fbpx

НАЈЗДРАВИОТ ЗЕЛЕНЧУК

Барајќи го најздравиот зеленчук, не треба да трагаме по егзотични предели. Најздравиот зеленчук потекнува токму од нашето поднебје и носи име КЕЉ. Иако уште старите Грци и Римјани знаеле за големата корист од неговото користење, денес некако како да сме го заборавиле. Затоа,препорачувам  КЕЉ барем еднаш неделно на вашата трпеза и тоа токму сега кога му е сезоната. Што го прави кељот да биде најздравиот зеленчук?  

  1. СИЛНА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ХРАНЛИВИ МАТЕРИИ

Кељот е еден од најсконцентританите извори во природата на витамини и минерали истовремено. Во 70 грама кељ има: 206% од дневната доза на витамин А, 684% од дневната доза на витамин К, 134% од дневната доза на витамин Ц, 26% о дневната доза на потребниот манган… Богат е и со Б витамини, калциум, бакар, железо и форсор.

  1. ИЗОБИЛУВА СО МОЌНИ АНТИОКСИДАНСИ

Кверцетин, каемферол, бета каротен, флавоноиди и полифеноли – имаат многу важни функции во нашиот организам, а една од нив е антикарцерогената активност.

  1. НАМАЛУВАЊЕ НА ХОЛЕСТЕРОЛ

Во склоп со останатата здрава храна, кељот има блијание врз нивото на холестеролот. Тој содржи супстанции кои го врзуваат холестеролот во цревата и не му дозволуваат да се врати назад во црниот дроб. Според некои студии, сок од кељ може за 12 недели да го подобри нивото на ХДЛ за 27%.

  1. БОГАТ Е СО РЕТКИ МИНЕРАЛИ

Можеби последно кога ќе помислиме на извор на калциум ќе ни биде токму овој лиснат зеленчук, но кељот е еден од најдобрите природни извори на калциум. Дополнително, содржи магнезиум и калиум во високи концентрации, а сето тоа со ниското ниво на оксалати помага наведениве минерали лесно да се апсорбираат.

  1. ЗАШТИТНИК НА ОЧИТЕ

Во кељот има лутеин и зеаксантин во високи концентрации. Најдено е дека овие супстанции го спречуваат развојот на катаракта и макуларна дегенерација кај очите. Уште една дополнителна причина за редовна употреба на кељ! Кељот е храна од нашето поднебје. За жал, со тек на времето е намалена неговата употреба и е речиси заборавен . Една од храните која по мое длабоко убедување треба да се врати и во нашите пазари и на нашите трпези! Ве молам помогнете споделувајќи на ФБ.

Постои ли „идеална” телесна тежина?

„Идеална” телесна тежина не само што не е реален, туку е штетен концепт. Самото поврзување на зборот „идеално” со телесната тежина наметнува нереални очекувања, па дури и психолошки притисоци врз личноста. Оттука, од медицинска гледна точка, можеме да зборуваме само за физиолошки граници на здрава телесна тежина. Првото прашање би било, која е физиолошката телесна тежина за секој од нас? Значи, пред да почнеме воопшто да си поставуваме цели до каде сакаме да намалиме со килограмите,  треба да се прашаме што е физиолошката здрава телесна тежина на нашето тело. Таа бројка не е предмет на желба. Таа бројка е резултат на нашите навики, начин на живот и нашиот базален метаболизам. Значи, „јас сакам да имам 50 кг” не е добар почеток. Добриот почеток би изгледал вака: „јас ќе се хранам правилно и ќе бидам физички активен/на, и за неколку месеци самото тело ќе ми покаже која е мојата физиолошка телесна тежина”. Ако почнеме со бројка во главата, постои ризик таа телесна тежина да е едноставно прениска за нас и со тоа – да не е возможна. Замислената прениска телесна тежина ќе можеме да ја одржуваме само: а) ако сме на извонредно рестриктивен режим на исхрана, б) ако буквално претеруваме со вежбање и в) што и да правиме, таквата тежина ќе ја имаме само ПРИВРЕМЕНО додека ги правиме горните две работи. Се вратиме ли во „нормала” – ќе отиде и „идеалната” тежина. За жал, дури постои и пракса на користење на лекови за исфрлање течности, со цел да се постигне замислената телесна тежина. Колку е нездрава и опасна оваа пракса, сега нема да објаснуваме. Затоа, на патот до подобро здравје, првата задача е:  ПРАВИЛНО ДА СИ ГИ ПОСТАВИМЕ ЦЕЛИТЕ.  И да не се оптереруваме со „идеални” работи во неидеален свет. 🙂

Дијабетот бара ДИСЦИПЛИНА!

Едно е да се има контролиран дијабет и регулирано ниво на шеќер, а сосема друго е да се има неконтролиран дијабет. Разликата е толку голема што речиси наликува на две сосема различни болести, со различни последици по животот на пациентот. Ни од далеку не е сеедно дали нивото на тромесечниот шеќер е 6,5% или 9,5%. Пациентите тоа треба да го знаат и не треба да чекаат да добијат осетливи последици, туку и самите биохемиски параметри да бидат доволна мотивација за сериозни промени во животот. Колку порано се променат навиките кон поздраво – толку подобро! Кога ќе ме прашаат како кај одреден пациент сме постигнале да се намали потребата од инсулин (намалување од 10 единици, 20 единици, па и 80 единици!) одговорот е краток: ДИСЦИПЛИНА. Кај пациент со дијабет, неопходни се 4 дисциплини. 1. Дисциплина во исхрана 2. Дисциплина во физичка активност 3. Дисциплина во фармаколошка терапија 4. Дисциплина во редовни прегледи Јас работам на првите две дисциплини, колеги ендокринолози на третата дисциплина, офталмолози и интернисти во четвртата. Третманот на дијабетот е комплицирана и мултидимензионална координирана акција. Ниту една од дисциплините не е доволна сама по себе! Се лаже пациентот кој мисли дека ако се боцка со инсулин може да јаде што сака. Со таков пристап, единиците инсулин ќе растат, а шеќерот се’ потешко ќе се контролира. Затоа, се сретне ли човек со дијабет, треба да прифати дека ќе мора да почне да се придржува кон одредени правила во начинот на живот со цел на биде што подолго поздрав! 

ТРИТЕ ПРИНЦИПИ НА ЗДРАВОТО СЛАБЕЕЊЕ

Има многу начини да се намали телесната тежина. Има многу диети кои даваат ефект, методи со гладување, пиење прашоци наместо оброци… листата е долга. Но, клучното прашање е: КАКОВ ДОЛГОРОЧЕН ЕФЕКТ врз здравјето ќе има начинот на слабеење кој сте го одбрале? Може да слабеете здраво, или може да слабеете нездраво. Нездравото слабеењето има бројни последици. Од наједноставни, на пример, создавање на дефициенции, опаѓање коса, кршливи нокти; до средно сериозни, на пример создавање камења во жолчка заради нагло слабеење; до најопасни – зголемување на веројатноста за малигни заболувања подоцна во животот. Секоја диета која вклучува употреба на сувомеснати производи и многу месо, според Интернационалната агенција за истражување на ракот, го зголемува ризикот од малигни болести! Тогаш, кои се принципите на здравото слабеење?

  1. ЈАДЕТЕ, А НЕ ГЛАДУВАТЕ

Здравото слабеење подразбира правилна исхрана, таква која е одржлива на долг рок и не го загрозува здравјето ниту во моментот, ниту на долг рок. Доколку постои било какво гладување – тогаш метаболизмот влегува во фаза на штедење што е основа за јо-јо ефектот. Медитеранската исхрана е пример на претежно растителна исхрана која ги исполнува токму овие услови.

  1. ОБВРЗНА ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Без физичка активност, ниту слабеењето ќе оди доволно брзо, ниту ќе бидеме навистина здрави. На секој здрав човечки организам ну е неопходна дневна доза на физичка активност. Посебно корисна е физичката активност кај пациентите со предијабет, дијабет или со кардиоваскуларни болести.

  1. ТРАЈНИ ПРОМЕНИ, НЕ КАМПАЊА

Човек кој има проблем со телесната тежина свесен е дека проблемот не дошол „преку ноќ” и не треба да си поставува очекувања за брзо намалување на вишокот килограми. Потребно е да се прифати дека само трајни измени во навиките и однесувањата реално ќе помогнат за вистински и долготрајни резултати. На пример, едно обично одвикнување од газирани пијалоци може да значи трајно губење на килограмите. Или, создавање на навика на редовно пешачење ќе помогне на долг рок да се стабилизира телесната тежина. Слабеењето треба да значи подобрување на здравјето, а не негово влошување.  Затоа треба да се случува на здрав начин!   За програма за здраво слабеење со д-р Митов контактирајте не’ на 071588286. 

ФИБРОГЕЛ – природни растителни влакна

Што е Фиброгел?

ФИБРОГЕЛ е природен производ, лушпи од семето на растението Plantago ovata. Во светот има повеќе имиња, помеѓу кои се и: испагула, псилиум, исабгол и други. Во основа, ФИБРОГЕЛ се состои од природни растителни влакна.  Затоа велиме дека е ПРЕБИОТИК  и претставува супстанција потребна за природен раст на бактериите (ПРОБИОТИЦИТЕ) во нашите црева. 


1. ПРИРОДНО ПРОЧИСТУВАЊЕ



ФИБРОГЕЛ е природен лаксатив, односно придонесува за здраво и редовно празнење на цревата. Неговиот механизам на дејствување е преку создавање ВОЛУМЕН на изметот. Значи, забрзувањето на перисталтиката не е врз основа на дразнење на цревата, туку врз основа на зголемениот волумен и мекост на изметот. Затоа и не создава зависност, како други лаксативи, туку едноставно ги раздвижува цревата. 



2. ПОМЕКА СТОЛИЦА



ФИБРОГЕЛ придонесува за формирање на мека столица и помага во сите состојби каде таа е потребна, како на пример кај хемороиди.

 

3. ПРИРОДНА ПОМОШ ЗА РЕГУЛИРАЊЕ НА ХОЛЕСТЕРОЛОТ


ФИБРОГЕЛ придонесува за подобра контрола на холестеролот. Имено, кога растителните влакна се движат во цревата, тие имаат капацитет да го врзат холестеролот и да го изнесат од организмот. Растителните влакна се најчестиот недостаток/дефициенција во развиениот свет. Нивниот недостаток е поврзан со низа болести. 

 

КАКО СЕ УПОТРЕБУВА? 

 

За забрзување на перисталтиката се препорачува по една лажичка во голема чаша вода после оброк, до три пати на ден. Кога ќе се воспостави добро и редовно празнење на цревата – доза на одржување е една лажичка дневно.

Се препорачува да не се остава подолго во чашата вода бидејќи ќе добие гел структура и може да бида малку непријатно за консумирање. Значи, лажичката Фиброгел се додава во голема чаша вода, се размешува и набргу се пие.

Ефектот е видлив во рок од 24 – 72 часа од земањето на првата доза.

ФИБРОГЕЛ го има во сите аптеки на ЕУРОФАРМ.

Фиброгелот НЕ СОЗДАВА ЗАВИСНОСТ

Проблемите со нередовно празнење на цревата се можне чести и многумина прибегнуваат кон употреба на лаксативи (олеснувачи на празнењето на цревата). Меѓутоа, долгорочната употреба на лаксативи носи сериозни ризици по здравјето – создаваат зависност и ги прават цревата „мрзливи во иднина. Единствени погодни за долгорочна употреба се растителните влакна. За да ги разбереме подобро лаксативите и нивното дејство, треба да ги разгледаме различните групи лаксативи:

  • Орални осмотици – привлекуваат вода во дебелото црево и со тоа стимулираат празнење.
  • Омекнувачи на столица – носат ризик од електролитен дисбаланс при подолга употреба.
  • Стимуланти на цревата – прават контракција на цревата, но со долгорочна употреба ги прават мрзливи и зависни од самите стимуланти.
  • Создавачи на волумен на столицата. Овде спаѓа Фиброгел. Во оваа група се вбројуваат производите на база на природни растителни влакна. Тие се внесуваат со голема количина вода, набабруваат и така создаваат волумен на столицата и стимулираат празнење. Само оваа група на лаксативи се прифатливи за долгорочна употреба, без да создаваат зависност и без да ги прават мрзливи цревата. Сите останати групи имаат значителни несакани ефекти при долгорочна употреба.

  Растителните влакна, впрочем, имаа долга низи на корисни ефекти врз здравјето. Доброто олеснување е само почетокот на приказната…

Зголемен бројoт на канцери поврзани со дебелината кај помладите

Прекумерната  телесна тежина, или народски кажано дебелината, е јасно поврзана со зголемен ризик за одредени видови канцери. Тоа што особено загрижува е што овие канцери се во значителен пораст кај помладата популација. Трендот на ракот на панкреас и дебело црево најјасно ја покажуваат оваа драматична слика. Неколку видови на канцер покажуваат силна поврзаност со прекумерната телсна тежина: мултипла миелома, на дебелото црево, на матката, на жолчката, на бубрезите и на панкреасот. Токму тие, според податоците од САД и други земји, се во значителен пораст кај населението од 25 до 49 годишна возраст. Останатите канцери, освен овие поврзани со дебелината, не се во пораст кај помладата популација. Исклучок е ракот на бели дробови кој го следи трендот на пушењето во соодветната земја: колку повеќе има пушачи – толку е повисок бројот на рак на бели дробови. Затоа, како и многу пати досега, ќе повториме – зголемената телесна тежина најмалку е естетски, а пред се’ сериозен здравствен проблем кој бара ургетно решавање. Извор: Sung H, Siegel RL, Rosenberg PS, Jemal A. Emerging cancer trends among young adults in the USA: analysis of population-based cancer registry. The Lancet Public Health2019 Feb 3.

Растителните влакна го засилуваат одговорот на имунотерапијата

Пред 4 дена (06.03.2019) беа објавени раните наоди од студија која ќе биде презентирана на годинешниов состанок на Американската асоцијација за истражување рак (American Association of Cancer Research). Студијата наговестува огромно откритие: можност да се зголеми одговорот кон имунотерапија за 5 пати! Имено, досега одговорот на имунотерапија со „чекпоинт” инхибитори се движи помеѓу 20 и 30%. Првичните податоци од оваа студија покажуваат дека луѓе кои консумирале храна богата со растителни влакна имаат за 5 пати поголема веројатност да одговорат на анти-ПД-1 имунотерапија. Тоа значи дека бактериите во нашите црева се многу поважни одошто мислевме порано и нивниот диверзитет е клучен за нашиот имунитет. Главниот научник на оваа студија ги охрабрува пациентите да внесуваат што повеќе растителни влакна, но не и пробиотици. Извор: https://www.targetedonc.com/news/early-findings-suggest-highfiber-diet-boosts-immunotherapy-response-in-melanoma

Ем јадам 5 пати на ден, ем слабеам – како е можно?

Денес ова прашање ми го постави пациентка: „ Ослабев 6 килограми за еден месец, а јадам по 5 пати на ден. Како е можно?” Има неколку причини. Прво, важно е што се јаде, а не само количината. Содржината на исхраната и соодветниот баланс помеѓу производи од растително и животинско потекло е тоа што ја прави разликата. Ако тој баланс се прави како што треба – нема потреба да се бројат калории и слабеењето природно ќе се случи. Второ, пресудно е да постои физичка активност. Не зборуваме за трчање маратони, одење во теретани … сето тоа е добро , но не е неопходно за да настане слабеење. Се’ што треба се 30 минути умерена физичка активност на ден за метаболизмот во телото да постигне доволно ниво за одржување на нормална телесна тежина. Трето, важна е целокупноста на навиките, не само исхраната. Слабеењето започнува од главата, не од желудникот. Кога се носи одлука за севкупно здраво живеење – тогаш навиките побргу се менуваат и целиот процес на адаптација е полесен. Под навики спаѓа и односот кон стресните ситуации, справување со стресот, но и навика за добар и правилен одмор во текот на едно деноноќие. Конечно, само таков пристап дава трајни резултати, а не кампања од неколку месечно измачување или гладување, или било какви неприродни неодржливи режими. Секој може, само треба малку волја и правилно водство.

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор