fbpx

АНТИМАЛАРИЦИТЕ – стари лекови, нова надеж кај КОРОНА!

Што да очекуваме дека ќе биде „спасот” од корона: вакцина, некој лек, или едноставно да се прележа (стекнат имунитет)?

И веќе да имаме најдено соодветна вакцина, процесот што треба да помине до конечна имунизација на луѓето во задоволителен број е предолг. Треба прво да се одобри, односно пред тоа да ги помине сите процедури на тестирање, па масовно да се произведе, да се транспортира и на крајот да се спроведе вакцинација од здравствениот систем на секоја земја поединечно. Така, сите овие процеси, ќе земат најмалку една година од моментов и веќе да постои вакцина. А знаеме дека таа моментално не постои.
Затоа, сега ни се од исклучителна важност клиничките тестирања на веќе постоечките лекови. Еден од нив е хлорохинот.

Француските лекари ни даваат надеж

Хлорохинот се користи за лекување на маларија, ревматски и некои други заболувања, веќе со децении. Сега, неговата потенцијална употреба во борбата против корона вирусот станува извор на надеж за многумина. Тоа е особено засилено од охрабрувачките резултати добиени од почетните клинички тестирања во Франција, објавени пред некој ден. Иако се потребни повеќе клинички испитувања, на повеќе пациенти, првичните резултати се навистина охрабрувачки.

Универзитетската клиника во Марсеј, Франција спроведе клиничка студија на 25 пациенти со дијагностициран Covid-19 со хидроксихлорохин. Добиените резултати, по шест дена се следни. Само 25% од пациентите кои го земале овој лек сè уште го имале вирусот. Спротивно на тоа, 90% од тие кои не го земале хидроксихлорохинот продолжиле да бидат носители на корона вирусот.

Лекот е добро познат и ефтин

Поради добрата снабденост со лекот и неговата цена, повеќе аптеки во Франција информираат дека побарувачката е огромна, во последниве денови. Научниците велат дека не треба веднаш да гледаме на овој лек како на ,,чудото” кое ќе не спаси.

Многу е важно тоа што повеќе студии се во тек во повеќе земји. Меѓу нив е и Кина која што моментално може и повеќе да се посвети на клиничките испитувања. Речиси и да нема новозаболени, а има доста пациенти кои се опоравуваат, има капацитети, па и големо искуство со слични вируси од претходно. Лекот се употребува и кај терминални пациенти, односно пациенти кои се во особено тешка ситуација на доброволна база. Податоците од овие ефекти исто така ќе бидат од корист на истражувачите.

Оваа група на лекови секогаш се поврзува со лекувањето на новооткриените вируси. Тоа се должи, пред сè, на способноста на хлорохинот да го спречи поврзувањето на вирусот со рецепторите од надворешноста на потенцијалната клетка-домаќин. Ова претставува есенцијален прв чекор кој води кон заразување. Без него нема инфекција.

Во Кина се во тек испитувања на овие анти-малариски лекови, а некои резултати веќе се објавени

Уште пред објавувањето на надежната француска кличничка студија, Кинезите на 9ти март објавија истражување правено на овие лекови кое покажа исто така позитивни резултати. Имено, истражувачите од Универзитетот од Пекинг покажале ефективност на овие лекови во in vitro тестирањата – тестирања кои се прават во лабораторија на живи човечки клетки. Со хлорохинот, моментално, се прават и обиди да се помогне на повеќе од 100 пациенти, во повеќе од 10 болници во Пекинг и Гуангдонг провинцијата.

Постојат и несакани ефекти, но тоа е случај скоро со секој лек

Професорот и специјалист за маларија од Милано, Далесандро вели дека иако првичните резултати се охрабрувачки, треба да се внимава пред екстремно да се креваат надежите, имајќи во предвид дека вирусот е сосема нов и немаме доволно информации. Исто така, потребни се и поголем број на истражувања.

Додека траат овие истражувања и чекањето на вакцината (кое секако ќе потрае), единствено оружје против короната ни останува имунитетот и нашата свесност дека секој човек е потенцијален извор за зараза. Затоа, останете дома.

Зошто срцевите удари се најчести во понеделниците?

Далбоко во мозочната маса се наоѓа малa група на клетки (дел од хипоталамусот) кои имаат функција да служат како своевиден главен часовник на телото. Овие клетки управуваат со т.н. циркадијан ритам, односно 24 часовен внатрешен часовник и го одржуваат организмот синхронизиран со циклусот ден-ноќ. Но, сите останати клетки во организмот имаат и свој ,,часовник”, со цел да си ја обезбедат уникатната функција навремено (на пример продукција на протеини, на специфични хормони итн).

Овие биолошки часовници се под генетска контрола. Но, што ќе се случи ако нашето однесување или средината во која сме, не се на еден начин синхронизирани со, ќе го наречеме, нашиот внатрешен часовник? Токму оваа проблематика е тема на обработка на едно истражување на оделот за медицински науки на Харвард, кое го води доктор Франк Шир.

Доктор Шир со својот тим вршел истражувања на испитаници во однос на опкружувањето, oдносно средината била контролирана (менувани биле параметри како светлина, топлина). Испитувањата биле и во однос на тоа кога испитаниците ќе јадат, вежбаат и спијат. Главната идеја на била: добиените податоци во однос на сите менувани параметри, да се искористат во градењето на еден здрав животен стил.

Мастер-часовникот на организмот е наречен супрахијазматичен нуклеус и е лоциран длабоко во мозокот, веднаш над просторот каде се вкрстуваат двата оптички нерва.

Зошто повеќето срцеви удари се случуваат наутро?

Резултатите на доктор Шир, даваат податоци со кои може да се одговори зошто срцевите, мозочните удари и различните срцеви затајувања се најчести во утринските часови. Имено, нивоата на супстанцата наречена PAI-1 која прави крвта полесно да се згуснува, се најголеми околу 6:30 часот наутро. Потоа, нивото на оваа супстанца опаѓа во наредните 12 часа. Ваквата промена во нивоата е контролирана токму од внатрешниот мастер-часовник кој го споменавме, а не од нашите навики. На пример не од станувањето рано.

Зошто срцевите удари се најчести во понеделниците?

Според статистиките кои се внимателно водени од докторите, срцевите удари се почести во понеделниците, во однос на било кој друг ден во неделата. Зошто е тоа случај? Тимот на доктор Шир исто така се занимава и со ова прашање и дава некакви одговори. Добро познат ,,феномен” е останувањето до подоцна за време на викендите и потоа спиењето до подоцна следното утро. Како резултат на ова, внатрешниот мастер-часовник сè повеќе ,,доцни”. Денот кога повторно треба да се вратиме на рутината, на работните обврски, а тоа е најчесто понеделник, го подесуваме алармот рано наутро. На тој начин го форсираме телото да се разбуди во порано циркадијанско време. Овој дисбаланс кој му го правиме на нашиот внатрешен часовник резултира со зголемен крвен притисок, забрзување на воспалителните процеси и промена на некои функции на нервниот систем. Сето ова води до значително зголемен ризик од срцев удар.

Сличен феномен се случува и при менувањето на часовниците, за еден час нанапред, секоја пролет. Срцевите удари се зачестени и во овие периоди поради истите причини кои се наведени погоре.

Кое е најдоброто време за оброк и спиење?

Некои наши навики, како што се на пример јадењето доцна навечер или изложувањето на светлина во доцните часови, може исто така да влијае негативно на природниот ритам на телото. Ова може да води до зголемен ризик од срцеви заболувања.

Податоците кои ги дава студијата на доктор Шир се доста интересни. Испитаниците кои го го имале својот главен оброк пред 15 часот имале подобри резултати во губењето на телесната тежина, отколку оние кои овој оброк го имале по 15 часот.

Светлината како најважен околински фактор кој делува на циркадијанскиот ритам, патува директно од окото до внатрешниот часовник или супрахијазматичниот нуклеус. Изложувањето на светлина навечер го попречува лачењето на мелатонинот. Овој хормон, наречен хормон на спиењето, исто така игра улога во контролирањето на крвниот притисок. Иако силната светлина е најлоша, дури и малата светлина од ламбите, телефоните и компјутерите може да има негативен ефект. Научниците укажуваат дека изложеноста и на помала светлина пред спиењето, може да ви го наруши сонот. Нарушениот сон пак, се поврзува со депресија, дијабет и срцеви проблеми.

Што треба да правиме?

Иако се потребни повеќе истражувања на тематиката, едно е јасно и може да биде многу корисно: треба да се ориентираме според нашиот внатрешен часовник, а не тој според нас. Како совет во оваа насока доктор Шир вели: консумирајте го најголемиот дел од вашите калории во првиот дел од денот, избегнувајте да јадете доцна навечер, обидете се да имате константен ритам на спиење и намалете ја светлината барем 1 час пред да легнете.

7 научни докази што ќе ве потсетат за моќта на ЛИМОНОТ

Лимонот е можеби најпопуларната цитрусна храна. Бројни се бенефитите кои може да ги има организмот од консумирањето на ова јужно овошје. Тој станува особено популарен во сезоните на грип. Тоа не е залудно. Луѓето искуствено увиделе дека цитрусните овошки помагаат при вакви состојби, односно при превенирање и полесно пребродување на настинките. Пред сè, тоа се должи на големата концентрација на достапен витамин Ц во лимоните.

Во последно време се повеќе станува популарен пијалакот – вода со лимон. Сè повеќе ресторани го служат, а многу луѓе денот го започнуваат со вода со лимон, наместо со кафе или чај (заради кофеинот кој тие го содржат). Нема дилеми за повеќекратните корисни влијанија на лимонот и неговиот специфичен примамлив вкус, но дали додавањето на лимонот во вода може да ве направи поздрави?

Иако не постојат докази дека од лимоновата вода имаме здравствени бенефити, постојат доста цврсти докази за позитивното влијание на двете компоненти од кој е сочинет пијалокот. Лимонот и водата. Ќе наведеме само неколку од тие позитивни влијанија.

1) Ја подобрува хидратацијата

Teшко дека може да се одреди точното количество на вода која треба да биде консумирана во еден ден, генерално за сите луѓе. Тоа зависи од многу фактори, како: самата индивидуа, тежината, климата, физичката активност и многу други. Сепак, според повеќето институции кои се занимаваат со исхраната, најмалото количество вода кое треба да го консумираат мажите е најмалку 2 литри на ден, додека жените нешто помалку од тоа. Овде не е вклучена и водата од другите намирници, во кои скоро редовно е присутна.

Водата со лимон секако помага во подобрата хидратација, а помага и од аспект на тоа што некои луѓе не го сакаат ,,вкусот” на обичната вода. Додадениот лимон може да помогне кај овие лица.

2) Водата со лимон е одличен извор на витамин Ц

Особено во сезоната на грипови, имунитетот ни станува многу важен. Витаминот Ц е еден од витамините кои се важни за доброто функционирање на имуниот систем. Лимонот, како и другите цитрусни овошки е особено богат со овој витамин.

Витаминот Ц исто така има антиокидативно дејство. Помага при справувањето на телото со слободните радикали, односно при зашититата на клетките од нив. Тоа индиректно влијае на намалувањето на ризикот од хронични воспалителни процеси.

Витаминот Ц може да помогне во намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни заболувања, срцев удар и во намалувањето на крвниот притисок. Една чаша вода со лимон содржи над 15 милиграми (во зависност од уделот на водата) витамин Ц. Дневната препорачана доза на витамин Ц се движи од 60 до 90 милиграми.

3) Помага при намалувањето на телесната тежина и забрзувањето на метаболизмот

Поради потенцијалните влијанија на водата со лимон на метаболизмот, на ситоста и на хидратацијата, некои податоци укажуваат дека може да помогне во намалувањето на телесната тежина. Интересно е што некои студии укажуваат дека тоа е случај, дури без разлика на начинот на исхрана и нивото на физичка активност.

Механизмот според кој се случува забрзување на работата на метаболизмот не е сè уште целосно јасен. Но, постојат солидни докази дека подоброто хидрирање ја подобрува функцијата на митохондриите, што води кон постепено намалување на тежината.
Пиењето на вода (и лимонова вода) исто така покажало забрзувачко дејство на метаболизмот, преку поттикнувањето на термогенезата, метаболитички процес во кој се согоруваат калориите, со цел да се продуцира топлина.

4) Го подобрува квалитетот на кожата

Овој пијалок е богат со витаминот Ц. Овој витамин има важна улога во намалувањето на брчките кои се појавуаат со процесот на стареење, како и во заштитата на кожата од сончевите зраци. На кој начин водата ја подобрува состојбата на кожата е сè уште нејасна, но една работа е сигурна. Ако кожата постојано ја губи влажноста, станува сува и подложна на формирање брчки.

5) Го помага варењето на храната

Некои луѓе пијат лимонова вода, секое утро како утрински лаксатив за да ја спречат појавата на констипација или запек. Пиењето на топла вода со лимон, по спиењето може да ја помогне функцијата на дигестивниот систем.

6) Водата со лимон ви го освежува здивот

Можете да го избегнете непријатниот здив со пиење на чаша вода со лимон после оброците. Состојките на лимонот се сметаат за поттикнувачи на лачењето на плунката, а водата исто така спречува сува уста. Сувата уста, односно средината во која отсуствува плунката, може да биде причинител на непријатниот здив предизвикан најчесто од бактериите. Тоа е случај заради антибактериското дејство на плунката.

7) Може да помогне во превенцијата од формирање на камчиња во бубрег

Лимонската киселина присутна во лимонот може да помогне во спречување на камчињата во бубрегот, кои знаат да бидат доста непријатни. Малку парадоксално, но лимонската киселина ја прави урината помалку кисела и може дури да делува уништувачки на помалите веќе формирани камчиња.

Исто така, водата присутна во овој пијалок помага за здравјето на бубрезите. Тоа го прави преку превенирање на појавата на камчињата и помагањето тие полесно да се исфрлат.

Однесувајте се како да сте носители на вирусот!

Однесувајте се како да сте носители на вирусот, или ШТИТЕТЕ ги другите од себе си!

На почетоците на пандемијата на корона вирусот, епидемиолозите беа на став дека генерално тој е пренесуван од луѓе кои имаат веќе видливи симптоми. Но, најновата студија која го доведува во прашање ова, односно преиспитува дали луѓето кои не покажуваат симптоми се способни да го прошират вирусот, дава не баш очекувани резултати.

Според истражувачите од Кина, кои ја спровеле студијата, токму оние носители на вирусот кои немаат симптоми или имаат доста блага симптоматологија се главните причинители за брзото, ескпоненцијално ширење на вирусот. Ваквото ширење на Covid-19 е наречено и ,,прикриено” ширење. Истражувачите добиле податоци кои укажуваат дека дури 2/3 од случаите на корона се пренесуваат на овој начин!

Несвесноста на луѓето дека се носители

Како главна причина за ваквата ситуација се смета несвесноста на луѓето дека се носители на вирусот. Кај повеќето луѓе инфекцијата се манифестира со доста благи симптоми како благо покачена температура, слаба кашлица и благо губење на енергијата. Кај некои поединци може дури и да не се појават никакви симптоми. Но, поради брзиот начин на живот луѓето и не обрнуваат многу внимание, затоа што ваквите симптоми го прават корона вирусот тежок за разликување од секојдневните други вирусни и бактериски инфекции. Како фактор исто така може да се земе и неинформираноста.

На овој начин, вирусот лесно се пренесува, па може да стигне и до оние кои што се сметаат за ранливи категории како повозрасните лица и лицата со компромитиран имунитет. Тука настанува проблемот. Лицата со нарушен имунитет неретко завршуваат на интензивна нега. Со зголемувањето на ваквиот тип на пациенти, здравствениот систем се потешко се носи со ситуацијата, па може да дојде дури и до работ на колапс. Добар пример е развиеното италијанско здравство.

Важно да се напомене е и укажувањето на епидемиолозите дека и лицата кои се во период на инкубација се способни да го шират вирусот. Тоа значи дека и оние кои потенцијално би покажале симптоми, во просек 5 дена пред тоа (а некогаш дури и до 28 денови), се способни да заразуваат други луѓе.

Што е заклучокот?

Овие нови нови податоци всушност покажуваат од колкава важност е да се однесуваме како да сме веќе носители на вирусот, барем уште 30 дена. Што всушност значи тоа?

Тоа значи дека во наредниот период треба да се придржуваме до мерките на СЗО и нашите здравствени власти за спречување на ширењето на вирусот. Тоа подразбира следно.

Прво, одржување на личната хигиена (правилно миење на рацете со сапун и топла вода) и редовно дезинфицирање на фреквентните површини во домот со соодветни средства.

Второ, што поретко излегување од дома, само за неопходните причини. Задолжително носење на маски, па и ракавици во затворени простории каде што можат да се најдат повеќе луѓе и поретко се проветрува. Такви простори се супермаркетите и аптеките на пример, кои периодов се често посетувани. Групните собирања над 4 луѓе не доаѓаат во предвид. Научниците велат: ,,Што побрзо и поефикасно се самоизолираме, односно ги ограничиме нашите контакти со луѓето, тоа побрзо ќе му застанеме на патот на ширењето на вирусот.”

Внимавајте на затворените простории

Маските во затворените простории се препорачува заради тоа што една јапонска студија укажува дека дури 80% од заразените лица не заразуваат други лица на директен начин (значи преку кивање и кашлање). Заразувањето, според студијата се случува е најчесто во затворени простории кои ретко се проветруваат, а вирусот може да остане во воздухот и до некој час (според германска студија), пред да падне на одредена површина. Секако, заразувањето може да настане и при контакт со овие површини, а потоа со лицето.

Трето, практикување на социјално дистанцирање од најмалку 1,5 метри. И ова е важно да го применуваме при неопходните излегувања. Социјалното дистанцирање ни создава еден вид на ,,бариера” .

Друга причина зошто треба да се однесуваме како да сме носители на вирусот е фактот што многу тешко можеме точно да го утврдиме бројот на заболени лица.

Научниците од претходно споменатата кинеска студија велат дека бројот на реално заболени е 5, па можеби и 10 пати поголем од бројот на утврдените. Но што е поважно, тој сигурно не е помал од тоа. Само неколку земји во светот, како Германија и Јужна Кореа, на пример, прават помасовни скенирање на населението, па единствено таму можеме да сметаме дека бројот на потврдени заболени е близу до реалниот. Огромен број од реално заболените се со слаби или никакви симптоми, па полесно е да се самоизолираат отколку да бидат пронајдени и да се тестираат.

Со однесувањето како веќе да сме носители на вирусот, ги заштитуваме ранливите категории на луѓе во нашата заедница. Затоа да бидеме совесни и да останеме дома.

БАДЕМИ – извор на еден многу важен микронутриент!

Бадемите се вбројуваат помеѓу нутритивно најбогатите јаткасти плодови. Тие се извор на ,,добри” маснотии, како и на повеќе микронутриенти. На пример, најбогати се со калциум во однос на другите јатки. Освен ова, бадемите имаат и широко прифатлив вкус.

Заради ови и многу други причини кои ќе ги кажеме во продолжение, бадемите треба често да се наоѓаат на нашите трпези. Секако, како и кај сите други јатки, така и кај бадемите, во однос на корисното дејство, количината е многу важна. Тоа е така, пред сè поради високата содржина на масти, а со тоа и високата калориска вредност. Вишокот на калории на долг рок знаеме дека не води кон гојазност, а тоа пак кон зголемен ризик за развивање на низа заболувања. Затоа, се препорачува консумацијата на дневно ниво да не надминува 25 – 30g.

Консумирањето во овие граници, ни обезбедува низа на бенефитите кои произлегуваат од составот на овие јаткасти плодови, па во продолжение ќе ги споменеме најважните.

Бадемите се нутритивно богатство!

Околу 28g на бадеми, што е во превод околу ¼ од обична чаша за вода, ни обезбедува сосема солидна количина на здрави маснотии (14g), но покрај тоа и:

– 6g протеини,
– 4g растителни влакна (над 10 проценти од дневно препорачаниот минимум),
– повеќе од половина од дневно препорачаниот внес на витамин Е,
– 20% oд препорачаниот внес за магнезиум на дневна база,

а во помали количини се присутни и:
– витамини од B групата
– калциум
– железо
– калиум

Витаминот Е поседува антиоксидативно дејство, штитејќи ги клетките од оштетувања кои понатаму водат кон прерано стареење и различни болести. Исто така, витаминот Е го намалува хроничното воспаление во организмот, го поддржува имунитетот, го подобрува кардиоваскуларното здравје итн.
Некои студии укажуваат и на заштитно дејство на овој витамин кај невродегенеративните заболувања, вклучувајќи ја тука Алцхајмеровата болест.

Составот на бадемите изобилува со антиоксиданти

Бадемите се богат извор на антиоксиданти кои се концентрирани во кафениот слој на кожичката. Една научна студија дошла до податоци кои укажуваат дека мажите и жените кои консумирале 70g бадеми на ден имале т.н. биомаркери за оксидативен стрес намалени за 27%, за само еден месец. Оксидативниот стрес претставува всушност дисбалансот помеѓу создавањето на слободните радикали во организмот и неговата способноста да се справи со нив, односно да се спротистави на негативниот ефект кој тие радикали го предизвикуваат. Така, според досегашните сознанија, истражувачите сметаат дека токму антиоксидантите се виновни за борбата против овие т.н. слободни радикали. Всушност, тие се носителите на заштитната улога од оксидативниот стрес.

Бадемите можат да имаат позитивно влијание на здравјето на цревата

Се смета дека непечените, но и печените бадеми имаат пробиотичко дејство, односно служат како храна за природната цревна микрофлора. Сè повеќе испитувања доаѓаат до резултати кои го поврзуваат доброто здравје на цревната микрофлора со сè повеќе позитивни влијанија на организмот. Позитивни влијанија како: поддршка на имуниот систем, антивоспалително дејство, па дури и позитивно влијание на менталното здравје.

Студија која за испитаници имала студенти, избрани по случаен избор, дошла до интересни податоци. Имено, сите испитаници консумирале секојдневно, како ужина, одредено количество на бадеми. По осум недели, истражувачите утврдиле промени во цревната микрофлора кај повеќето испитаници. Кај оние кои секојдневно консумирале бадеми имало намалување на заедницата од бактерии на цревната микрофлора кои би можеле да имаат штетно дејство и зголемување на корисната микрофлора. Тоа не било случај кај контролната група.

Зголемувањето на корисната микрофлора се поврзува со подобрена контрола на телесната тежина, подобрена функција на инсулинот, регулирање на холестеролот, како и антивоспалително влијание.

Можат да придонесат за здраво срце

Бадемите можат да придонесат за здравјето на срцето на неколку начини. Јаткастите плодови, како целина, се поврзуваат со зголемувањето на нивоата на ,,добриот” холестерол, како и со намалување на т.н. ,,лош” холестерол. Секако, такво влијание покажуваат и бадемите.

Исто така, бадемите можат да помогнат во регулирањето на крвинот притисок и да ја подобрат циркулацијата на крвта.

Во едно истражување, спроведено на луѓе со покачен холестерол се изнесуваат интересни резултати.
Испитаниците биле поделени во 2 групи. Првата група се хранела со 40g бадеми на ден, а другата со друга храна со ниско ниво на холестерол, во иста калориска вредност. После две недели, резултатите го покажуваат следното.
Кај првата група било утврдено намалување на нивото на LDL и зголемување на HDL холестеролот. Исто така, кај првата група, за разлика од другата, било утврдено и намалување на масните наслаги на нозете и стомакот.

Бадемите можат да помогнат во регулирањето на телесната тежина

Консумирањето на неколку јатки, меѓу кои влегува и бадемот, се покажало како добро за намалувањето на телесната тежина, односно BMI (body mass index). Kaко дополнително корисно дејство на бадемите во однос на слабеењето е зголеменото чувството на ситост по консумирањето. Тоа е случај поради нивниот состав кој е микс од здрави масти, протеини и растителни влакна.

Едно поново истражувања пак, исто така доаѓа до податок кој оди во корист на она што значи намалување на телесната тежина. Имено, добиените податоци од истражувањето велат дека дури 20% од калориите на бадемот не се ,,апсорбираат”. Тоа би значело дека бадемот има 20% помала калориска вредност од наведената. Секако, за овој податок да се смета за релевантен, потребни се повеќе истражувања, но јасно е дека нема целосна апсорпција на калориски вредните компоненти од бадемите во крвотокот.

Добри се за кожата

Знаеме дека добрите масти се корисни за здравјето на кожата, но мастите од бадемите имаат особено силно дејство на успорувањето на процесот на стареење на кожата.

Во една студија, спроведена минатата година биле испитувани жени во менопауза. Испитаничките биле поделени во две групи. Во период од 16 недели, првата група консумирала бадеми во количина од 20% од дневниот внес на калории.
Втората група консумрала ист процент на маснотии, но од друго потекло, не од бадеми. Пред спроведувањето на експериментот и по неговото завршување, сите испитанички биле внимателно фотографирани со фотоапарати со висока резолуција. Анализите на фотографиите покажале големи подобрувања, во однос на распространетоста на брчките и нивната длабочина и облик, кај жените кои консумирале бадеми. Кај останатите испитанички промените биле незначителни.

Извори:

https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/31576607
https://academic.oup.com/ajcn/article/96/2/296/4576806

Кои МАСТИ се добри, кои лоши, а кои најлоши?

 

Мастите, или хемиски кажано триглицеридите, се важни компоненти во исхраната на човекот. Kако макронутриенти, тие имаат повеќе улоги во организмот. Служат како најконцентриран извор на енергија (се извор на енергија при подолго нејадење, односно претставуваат енергетски резерви за организмот) како структурни компоненти, носачи на витамини и за повеќе други биолошки функции.

Дали можат да ни наштетат?

Доколку претераме со консумација на храна богата со маснотии, па и прости шеќери (кои понатаму се депонираат како масти) овие компоненти можат да ни создадат проблеми од различен тип. Ваквата претерана консумација, неминовно води кон покачување на триглицеридите во крвта. Најчестите, воедно и најголеми проблеми кои се создаваат при константното внесување на повеќе калории од што му се потребни на организмот се: атеросклерозата и дијабетесот.

Иако не е јасна прецизната улога на мастите во создавањето на наслаги во артериите, тие се сметаат за редовен придружници на веќе докажаните виновници за ваквата состојба. Во однос на дијабетесот, кога се внесува енергија повеќе од тоа што се троши, тогаш неминовно растат резервите на масти во мускулите. Така, ,,пренатрупаните” мускулни клетки со маснотии ја намалуваат својата чувствителност спрема инсулин, што во крајна линија води, прво, кон состојба на предијабетес, а потоа и дијабетес.

Како можеме да ги поделиме мастите?

Мастите можеме да ги поделиме на лоши и добри, во однос на нашето здравје.
Нивото на холестеролот и триглицеридите во крвта е силно поврзано со типот на масти кои ги внесуваме со исхраната.

,,Добрите масти” се оние од растително потекло кои генерално се незаситени маснотии, односно мононезаситени и полинезаситени. Тие го намалуваат ризикот од повеќе болести, а нивен главен извор се јатките и семињата.

,,Лошите масти” се генерално од животинско потекло и претставуваат заситени маснотии. При често внесување, го зголемуваат ризикот од бројни болести. Како уште полоши од овие масти се сметаат трансмастите. Тоа се всушност, хемиски, масти добиени од типови на незаситени маснотии кои се хидрогенирани, односно заситени (во различен степен).Најчесто видлив пример на пазарот за ваков производ е маргаринот.

Незаситени масти

Незаситените маснотии, кои се во течна состојба на собна температура, се сметаат за добри маснотии. Причината е во најдената врска помеѓу нив и стабилизирањето на нивото на холестерол во крвта, намалувањето на воспалителните процеси, стабилизирањето на ритамот на срцето и други бројни корисни ефекти. Главен извор на овие маснотии е растителната храна: растителни масла, јаткасти плодови и семиња.

Постојат 2 типа на добри, незаситени маснотии:

1) Мононезаситени масти, кои ги има во значителни концентрации кај: маслиновото масло, путерот од кикирики, канола маслото, авокадото, бадемите, лешниците, семките од тиква и сусамовото семе.

2) Полинезаситени масти, кои ги има во значителни концентрации кај: масло од сончоглед, канола (иако поголем дел од маснотиите се мононезаситени), ореви, ленено семе и риба.

Омега 3 масните киселини се важен тип на полинезаситени маснотии, поради тоа што се есенцијални, односно телото не може да ги синтетизира. Добри извори на омега 3 масни киселини се: рибата, лененото семе, оревите, канолата и маслото од соја. Повисоките концентрации на овие масни киселини во крвта, според повеќе студии, се поврзуваат со намалувањето на ризикот од болести кои се најчесто поврзани со смртноста кај постарите лица. Корисните ефекти од омега 3 масните киселини се бројни.

Поголемиот дел од популацијата не јаде маснотии кои што се богати со незаситени масни киселини, особено тоа е случај кај западниот дел од светот кој се води главно според она што значи ,,западен начин на исхрана”. Американската асоцијација за здравје на срцето укажува дека 8-10% од дневниот внес на калории (енергија), треба да доаѓа од полинезаситени масти. Постојат докази кои посочуваат на тоа дека јадењето на повеќе (повеќе од 10%, до 15% од внесените калории, дневно) полинезаситени маснотии, наместо заситените маснотии, може да го намали ризикот од развивање на срцеви заболувања.

Заситени масти

Во реалноста не постои храна која што е составена само од еден тип на маснотии, туку секогаш масниот дел од хранта е микс од различни типови на масни киселини. Дури и оние намирници кои се сметаат за здрави, како јатките и пилешкото месо, на пример, имаат одредено количество на заситени масти. Но, тоа количество не е ни одблизу како она кај свинското месо на пример, или кај сирењето и млечните производи. Најчест извор на овие масти се животинските производи, но исто така и некои растителни продукти имаат состав на масни киселини кој е доминантно заситен. Такви примери се палминото масло, кокосовото масло, самиот кокос итн.

Внесот на ваквите маснотии треба да го сведеме на минимум (особено кај луѓето кои веќе имале проблеми со кардиоваскуларна болест), бидејќи многу студии ги поврзуваат со најразлични заболувања. Но, минимизирањето на внесот на храната богата со заситени маснотии не би имало ефект доколку напоредно со тоа не го намалиме внесот и на рафинираните јаглехидрати (простите шеќери). Јадењето на рафинирани шеќери, наместо заситени масти, го намалува нивото на LDL или ,,лошиот” холестерол во крвта, но од друга страна пак, го намалува и нивото на ,,добриот” HDL холестерол. Исто така, делува и на зголемување на триглицеридите во крвта. Ефектот на консумирањето на рафинирани шеќери, во целина, е лош за организмот. Затоа треба да внимаваме и на производите богати со рафинирани шеќери.

Најголемиот извор на заситени масти во исхраната се, споменавме животинските продукти, но поконкретно, за да бидеме појасни, тоа се следните производи од секојдневнието: различните видови на пици, сирењето и најразлчните масни млечни продукти како путер, млеко, кашкавал, зденка, кајмак и други, месни производи како колбаси, сланина, печеница, потоа, различни колачиња и десерти, како и сите останати производи кои влегуваат во широкиот спектар на т.н. брза храна.

Според досегашните научни истражувања, се чини дека токму заситените масти се помеѓу главните причинители на кардиоваскуларните заболувања, некои видови на малигни заболувања, како и причинители за процесите на системско воспаление во организмот.

Една метаанализа спроведена во 2017 во САД, покажала дека ако заситените масти се заменат со здрави масти, односно незаситени, за очекување би било ризикот од кардиоваскуларни заболувања да се намали за дури 30%. Негативното влијание на овие маснотии врз машката плодност, кое е покажано низ бројни студии, исто така вреди да се нагласи.

Трансмасти (најлошите маснотии)

Транс масните киселини, попознати како трансмасти, се синтетизирани со загревање на незаситените, течни масла, во присуство на водороден гас и катализатор. Овој процес е наречен хидрогенизација. Процесот се изведува заради достигнување на поголема стабилност, односно подолг рок на траење, заради добивање на цврстина на маснотијата, со што се добива функционална маснотија (маргарин или разни шортенинзи).

Исто така, делумно хидрогенизираните маснотии можат да се загреваат и на повисоки температури (за разлика од некои незаситени масла), без да претрпат ,,оштетувања”, што ги прави добар медиум за пржење.

Ваквите функционални својства, од кои често има потреба прехранбената индустрија, прави трансмастите да бидат широко присутни во процесираната храна.

Овој тип на маснотии е најлошиот за срцето, крвните садови и генерално целиот организам. Зошто е тоа случај?

-> Го подигнуваат нивото на LDL и го намалува нивото на HDL холестеролот

-> Поттикнуваат воспалителни процеси, процеси кои се поврзани со функционалноста на имуниот систем, што понатаму се одразува преку срцеви заболувања, срцев удар, дијабетес и други хронични заболувања.

-> Влијаат на создавањето на инсулинска резистенција

-> Можат да имаат негативно влијание и доколку се консумираат во многу мали количини. Една студија утврдува дека со секое зголемување од 2% на учеството на трансмастите во дневниот калориски внес, за 23% го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Затоа, препораката е следна: препорачаниот дневен внес на трансмасти е точно 0.

12 својства на БРОКУЛАТА

Брокулата е зелен зеленчук кој има облик што потсетува на мало дрвце. Припаѓа на истото семјство зеленчуци како и зелката, карфиолот, кељот и слични растенија. Постои во повеќе видови и бои, а на нашиот пазар најзастапена е брокулата од видот Калабрезе.

Брокулата може да се каже дека припаѓа на групата ,,супер зеленчуци” бидејќи е навистина богата и со микро и со макронутриенти. Содржи повеќе витамини, минерали, антиоксиданти, како и растителни влакна.

Зошто треба да консумираме брокули почесто? Во продолжение ќе ги наведеме најбитните корисни дејства на овој зеленчук.

1) Богат извор на витамини, минерали и биоактивни компоненти

Една од најголемите предности на брокулата, пред другите зеленчуци се состои во нејзиниот нутритивен состав. Таа е составена од широк спектар на витамини, минерали, растителни влакна и биоактивни компоненти:

Макронутриенти во 91g свежа брокула:
– јаглехидрати 6g
– протеини 2,6g
– масти 0,3g

Микронутриенти во истата количина:
– витамин C 135% од Дневниот Препорачан Внес
– витамин А 11% од ДПВ
– витамин К 116% од ДПВ
– витамин B9 14% од ДПВ
– калиум 8% од ДПВ
– фосфор 6% од ДПВ
– селен 3% од ДПВ и содржи исто така, 2,4g растителни влакна

Брокулата може да се консумира свежа или обработена. Двата начина на подготовка се здрави, но обезбедуваат различни хранливи профили. Различните начини да обработка на брокулата, како што се варење, пржење, варење на пареа, подготовка во микробранова печка, го менуваат составот на хранливите материи. Ова особено ја намалува содржината на витаминот C, како и на протеините кои можат да се растворат во вода. Истото важи и за шеќерите. Но, во секој случај, свежата или приготвена брокула, претставува богат извор на витаминот C. Во само 80g варена брокула има 84% од дневниот препорачан внес на витамин C, што е еднаква количина на витаминот С која се содржи во половина поголем портокал.

2) Брокулата содржи моќни антиоксиданти кои делуваат позитивно на здравјето

Антиоксидативниот состав на брокулата е еден од најголемите бенефити кои може да ги понуди брокулата за човекот.

Антиоксидантите се молекули кои ја инхибираат или ја неутрализираат штетата која ја прават слободните радикали на клетката. Ваквото дејство, води кон намалување на воспалителни процеси и преку тоа до заштита на целокупното здравје на човекот.

Брокулите се богати со глукорафанин, супстанца која во текот на дигестијата се претвора во моќен антиоксидант, наречен сулфорафан. Повеќе студии укажуваат дека токму оваа компонента може да понуди широк спектар на корисни дејства по здравјето на човекот. Меѓу нив најважни се: намалување на нивото на шеќер и холестеролот во крвта, оксидативниот стрес и намалувањето на ризикот од развој на различни хронични заболувања.

Исто така, брокулите ги содржат и моќните антиоксиданти зеаксантин и лутеин, кои можат да превенираат оксидативен стрес и клеточно оштетување во структурата на очите.

3) Биоактивните компоненти кои се содржат во брокулите можат да допринесат за намалување на нивото на инфламација во организмот

Според правените лабораториски истражувања (главно на животни) високата содржина на биоактивни компоненти во брокулата, како што се различните флаваноидите, можат да водат до намалена инфламација во телото. За потврдување на ваквото дејство на овие компоненти на брокулата, потребни се сепак повеќе истражувања кои ќе бидат спроведени на луѓе.

4) Брокулите можат да придонесат во заштитата од некои видови на рак

Повеќе студии укажуваат на тоа дека повеќето растенија од ова семејство, па и брокулата, можат да помогнат во превенцијата од некои видови на канцер (на дојка, простата, желудник, дебело црево, мочен меур). Иако податоците кои се добиени со овие истражувања се охрабрувачки, сепак треба сè уште да се работи во насока на истражување на некои компоненти кои се сметаат одговорни за ваквото превентивно дејство на брокулата.

5) Растителните влакна и антиоксидантите со кои е богата брокулата можат да придонесат во намалувањето на нивото на шеќерот во крвта

Иако точниот механизам преку кои брокулата го намалува нивото на глукоза во крвта не е познат, сепак правените истражувања на темата укажуваат дека главната причина за ваквото дејство е нејзиниот антиоксидативен состав. Секако, не толку малата содржина и на растителни влакна, допринесува во ваквото дејство. Познато е дека растителните влакна го успоруваат варењето на храната и ја хранат корисната цревна микрофлора. На тој начин, храната богата со растителни влакна обезбедува постепено апсорбирање на глукозата во крвта.

Една студија, правена на глувци, дошла до доста интересни податоци. Имено, глувците болни од дијабет, кои биле хранети со екстракт од брокули имале намалено оштетување на панкреасните клетки.

Богатиот состав од антиоксиданти и растителни влакна кој го има брокулата ја поддржува исто така и здравата дигестија, како и цревната перилстатика. Тоа се обезбедува преку хранењето на корисната цревна микрофлора, која се покажува како сè побитна за целокупнто здравје на човекот.

6) Брокулите ја поддржуваат функцијата на мозокот

Некои од хранливите материи и биоактивните компоненти на брокулата можат да го поддржат правилното функционирање на мозокот, како и на нервните клетки.

Стидија која била правена на 960 повозрасни испитаници, открила дека еден оброк во денот, кој содржи брокула, може, на долг рок, да помогне во намалувањето на ризикот од намалување на когнитивните способности при стареењето.
Сулфорафанот, кој претходно го споменавме, може да помогне во поддшка на функцијата на мозокот, по настан кој резултирал со намалена оксигенација на мозочното ткиво (помал доток на кислород).

7) Може да го поддржи успорувањето на процесот на стареење

Процесот на стареење е силно поврзан со оксидативниот стрес и намалената метаболитичка функција со текот на времето.

Стареењето е неизбежен природен процес, а квалитетот на исхраната се смета за еден од клучните фактори во определувањето на генетската експресија(актвирање) и развојот на болестите кои се поврзани со овој процес.

Студијата која се занимава со оваа тематика, ни дава податоци дека сулфорафанот, главната биоактивна компонента на брокулата, има капацитет да го успори биохемискиот процес на стареење преку намалување на експресијата(активирањето) на антиоксидативните гени. Сепак, за потврдување на овие податоци, потребни се многу повеќе студии на истата тема.

8) Витаминот С ја поддржува правилната функција на имуниот систем

Имуниот систем на човекот е комплексен систем кој има потреба од повеќе хранливи материи за да функционира соодветно.

Витаминот С е еден од поважните микронутриентите за имунитетот. Брокулата го има во високи концентрации.

9) Брокулата може да помогне и во одржувањето на здравјето на забите и усната празнина

Брокулата содржи навистина многу различни компоненти, меѓу кои и компоненти кои можат да помогнат во одржувањето на здрава усна празнина.

Покрај витаминот С, брокулите содржат и одредено количество на калциум. Овие два нутриенти се значајни за намалување на ризикот од парадентоза. Исто така, во процес на заштита од парадентоза можат да помогнат и флаваноидите.

10) Брокулата го штити здравјето на коските и зглобовите

Брокулата е добар извор на витаминот К и на калциумот. Ова се две компоненти кои имаат клучна улога во одржувањето на здравјето на коските.

Тие содржат и фосфор, цинк и витамин А, кои се исто така многу важни за коските.

11) Нутритивниот состав на брокулата може да помогне во одржувањето на здравјето кај бремените жени

Телото на бремените жени има поспецифични барања. Има потреба од низа на витамини, минерали, протеини, сè со цел одржување на здравјето не само на мајката, туку и на бебето.

Фолната киселина или витаминот В9 е есенцијална хранлива материја за развојот на мозокот и ‘рбетот на фетусот. Брокулата е особено богата со овој микронутриент. Редовното консумирање на храна богата со фолна киселина, како што е брокулата, може да го намали ризикот од некои проблеми при бременоста.

12) Брокулата може да помогне во заштитата на кожата од сончевите зраци

Ракот на кожата е во пораст, помеѓу другото поради сè повеќе оштетената озонска обвивка која не штити од преголемата изложеност на штетните ултравиолетови зраци.

Некои помали истражувања покажуваат резултати според кои, консумирањето на брокули може да не заштити од ултравиолетовата радијација која води до меланом. Механизмот според кој ова дејство е можно, односно начинот на кој дејството на биоактивните компоненти на брокулата, се остварува, е сè уште непознат и потребни се повеќе истражувања во оаа насока.

Краток заклучок

Брокулата спаѓа во групата на ,,супер зеленчуци” поради низата на микро и макронутриенти кои ги содржи во поголеми количини. Преку нив, таа обезбедува како што видовме, бројни здравствени бенефити, како: намалување на нивото на шеќер во крвта, намалувањето на нивото на воспаленост во организмот, поддршка на имуниот систем и добро здравје на срцето.

Но, многу е важно да се запамети дека доброто здравје не може да се должи и да се одржи само со една единствена храна. Брокулата треба да биде само една здрава компонента, секако во склоп на она што се подразбира под здрава и балансирана исхрана. Само на тој начин можеме да си обезбедиме здрав, а под тоа главно се подразбира, живот со поголем квалитет.

САПУНОТ – најдоброто оружје против корона

Вирусите се сметаат за ,,граница” помеѓу она што значи ,,живо” и она ,,неживото”.

За тие да се размножуваат и да можат да се сметаат за живи, неопходен им е домаќин, односно клетка-домаќин. Но, тие можат да останат активни, односно спремни за да нападнат клетка домаќин и надвор од организмот домаќин, неколку часа, па и неколку денови, во зависност од типот на вирус. Корона вирусот може во соодветни надворешни услови и површини, да остане активен и до 5 дена.

Дезинфекциските средства со висок процент на алкохол (над 60%) се ефикасни во отстранувањето на вирусите од контаминираните површини (разни површини и рацете), но обичниот сапун е многу поефикасен. Причините зошто е тоа така ќе бидат тема на овој текст.

Оваа тема е особено интересна бидејќи се наметнува следното прашање: Како може еден обичен сапун да го ,,уништи” вирусот, а лек за него да не може да се најде ниту за милион долари?

Прашањето изгледа логично на прв поглед, но проблемот е следен. Сапунот и дезинфекциските средства на база на алкохол го убиваат вирусот (или подобро кажано потенцијалниот вирус, односно вирион) надвор од организмот, на надворешните површини и кожата.

Зошто сапунот е толку ефикасен во справувањето со CoViD-19, па и повеќето други вируси?

Вирусот е честичка која е составена од 3 градбени единици: рибонуклеинска киселина (RNA), протеини и масти. Помеѓу овие градбени блокови нема ковалентни врски кои би ги држеле поцрвсто, што значи дека не ни се потребни ,,силни хемикалии” за нивно раздвојување, а со тоа и деактивирање на вирусот.

Како вирусот завршува на нашите раце?

При кивање или кашлање на лице кое е инфицирано, секретни капки завршуваат на различни достапни површини (можат да патуваат по кивањето или кашлањето и до 2 метри во далечина).
Како што рековме, вирусот на тие површини може да преживее со часови, па и со денови (во зависност од типот на површината и условите). Во текот на тоа време, со нашите раце можеме да го ,,собереме вирусот” од таквите површини, па при допир со рацете на нашето лице, особено на очите, носот или устата, можеме да се инфицираме.

Овие секретни капки на површината од нашата кожа, лесно се сушат, но вирусот останува потенцијално активен. Кожата е идеална средина (површина) за вирусот. Таа е органска материја и на еден начин вирусот се ,,залепува” на неа, по допирањето на контаминираните површини.

За да го отстраниме вирусот од нашите раце постојат три начина:

Првиот начин е да ги миеме рацете само со вода. На овој начин, можеме да го отстраниме вирусот, но највеќе ако секретните капки во кои се наоѓа не се исушени, во спротивно овој начин е многу малку ефикасен. Тој и инаку е не доволно ефикасен. Затоа, не треба да се потпираме на миењето раце само со вода.

Вториот начин е миење на рацето со вода, во комбинација со сапун. Тука случајот е сосем поинаков. Сапунот содржи компоненти кои се налик масни супстанции, познати како амфифили, структурно слични на масната компонента која е присутна кај вирусната мембрана. Moлекулите на сапунот се составени од хидрофобен и хидрофилен дел, односно дел кој има тенденција да се врзе со вода и дел кој има тенденција да се врзе со масна компонента. Мембраната на вирусот е масна компонента, па така хидрофобниот дел од молекулата на сапунот се врзува за него и на еден начин го разорува од струкурата во која е поставен кај вирусот. На тој начин, внатрешноста на вирусот останува незаштитена, па неговиот генетски материјал навлегува во околната вода. Така, генетскиот материјал и другите разорени компоненти остануваат заробени во мицелите на сапунот. По плакнењето на рацете сите овие компоненти се отстрануваат.

Третиот начин на отстранување на вирусот од рацете е со дезинфекциони средства на база на алкохол. Овие средства кои имаат висок процент на алкохол (над 60%) делуваат на сличен начин како сапунот. Но, сапунот е поефикасен затоа што е потребно помало количество на сапунеста вода за да се покријат сите површини на кожата на дланката, секако со соодветно триење. Покривањето полесно се обезбедува.

Додека, во случајот на алкохолните средства, потребни се поголеми количини. Потребно е буквално вирусот да се ,,потопи” во алкохол одредено кратко време, но треба и да се нанесе на секој дел од раката во еднакво количество. Тоа е потешко за постигнување (некој мал раб од површината на кожата може да остане непотопен или недоволно потопен), па затоа се препорачува, како примарно средство да се користи сапунот. Секако, доколку во моментот немате достапно сапун и вода, силно се препорачува користење на овие средства.

КОРОНА – Дали ТОПЛОТО време ќе помогне?

Ширењето на корона вирусот веќе завзема пандемски размери. Мерките кои ги превземаат владите на светско ниво се сè порадикални. Но, дали можеме да очекуваме и ,,помош” од природата?

Сè почесто можеме да слушнеме и прочитаме дека пролетното затоплување на времето, кое наскоро ни следи во северната земјина хемисфера, може да биде од помош во спречувањето на ширењето на вирусот. Дури и американскиот претседател, пред некој ден изјави дека топлината го убива корона вирусот. Но, дали е тоа вистина?

Самата идеја дека затоплувањето, кое наскоро ни следува, може да го спречи ширењето на вирусот, главно доаѓа од споредбата со вирусот инфлуенца (предизвикувачот на обичниот грип). Во многу аспекти постојат сличности помеѓу CoViD-19 и инфлуенцата- двата вируси ги напаѓаат репираторните патишта и можат да предизвикаат слични симптоми (во краен случај, тешки облици на воспаленија на белите дробови, познати како пневмонии) и се шират на сличен начин. Но, вирулентноста (заразливоста) и појавата на тешки облици (со тоа и поголема смртност) кај новиот корона вирус се доста почести. Исто така, за разлика од инфлуенцата, која докажано се јавува сезонски, кај CoViD-19 сè уште не сме во можност тоа да го утврдиме.

Споредба на CoViD-19 со инфлуенцата во однос на ширењето

Епидемиите кои се предизвикани од обичниот грип, обично почнуваат со намалувањето на температурите, со почетокот на зимата, траат до пролет и потоа драстично опаѓаат, сè до следната есен. Така се формира циклус. Тезата е дека појавта на овој циклус се должи на сензитивноста на инфлуенцата на различни климатски услови и промените во имунитетот на човекот кои се поврзани со сезоните. Кои факти ја поддржуваат оваа теза?

Прво, инфлуенцата подобро ,,преживува” на површините при студено и суво време и намален обем на сончеви часови (ултравиолетови зраци).

Второ, за повеќето луѓе, особено во посеверните делови од планетата, намалениот број на сончеви денови на зима значи намалување на нивоата на витамин D. Тоа може да ги намали перформансите на имуниот систем.

Трето, во зима повеќето луѓе поминуваат повеќе време во затворени простории и имаат поблиски контакти со повеќе луѓе. Ова му овозможува на вирусот полесно да се шири.
Улогата која ја има зголемената влажноста на воздухот, исто така не е воопшто за потценување. Поголемата влажност може да го успори ширењето, општо на повеќето вируси.

Важно да се каже е и дека пандемијата на инфлуенцата во 2009-2010 започна на пролет, засилувајќи се во текот на пролетта и летото, за да го достигне пикот во зимата 2010. Ова укажува дека во услови на пандемија (значителна стапка на заразени индивидуи, во најголемиот дел од светот) може да му се овозможи на вирусот продолжена трансмисија низ летниот период, надминувајќи ја опасноста по него, од менувањето на климатските услови. Таа опасност, во отсуство на пандемија, би била видлива во помалите и изолирани епидемии.

Споредба со ширењето на другите корона вируси

Како, претходно набројаните фактори за ширење (кај инфлуенцата) ќе влијаат на CoViD-19? Сè уште нема јасни и потврдени податоци со кои би се утврдил ефектот на температурата и влажноста на самиот овој вирус и неговата способност за ширење.

Секако за да дојдеме до некаков одговор, порелевантно е CoViD-19 да го споредуваме со другите вируси од ова семејство. Што се случувало при нивните епидемии?

Некои други вируси од ова семејство се покажале како сезонски, предизвикувајќи обични настинки во зимските месеци.

Епидемијата на SARS 2002-2003 година, исто така започна на северната хемисфера и заврши во јули 2003, со малку забележани случаи следната зима. Но, инфекциите со SARS го достигнаа својот ,,пик” во топлиот мај, а епидемијата заврши во јули. Овие факти зборуваат дека можеби самото траење на болеста ја завршило епидемијата, а не летните услови. Ист беше случајот и со MERS-от. Примарно беше пренесуван во потоплите земји.

Што можеме да заклучиме од овие информации?

Според кажното до сега и информациите со кои располагаат научниците, топлото време може да го намали ширењето на корона вирусот во северната хемисфера (додека потенцијално, да го зголеми ширењето во јужната хемисфера, во зимата која таму пристигнува). Но, многу е важно да се каже дека е многу малку веројатно e дека само времето како фактор, ќе го спречи ширењето на вирусот во прифатливи рамки.

Запирањето на ширењето на оваа пандемија ќе зависи исто така (можеби и во поголем обем) од мерките кои ги превзема секоја земја (и секако нивното ефикасно спроведување), потоа, од сето она кое што се подразбира под инфраструктура на еден здравствен систем кој го има државата, како и од самата проактивност на граѓаните во почитувањето на соодветните мерки.

Исто така, важно да се напомене е дека, покрај високите температури во потоплите месеци, во одредени делови од денот имаме температури (и отсуство на сонце) кои овозможуваат преживување на корона вирусот (ова е потврдено од една германска студија, чии резултати укажуваат дека корона вирусот може да преживее 5 дена, на температура од 21°С на тефлонска или метална површина).

Д-р Едсел Маурис Салвана кој е директор на институтот за молекуларна биологија и биотехнологија на Универзитот во Филипини, има став дека релацијата помеѓу ширењето на овој вирус и топлото време е ,,мит”.

Тој вели дека топлите услови можат да го деактивираат вирусот во побрз период на површните на кои се наоѓа, во однос на зимските поладни услови, но ширењето директно, од човек на човек, односно од едно заболено лице на други луѓе (преку секретни капки, при кивање и кашлање) ќе продолжи без разлика на временските услови.

Наскоро секако ќе дознаеме, но дотогаш – да се чуваме себе и останатите!

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор