ви е проблем, размислете за планирање однапред на оброците.

6 . Поминувајте повеќе време надвор – времето поминато во природа, парк или планина може да има особено корисно дејство врз расположението, менталното здравје и менаџирањето со стрес. Повремено, прескокнете ги кафулињата, трговските центри и продавниците и поминете време со најблиските во природа, а придобивките ќе ги почувствувате речиси веднаш.

7 . Правете паузи од социјалните мрежи и екраните – живееме во време кога сме преплавени со информации, мислења, вести и сето тоа може да допринесе кон влошено ментално здравје, анксиозност и загриженост. Прекумерната употреба на електричните уреди науката ја поврзува и со зголемен ризик за депресија, осаменост и анксиозност. Затоа, повремено заменете ги екраните со добра книга, кафе со пријател, слушање музика и сл.

8 . Бидете присутни во сегашноста – ценете и уживајте во секојдневните мали задоволства. Често се случува мислите да ни се фиксирани на иднината и на она што не очекува, па забораваме да уживаме и во сегашноста. Иако сме соочени со тешки и исцрпувачки времиња, сепак обидете се да најдете задоволство во малите работи и навистина ценете ги деновите, особено оние кои ги поминуваме со најблиските.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор