fbpx

Може ли т.н РЕЗИСТЕНТЕН СКРОБ да помогне при ЗАМАСТЕН ЦРН ДРОБ?

tonus

На нашиот блог често зборуваме за растителните намирници и општо, медитеранската исхрана која е главно базирана на зеленчуци, овошје, мешунки, житарки, помалку масно месо, риба и сл. Со застапеноста на растителни намирници во нашата исхрана, ние внесуваме низа на нутриенти кои се неопходни за нашето здравје. Но, покрај ваквите есенцијални нутриенти, одредени намирници содржат и низа на други соединенија кои се поврзуваат со навистина голем број придобивки. Еден таков тип на соединенија е и скробот, односно поконкретно, т.н резистентен скроб – застапен најмногу кај мешунките, житарките, компирот, јатките, лебот, пастата итн. Во оваа денешна статија ќе се задржиме на ефектите на овој тип на скроб, особено во поглед на неговото влијание врз здравјето на црниот дроб.

 

Што претставува замастувањето на црниот дроб?

Црниот дроб претставува вториот најголем орган во телото и е заслужен за огромен број функции. Неговото здравје и оптимално функционирање ќе се рефлектира и на нашето целокупно здравје. Неговото замастување значи дека ваквата оптимална функција е нарушена, а тоа може сериозно да се рефлектира врз повеќе аспекти од општото здравје. Но, што всушност претставува ваквото замастување?

Како што ни кажува и самото име, замастениот црн дроб има вишок на складирани и акумулирани масти. Кај некои луѓе ваквата акумулација може да не предизвика симптоми или проблеми, но кај многумина може да се јави и оштетување на самиот орган. Прекумерните масни наслаги може да предизвикаат воспаление кај црниот дроб, што пак може дополнително да го оштети ткивото.

"“Online”/

Постојат два типа на замастување – алкохолно и неалкохолно замастување. Според некои статистики, околу 25-30% од случаите се вбројуваат во неалкохолното замастување. Во продолжение ќе зборуваме токму за овој тип на состојба и ќе видиме зошто најчесто се јавува кај лицата со прекумерна тежина.

 

Што претставува резистентниот скроб?

Најпрвин кратко да објасниме што претставува т.н резистентен скроб. Станува збор за вид на скроб кој нашето тело не може да го искористи за енергија. Може да се каже дека резистентниот скроб е во многу слична категорија како и растителните влакна, но сепак тие се разликуваат. Под поимот резистентен скроб подразбираме 4-5 различни видови на скроб. Тие се разликуваат по нивната структура и поради причината зошто нашето тело не може да ги искористи. Овој тип на скроб е присутен во секој тип на скробна храна – житарки, леб, тестенини, мешунки, компири и останати скробни зеленчуци. Како најдобри извори се сметаат мешунките и житарките. Главно, готвењето и термичката обработка на храната ја намалуваат содржината на резистентен скроб, но исто така, овој тип на скроб понекогаш се формира и кога зготвена храна ќе ја оставиме да се олади. Повеќе на таа тема прочитајте тука.

 

Како резистентниот скроб се поврзува со здравјето на црниот дроб?

Една неодамнешна студија ја проучувала поврзаноста и ефектите на овие типови на скроб врз неалкохолното замастување на црниот дроб. Во студијата биле вклучени околу 200 испитаници со овој тип на замастен црн дроб. Тие добиле режим на исхрана изработен од нутиционист и до него се придржувале во текот на целото истражување. Половина од нив добиле резистентен скроб добиен од пченка, а другата половина добила обичен скроб од пченка. Испитаниците земале 40 грами од скробот, два пати дневно и го пиеле со голема чаша вода. Времетраењето на ваквиот режим бил 4 месеци. По тој период, анализите покажале дека групата која го добила резистентниот скроб имала за 40% намалени нивоа на триглицериди, споредено со другата група. Вредностите за ензимите на црниот дроб биле исто така намалени, како и целокупниот степен на инфламација.

Друг дел од истражувањето било и анализирање на микробиомот на испитаниците. Бил земен фекален примерок од сите испитаници и било утврдено дека групата која добивала резистентен скроб имала поразличен профил на микроорганизми. Тие имале пониски нивоа на бактеријата наречена Bacteroides stercoris, која се смета дека делува врз метаболизмот на мастите во црниот дроб. Ова ја покажува и важноста од здрав, разновиден микробиом, бидејќи како што имаме зборувано и во претходни статии, тој делува на голем број аспекти од нашето здравје.

Д-р Митов

Д-р Митов

Ние ви помагаме ВИШОКОТ КИЛОГРАМИ и поврзаните БОЛЕСТИ, на ПРИРОДЕН начин и трајно да ги отфрлите, за да бидете: ПОЗДРАВИ, ПОЛЕСНИ и ПОЛЕТНИ!

Leave a Replay

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор