Летото е време кога свежите зеленчуци доминираат на пазарот, а можеби еден од нашите најомилени и најпопуларни зеленчуци е токму тиквичката. Нејзината интересна структура, пријатниот и неутрален вкус, како и ниската калориска вредност ја прават една од најпрактичните намирници. Речиси и нема крај на рецептите во кои тиквичката може да биде вклучена, а притоа таа да не го збогати нивниот вкус и нутритивност. Бидејќи може да се користи на повеќе начини, денес ќе ви предложиме две варијанти како може да подготвите виткани или т.н „сармички“ од тиквичка.
Тиквичката – лесен и здрав зеленчук, карактеристичен за летото
Тиквичките се вбројуваат помеѓу најгустонутритивните продукти кои можат да се најдат на пазарот. Имено, од една страна имаaт особено ниска калориска вредност, а од друга, екстремно богат и уникатен микронутритивен состав.
Во околу 200g подготвени тиквички се содржат само 17 калории (1g протеини, помалку од 1g маснотии, 3g јаглехидрати и 1g растителни влакна), а од друга страна, микронутритивниот состав е импресивен:
- витамин А – 40% од дневно препорачаните количини
- манган – 16% од ДПК
- витамин Ц – 14% од ДПК
- калиум – 13% од ДПК
- витамин К – 10% од ДПК
- магнезиум – 10% од ДПК
во помали количества содржат: витамин Б9, бакар, фосфор, витамин Б6, витамин Б1 , железо, калциум, цинк и други витамини од Б групата.
Лазања од виткани тиквички
Традиционалниот рецепт за лазања е нешто што асоцира на голем број калории и долга подготовка. Но, овој интересен рецепт за подготовка на лазања од виткани тиквички е сосема спротивен. За него се потребни неколку намирници и освен времето за печење, истиот релативно брзо и лесно се подготвува.
За подготовка на овој рецепт ќе ви бидат потребни околу 70 минути (30 минути за печење) и истиот е доволен за 4-6 порции.
Потребни намирници:
- 3 големи и долги тиквици (околу 1,5-2kg), исечени по должина
- Малку маслиново масло
- Околу 200g урда
- 2-3 јајца
- 2-3 чешниња лук, ситно исецкани
- Доматен сос (може и од тетрапак пакување или од тегла)
- Сол и црн бибер
- Малку сушено оригано и босилок
- По желба, малку моцарела или пармезан
Начин на подготовка:
1 . Во тавче за печење, ставете хартија за печење и наредете ги кришките тиквичка. Пропрскајте ги со малку сол и оставете ги околу 15 минути да отстојат.
2 . Во сад измешајте ги урдата, јајцата, лукот и додадете како зачин сол, бибер, босилок и оригано.
3 . Со ваквата смеса филувајте ги тиквичките, а потоа завиткајте ги. Ваквите завиткани тиквички наредете ги во тавче за печење и околу нив додадете го доматниот сос, пропрскајте со малку маслиново масло и зачинете со оригано. По желба, врз самите тиквички ставете малку моцарела сирење.
4 . Печете во рерна на 190℃, околу 25-30 минути, односно додека тиквичката не е видливо омекната и сирењето не започне да добива кафеава боја.
5 . Послужете.
Виткани тиквички со спанаќ
За овој рецепт потребно ќе ви биде околу 1 час за подготовка и истиот е доволен за околу 6 порции.
Потребни намирници:
- 3 големи и долги тиквици (околу 1,5-2kg), исечени по должина
- Малку маслиново масло
- 4-5 чешниња лук, ситно исецкани
- 1-2 главици кромид, ситно исецкани
- Околу 150g спанаќ (може и замрзнат)
- Околу 150g урда (или друго помалку масно сирење)
- 1-2 јајца
- 1 свеж домат
- Доматен сос (потребен е околу тиквичките при печењето)
- Малку свеж босилок и оригано
- Сол и црн бибер
Начин на подготовка:
1 . Тиквичките исечете ги на долги, средно дебели парчиња. Наредете ги во тавче со хартија за печење и сосем малку пропрскајте ги со маслиново масло. Ставете ги во загреана рерна (на околу 190℃) и печете ги неколку минути, само додека малку не омекнат. Потоа извадете ги од рерна и оставете ги да се оладат.
2 . На тавче, пропрскајте малку маслиново масло и динстајте го исецканиот кромид. Кога истиот ќе омекне, додадете го лукот, спанаќот и исецканиот домат. Динстајте уште неколку минути, додека спанаќот не омекне, а мал дел од водата на доматот не испари. Ваквата смеса измешајте ја со урдата и јајцето, свежиот босилок и зачиенте со сол и бибер.
3 . Во тавче во кое ќе ги печете тиквичките, ставете малку од доматниот сос и зачинете го со босилок и оригано. Кон лентите тиквички додадете една лажичка од сосот и завиткајте ги. Ваквите „сармички“ наредете ги во тавчето со доматен сос и ставете ги да се печат, на околу 190℃, околу 25 минути. Тиквичките треба да се омекнати, доматниот сос да е згуснат, а смесата во нив да е испечена и благо заруменета.