fbpx

Дали прекумерното СЕДЕЊЕ влијае негативно на КРВНИОТ ПРИТИСОК?

Во оваа статија ќе се задржиме на поврзаноста меѓу два значителни проблеми на денешницата – седечкиот начин на живот и хипертензијата. Ќе зборуваме накратко како прекумерното седење влијае на лицата со хипертензија, како и за сериозноста на седењето како ризик фактор за појава на покачен притисок.

 

Зошто седечкиот начин на живот е особено штетен?

Според СЗО (Светската Здравствена Организација) околу 2 милиони смртни случаи секоја година се должат и препишуваат на физичката неактивност. Токму поради тоа, СЗО ги вбројува седечкиот начин на живот и физчката неактивност во топ 10-те причини за смрност кај луѓето. Поради темпото и начинот на кој се одвиваат денешните работни обврски, се смета дека седечкиот начин на живот е веќе сериозен проблем и ризик по јавното здравје. Проценките велат дека 60-85% од популацијата во развиените земји, води седечки начин на живот. Голем број студии покажуваат дека седењето и физичката неактивност значително го зголемуваат ризикот за:

  • Прекумерна телесна тежина
  • Тип 2 дијабет
  • Одредени форми на рак
  • Кардиоваскуларни заболувања
  • Предвремена смрт и др.

Доколку физичката активност е занемарена веќе подолг временски период, тогаш на телото навистина му се отежнуваат дури и најосновните функции како одржувањето на нормално ниво на шеќер во крвта, одржување на нормален крвен притисок и сл. Покрај физичкото здравје, седечкиот начин на живот влијае особено негативно и на менталното здравје и благосостојба. Една студија во која биле вклучени над 10.000 испитаници, покажала дека физичката неактивност и честото седење го зголемуваат ризикот за бројни ментални нарушувања.

 

Како седењето може да влијае на притисикот и на ризикот за појава на хипертензија?

Седентарниот начин на живот, кој се карактеризира со продолжени периоди на седење или физичка неактивност, претставува значителен ризик за појава на хипертензија или покачен крвен притисок. Редовната физичка активност е клучна за одржување на кардиоваскуларното здравје, бидејќи помага во регулирањето на крвниот притисок преку разни механизми. Кога луѓето водат седентарен начин на живот, нивната вкупна потрошувачка на енергија се намалува, што може да доведе до зголемување на телесната тежина, но и на висцералните масти, два ризик фактори кои се тесно поврзани со хипертензијата. Дополнително, долгорочниот седечки начин на живот се поврзува со нарушена ендотелијална функија, намалена биорасположивост на азотен оксид и зголемена активност на симпатичкиот нервен систем, кои придонесуваат за покачен крвен притисок. Седњето и физичката неактивност исто така ја нарушуваат рамнотежата на хормоните вклучени во регулирањето на крвниот притисок, како што се алдостеронот и кортизолот, што дополнително го влошуваат ризикот од хипертензија. 

Исто така, лицата кои претежно седат често покажуваат повисоки нивоа на воспаление и оксидативен стрес, што може дополнително да се одрази на здравјето на крвните садови и да го зголеми ризикот за хипертензија. Бидејќи седентарен начин на живот неретко се асоцира и со лоши навики во исхраната, вклучително и висок внес на процесирана храна и вишок натриум (сол), поединците кај кои е присутна ваквата комбинација имаат значително поголем ризик за проблеми со крвниот притисок. Генерално гледано, прекумерното седење и физичка неактивност имаат директен, но и индиректен ефект на кардиоваскуларното здравје и крвниот притисок. Факт е дека ризикот за појава на покачен притисок значително се зголемува доколку некое лице е физички неактивно, има прекумерна тежина, јаде процесирана храна, консумира алкохол, цигари и сл. 

Препораките се едноставни – практикувајте секојдневно раздвижување, не користете изговори дека немате време и направете лесен, едноставен чекор кој ќе обезбеди подобро целокупно здравје. 

[Поврзано: Само 20-ина минути ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ дневно се доволни за ПОДОЛГ ЖИВОТ! ]

Метаболен синдром и премногу АЛКОХОЛ – комбинација која го уништува ЦРНИОТ ДРОБ!

Метаболниот синдром е термин кој опишува група на различни состојби, кои често се поврзани, зависни и претставуваат меѓусебен ризик фактор. Тие генерално го зголемуваат ризикот за кардиоваскуларни заболувања, дијабет, мозочен удар и други сериозни здравствени проблеми. Овој термин некогаш се дефинира и како синдром на инсулинска резистенција. Овој збир на здравствени состојби се смета за еден од водечките ризици по јавното здравје, а застапеноста според одредени статистики варира од 10 до 80% кај популацијата. Постојат голем број причини за ваквата загрижувачка бројка а дел од нив ќе ги споменеме во продолжение.

Инаку, во оваа денешна статија ќе се задржиме на поврзаноста меѓу метаболниот синдром, здравјето и функцијата на црниот дроб и ќе погледнеме едно ново истражување кое покажува дека лицата кои консумираат поголеми количини на алкохол, а го имаат ваквиот синдром, се во сериозен ризик за нарушување на здравјето на црниот дроб.

 

Што претставува метаболниот синдром?

Иако е толку распространет како поим и често се зборува за него, многумина не знаат што всушност претставува метаболен синдром. Означувањето на оваа состојба како засебна дијагноза е предмет на дебата и помеѓу докторите, односно многумина се на ставот дека метаболниот синдром не може да биде сметан за засебна дијагноза.

Како и да е, општо прифатена дефиниција е дека метаболниот синдром е кластер или збир од повеќе метаболитички нарушувања (ризик-фактори), кои се појавуваат заедно, зголемувајќи го ризикот од кардиоваскуларни заболувања и дијбетес тип 2. Некои го нарекуваат и синдром на инсулинска резистентност.

 

Кои се симптоми и ризик фактори за појава на метаболен синдром?

Докторите можат да се посомневаат на метаболниот синдром доколку имате најмалку три од следните симптоми:

  • Централна или абдоминална дебелина (масни наслаги во струкот), односно обем на струкот од над 100cm кај мажите и над 85cm кај жените.
  • Ниво на шеќер во крвта над 100mg/dL.
  • Крвен притисок 130/85 или над тоа.
  • Ниво на маснотии во крвта над 150mg/dL.
  • Ниво на HDL холестерол под 40mg/dL кај жени и под 50mg/dL кај мажи.

Дијагностицирањето оди по соодветното тестирање и практично утврдување на најмалку 3 од претходно наведените 5 симптоми.

 

Метаболен синдром и често консумирање алкохол – особено штетна и ризична комбинација

Една можна последица од метаболниот синдром е оштетување на црниот дроб. Една нова студија ја проучувало поврзаноста меѓу метаболниот синдром и употребата на алкохол. Биле земени предвид студии од 1999 до 2018 година, а вкупно биле опфатени над 40.000 испитаници. Сите имале над 20 години. Студијата имала специфични параметри за испитаниците кои консумирало често алкохол. Како често и прекумерно консумирање се сметало она од 28 грами алкохол на ден за жени (околу 2 пијалаци) и 42 грами на ден за мажи (околу 4 пијалаци). Биле мерени количествата алкохол консумирани во текот на 1 година, а потоа биле проучувани во поглед на оштетување на црниот дроб кај лицата со метаболен синдром.

Резултатите покажале дека ризикот за појава на напредно оштетување на црниот дроб бил највисок кај лицата кои имале највисок степен на консумација на алкохол, а притоа имале и метаболен синдром. Ризикот бил речиси двојно поголем, а ваквите резултати ја нагласуваат опасноста од сериозна консумација на алкохол кај лицата со метаболен синдром.

Како се поврзани ТИРОИДНАТА ЖЛЕЗДА и КРВНИОТ ПРИТИСОК?

Хипертензијата или покачениот крвен притисок е една од најчестите здравствени состојби на денешницата. Се смета дека во светски размери, бројот на лица со хипертензија на возраст од 30 до 79 години се дуплирал, во споредба со статистиките од крајот на минатиот век. Причините за ваквата загрижувачка статистика се разни, а дел од нив ги имаме зборувано во нашите минати статии. Денес, ќе се задржиме на една невообичаена и поретка причина за можно покачување на крвниот притисок, а тоа е нарушената функција на тироидната жлезда.

 

Што претставува крвниот притисок и зошто доаѓа до негово покачување?

Пред да зборуваме за поврзаноста меѓу покачениот крвен притисок и холестеролот, најпрвин накратко да објасниме што всушност претставува крвниот притисок. Крвниот притисок е мерка за силата (притисокот) со кој крвта притиска врз ѕидовите на крвните садови. Тој се мери преку две вредности:

  • Систолен или т.н горна вредност за крвниот притисок, ја покажува вредноста за притисокот во артериите во текот на една контракција на срцевиот мускул
  • Диастолен или долната вредност при мерењето, го покажува притисокот во артериите измеѓу две срцеви контракции.

 

Висок крвен притисок или хипертензија е состојба кога ваквото притискање врз крвните садови е прекумерно, за време на подолг временски период. Притисокот подложи на промени во текот на денот, во зависност од нашите активности. Но, доколку преку целиот ден имаме покачени вредности за крвен притисок, тоа значи дека е можно да имаме состојба на хипертензија. Најчесто вредносите при кои се смета дека има покачен притисок се 140/90 mmHg.

Постојат две форми на хипертензија:

  • Примарна – се појавува со стареењето и за неа нема очигледна причина.
  • Секундарна – се јавува побрзо и нагло и може да биде поизразена и опасна од примарната. Како главни ризик фактори за нејзина појава се:
  • Бубрежни заболувања
  • Опструктивна спиечка апнеа
  • Вродени срцеви заболувања
  • Проблеми со тироидната жлезда
  • Честа употреба на алкохол
  • Проблеми со надбубрежните жлезди

 

Дали нарушената функција на тироидната жлезда може да влијае на крвниот притисок?

Тироидната или штитна жлезда е  мала жлезда во облик на пеперутка, сместена во централниот, преден дел на вратот. Иако многу мала, таа игра екстремно значајни метаболитички улоги преку излачените тироидни хормони кои низ крвотокот се пренесуваат до секоја клетка. Нарушувањето на функцијата на  тироидната жлезда е доста честа појава, која сама со себе носи повеќе проблеми. Во зависност од формата (хипо или хипертироидизам) таа може да се забележи преку различни симптоми.

Ако нивото на тироидните хормони опадне (хипотироидизам), телото на некој начин успорува, односно не е во можност да создаде доволно енергија од која има потреба. Но, чест случај е и претераната продукција на тироидни хормони или хипертироидизам. Според статистиката, ваквите нарушувања почесто се случуваат кај жените, а во светот некакво нарушување на тироидната жлезда имаат над 200 милиони луѓе.

Нарушената тироидна функција може кај мал процент од популацијата да доведе и до хипертензија. Се смета дека лицата со хипотироидизам имаат покачен крвен притисок поради покачување на периферниот, васкуларен отпор. Проценките се дека кај околу 3% од луѓето со хипотироидизам доаѓа до покачување и на крвниот притисок, состојба која е често наречена и секундарна хипертензија. Покрај притисокот, хипотиродизмот се поврзува и со покачување на нивото на холестерол и триглицериди кај одредени лица, а тоа севкупно го зголемува и ризикот за кардиоваскуларни заболувања. Нажалост, терапијата за хипотироидизам не секогаш го намалува и регулира крвниот притисок. Понекогаш, самото стврднување и намалената еластичност на крвните садови го отежнува намалувањето на притисокот и покрај користење на терапија за регулирање на тироидните хормони. Во една мала студија, која вклучила околу 30 испитаници, хормонската терапија за тироидната жлезда, довела до намалување на притисокот кај околу 50% од испитаниците. Научниците од студијата заклучиле дека хипотироидизмот доведува до своевидно стврднување на крвните садови, а со тоа и до хипертензија. Доколку дојде до оваа појава, консултација со медицинско лице е неопходна со цел добивање на соодветна терапија. Во оваа студија, терапија за тироидната жлезда, како и соодветна терапија за хипертензија довела до намалување и регулирање на крвниот притисок, како и подобрена еластичност на крвните садови. Важно е ваквите проблеми да не се игнорираат и навремено да се најде решение – правилна терапија, промени во начинот на живот (исхрана, физичка активност, квалитет на спиење) и сл.

Пушењето ги ВЛОШУВА симптомите на РЕВМАТОИДНИОТ АРТРИТИС!

Деновите кога пушењето се сметало за социјална и друштвена „навика“ се далеку зад нас. Денес, преку огромен број студии и истражувања е сосем јасно дека пушењето е штетна и исклучиво опасна зависност, која го загрозува нашето здравје. Пушењето и чадот од цигарите се штетни за речиси секој орган и ткиво во нашиот организам, па затоа често се смета и за број 1 непријател на јавното здравје. Ваквиот проблем е особено нагласен и со загрижувачката статистика која владее во нашата држава, па и регионот. Кај нас, речиси 50% од возрасната популација се пушачи – бројка која е алармантна.

Покрај заболувањата кои најчесто се асоцираат со цигарите (проблеми со белите дробови, срцето, холестеролот, дијабетот и сл.), постои и можеби една помалку позната асоцијација, а тоа е ефектот на пушењето врз артритисот и општо, сите инфламаторни состојби.

 

Што претставува артритисот?

Артритисот генерално означува состојба на воспаление на зглобовите. Но, терминот се употребува за опишување на околу 200 состојби кои предизвикуваат некакви проблеми со зглобовите, ткивата кои ги опкружуваат, како и други сврзни ткива.

Поголемиот дел од овие 200 состојби се ревматоидни, односно хронични. Порано се сметаше дека артритисот е типичен само за постарите лица, но денес знаеме дека може да се јави и кај помладите.

Најчестата форма на артритис е остеоартритисот. Други, исто така чести форми на ова заболување се и ревматоидниот артритис, фибромијалгија и гихт.

Типичните симптоми на хроничните ревматоидни заболувања, освен болки во зглобовите, вклучуваат и отоци, вкочанетост, но и низа на други симптоми, кои се развиваат постепено, но може да се јават и одеднаш. Одредени ревматоидни состојби можат исто така да бидат поврзани со имуниот систем.

 

Која е поврзаноста меѓу артритисот и пушењето?

Пушењето се смета како сериозен и значаен ризик фактор во поглед на појавата на артритисот, а најмногу за ревматоидниот артритис (РА). Поголем број истражувања покажале дека цигарите се ризик фактор за појавата на ревматоидниот артритис, особено за луѓето кои пушат долг временски период. Точниот начин на кој цигарите делуваат врз појавата на оваа состојба не е сосема разјаснет. Научниците сметаат дека пушењето делува врз функцијата на имуниот систем и со тоа ја зголемува шансата за појава на овој тип артритис. Некои истражувања покажуваат и дека цигарите може да го променат одговорот на телото кон одредени лекарства за оваа состојба.

Научно потврдени факти за поврзаноста меѓу пушењето и ревматоидниот артритис:

 Лицата кои се долгогодишни пушачи е поверојатно да развијат РА.

  • Лицата кои се пушачи може да имаат намален и влошен одговор кон лекарства за РА.
  • Пушењето може да ги влоши симптомите на ревматоидниот артритис. Тоа може да доведе до посилна болка и може да допринесе кон ширење и активирање на артритисот во други делови од телото.
  • Жените кои се пушачи дополнително го зголемуваат ризикот за појава на РА. Некои истражувања покажуваат дека жените кои пушат имаат повеќе од двојно поголем ризик.
  • Доколку е потрена хируршка интервенција, пушењето го зголемува ризикот од компликации. Дополнително, закрепнувањето е значително побавно кај пушачите.

Загрижувачки е што голем број од луѓето кои страдаат од ревматоиден артритис, не се свесни за ризикот и штетата кои ги носи пушењето. Дополнително, постојат и одредени фактори кои може дури да го отежнат процесот на откажувањето од цигари. За многумина цигарите претставуваат еден вид на дистракција која навидум ги олеснува симптомите и живеењето со болката од артритисот. Но, откажувањето на цигарите е неопходен и клучен чекор за подобро здравје и подобар квалитет на живот. Пушењето исто така го зголемува и ризикот за појава на други заболувања, со што состојбата може дополнително да се комплицира и влоши.

Затоа, не чекајте и започнете со процесот на трајно отжакување на цигарите. Доколку сакате да прочитате како може да ги зголемите шансите за успешно откажување, кликнете тука.

Кои СИМПТОМИ укажуваат на АЛЕРГИЈА кон одредена ХРАНА?

Голем дел од популацијата има проблеми со одредена храна, односно намирници. Често луѓето се жалат на послаба и отежнета дигестија кон одредена храна, болки во желудникот или надуеност и сл. Ова може да биде знак на алергија кон таквата храна, па затоа во оваа денешна статија ќе зборуваме накратко за алергиите кон одредени намирници, зошто истите се појавуваат и кои се најчестите симптоми.

 

Зошто се јавуваат алергиите кон одредена храна?

Алергијата кон некоја храна е всушност имун одговор на нашето тело кон одредени протеини од таа храна. Доколку сме алергични, нашето тело, односно имун систем се активира и започнува еден вид на „одбрана“ кон конкретни протеини од тој тип на храна. Доколку имуниот систем не е вклучен во ваквиот одговор, туку само имаме дигестивни потешкотии при јадењето на одредена храна, тогаш тоа го класифицираме како интолеранција. Алергиите се далеку поопасни и може да предизвикаат низа на компликации. Како пример може да го земеме млекото. При пиење на кравјо млеко, одредена индивидуа може да има алергија кон протеините во млекото, а може да се јави и интолеранција кон шеќерот лактоза. Едноставно кажано, интолеранциите не поттикнуваат имун одговор, додека алергиите го активираат имуниот систем.

Во тој имун одговор, се активираат разни антитела кој треба да ја „неутрализираат“ опасноста. Причините за појава на алергии се разни и зависни од многу фактори – генетика и фамилијарни предиспозиции, присуство на други алергии, возраст, астма итн.

Како најчести алергии на храна се сметаат:

  • Алергија кон кравјо млеко
  • Кон јајца
  • Соја
  • Пченица
  • Кикирики
  • Јаткасти плодови
  • Риба и морски плодови

 

Кои се најчестите симптоми на алергија на храна?

Симптомите на алергија на храна може да варираат од умерени до силни и изразени, а во некои случаи и животно загрозувачки. Анафилактичка реакција е состојба каде доаѓа до нагласена и сериозна алергиска реакција, често наречена и анафилактичен шок, која може да заврши и фатално.

За најчести симптоми на алергиска реакција кон одредена храна се сметаат:

  • Повраќање
  • Грчеви и болки во желудникот
  • Кашлање
  • Краток и плиток здив
  • Проблеми со голтањето
  • Отекување на јазикот
  • Отежнато зборување и дишење
  • Слаб пулс
  • Вртоглавица

Ваквите симптоми, доколку е во прашање алергија, може да се јават 2 часа после јадењето, а најчесто започнуваат после неколку минути. Сепак, важно е да ги разграничиме алергиите од интолеранциите, а тоа ќе го направиме успешно преку едноставни алергиски тестови.

АНАЛИЗА НА УРИНА – Што означуваат позитивни ЕРИТРОЦИТИ, ПРОТЕИНИ и ГЛУКОЗА?

Aнализата на урината е една од најкористените рутински, скрининг методи чии резултати можат да ни дадат основни информации за состојбата на метаболизмот, но и за генералната состојба на нашиот генитално-уринарен систем.

 

[Поврзано: Што треба да знаете за да ги разберете основните параметри на вашата КРВНА СЛИКА?]

 

Лабораториската анализа на урината претставува основна дијагностичка метода во секоја здравствена установа, која неретко има потенцијал да открие и несимптоматски, ,,скриени” заболувања.

 

Уринализата како важен  индикатор за здравјето 

 

Уринализата е анализа на урината што вклучува испитување на нејзиниот физички изглед, концентрацијата и на крајот веројатно најважното – самиот биохемиски состав на урината. Нарушените резултати на овој тест можат да укажат на одредени проблеми и  заболувања.

 

Како и да е, ваквите резултатите се само индикатор што е многу важен, а по него следуваат подетални испитувања за детектирање на конкретниот здравствен проблем.

 

[Поврзано: БОЈАТА на урината кажува многу за вашето здравје]

 

На пример, типичен симптом на уринарните инфекции е замаглена урина. Зголемените нивоа на протеини во урината укажуваат на проблеми со бубрезите итн.

 

[Поврзано: Повторувачки УРИНАРНИ инфекции – превенцијата е клучот!]

 

 

Зошто е потребна анализата на урината?

 

Уринализата е многу често тестирање што се прави главно заради 3 причини:

 

  • Да се провери општата здравствена состојба – докторите ја препорачуваат оваа анализа како дел од рутинските медицински прегледи, како дел од прегледите при бременост, пред оперативно или пред хоспитализација.
  • За дијагоностицирање на одредени медицински состојби – уринализата може да биде препорачана од вашиот доктор ако имате проблеми со болки во стомакот, грбот, често и/или болно мокрење, крв во урината или други слични уринарни проблеми.
  • За набљудување на одреден здравствен проблем – ако имате одредена дијагноза, како што е бубрежно заболување или заболување на уринарниот тракт, докторот најверојатно ќе ви препорача уринализа на редовна основа, сè со цел следење на состојбата и соодветно нејзино третирање.

 

Некои други типови тестирања, како тестирање за бременост или скрининг за опијати, исто така можат да се базираат на примероци од урината, но тие ,,бараат” конкретни супстанци и нивното утврдување не е вклучено во типичната анализа на урина.  На пример, тестирањето за бременост го мери хормонот наречен хорионичен гонадотропин. Скринингот за дроги детектира специфични супстанции или метаболитички продукти, во зависност од типот на тестирањето.

 

[Поврзано: Што означува CRP тестот и зошто е важен за здравјето она крвните садови?]

 

Како да се подготвите за тестирањето?

Ако примерокот урина ви е само за стандардната уринализа, можете да јадете и пиете нормално пред тестирањето. Ако истовремено правите и други тестирања, веројатно ќе треба да не внесувате храна одреден период пред самото тестирање (повеќе часови). Докторот кој ви го препорачал тестирањето, ќе ви даде подетални насоки во оваа смисла.

 

Одредени лекарства и суплементи можат да се ,,одразат” на резултатите од уринализата. Затоа, пред тестирањето, ако земате било какви лекарства или суплементи, консултирајте со вашиот лекар што ве следи.

 

Првата утринска урина се собира во стерилен сад, пришто се собира не првиот млаз урина, туку вториот (од 30 до 60ml течност). Секако, пред и по земањето на примерокот треба добро да се измијат рацете со топла вода и сапун.  Садот може да се најде во било која аптека, а секој друг сад треба да се избегнува поради можноста од контаминации. Ако примерокот урина треба да се носи на подолги дестинации, односно патување со часови, добро е да се носи во фрижидер.

 

Тестирањето треба да се изврши најдоцна 2 часа по собирањето на примерокот или 4 часа ако примерокот стои во фрижидер на пониски температури.

 

 

Како функционира тестирањето на урината и што ни означуваат добиените резултати?

Како што веќе и споменавме, тестирањето се состои од визуелно тестирање и тестирање на содржината.

 

Визуелното тестирање вклучува набљудување на бојата и чистотата, односно степенот на заматеност. Ако на пример постои крв во урината, таа ќе се обои црвено или темно кафено. Заматеноста пак, е знак за одредени бубрежни проблеми или некаква уринарна инфекција.

 

[Поврзано: Што треба да знаете за уринарна инконтенција?]

Визуелната анализа подразбира и микроскопски испитувања за утврдување на помалите нешта што инаку не можат да се видат со ,,голо око”. Секако, микроскопската анализа најчесто се практикува ако претходно во визуелното набљудување се утврди сомнителен изглед. Некои од нештата што не треба да бидат во урината, а можат микроскопски да се утврдат, се:

 

  • Црвени крвни клетки или еритроцити – потенцијален знак за бубрежна инфекција, одредено нарушување на крвта или друга здравствена состојба, како на пример канцер на мочниот меур.
  • Бели крвни клетки или леукоцити – сигнал за инфекција
  • Бактерии и други микроби – сигнал за инфекција
  • Кристали – одредени минерални кластери, што се можен знак за камчиња во бубрезите
  • Протеини со нарушена структура – сигнал за неправилна работа на бубрезите

 

[Поврзано: Како да се спречат камчињата во БУБРЕЗИТЕ?]

 

Многу подетално околу бојата на урината и за што сè таа претставува индикатор, прочитајте во една од нашите претходни статии, кликнувајќи тука.

 

Другиот дел од анализата на урината се спроведува со специјализираниот лакмус или со траката за урина.

Траката се потопува во примерокот, па хемикалиите на лакмусот реагираат со урината и ја менуваат бојата ако нивоата на одредна компонента се над нормалата.

Кои сè нешта може да ги провери лакмусот?

pH вредноста, односно киселоста на урината – Ако киселоста е абнормална, можно е да имате проблем со камчиња во бубрезите, со уринарна инфекција или пак одреден друг здравствен проблем.

 

концентрација – мерката за концентрација означува колку концентрирани се честиците на урината. Повисоките концентрации укажуваат на недоволно внесување вода и течности.

 

[Поврзано: Што се случува со нашето тело кога не пиеме доволно вода?]

протеини – нормалните нивоа на протеини во урината се ниски. Вишокот протеини може да биде знак за бубрежни проблеми и заболувања.

 

глукоза – високото ниво на глукоза во урината може да биде индикатор за дијабет. Вообичаено нивото на глукоза е прениско за воопшто да биде утврдено!

 

[Поврзано: Тримесечен просек – извонредно важен тест кај дијабетот! Зошто?]

 

бели крвни клетки – знак за инфекција или инфламација, дали некаде во уринарниот тракт или во бубрезите.

 

кетони – нивното детектирање, слично како и кај глукозата, може да биде индикатор за дијабетични нарушувања. Потребни би биле повеќе понатамошни истражувања во оваа насока. Ацетонот во урината исто така може да биде индикатор за вакви проблеми.

 

нитрити – индикатор за инфекција со одредени бактериски соеви.

билирубин – ако овој отпаден продкут, кој во нормални услови се обработува до елиминација од црниот дроб се појави во урината, тоа е силен индикатор за нарушена функција на црниот дроб.

 

крв во урината – сигнал за одредена инфекција или посериозно заболување.

 

Специфичната тежина на урината (кај возрасните лица) треба да се движи во интервалот од 1.005 до 1.030 во завиност од количината на излачената урина, додека pH вредноста треба да биде од слабо кисела, до базна (4.8 до 7.2). Околу 95% од урината е составена од вода, а тука се и електролитите, како натриум хлорид, сулфатни и фосфатни соли, мочна киселина, креатинин итн.

 

[Поврзано: 6 лесни совите за електролитен баланс]

 

Краток заклучок

 

Само по себе тестирањето на урината не може да утврди или да дијагностицира одредено заболување. Во зависност од тоа дали тестот за урина го правите рутински или по специфична препорака од доктор, абнормалните резултати можат и не мораат да значат понатамошни тестирања.

 

Проценувањето на резултатите од уринализата најчесто се во контекст и на некои други испитувања, како крвната слика. Докторот може да препорача и понатамошни тестирања, сè со цел утврдување на наредните чекори.

 

На пример, ако немате никакви здравствени проблеми или симптоми на заболувања, а имате слабо нарушени резултати од уринализата, веројатно нема да имате никаква потреба од понатамошни тестирања. Но, ако веќе имате утврдено бубрежни или уринарни проблеми, било какви нарушени резултати од анализата на урината претавуваат силен индикатор за натамошни поспецифични испитувања.

Како времето поминато во ПРИРОДА влијае на МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ?

Секојдневно сме преплавени со обврски, со некаков притисок и стрес и секогаш сме врзани со часовникот и сме во некакво брзање. Ваквиот модерен начин на живот кои го искусуваме сите ние е штетен по нашето здравје. Уште поважно е што ваквиот ритам на живот е штетен по менталното здравје, а тоа е нешто за кое не сме секогаш свесни и не го воочуваме.

Најчесто кога сме заситени со ваквото темпо, бараме да сме опкружени со помирна средина, а тоа е скоро секогаш во природа.

 

Премногу време пред екраните

„Дефицит од природа“ е недостаток од време поминато во природа и е сериозен проблем низ светот. Константно сме пред компјутер, телевизор или телефон. Ваквите активности науката ги поврзала со депресијата. Исто така, бројни студии покажаа дека времето пред екраните е поврзано и со губиток на емпатија, сочуство и чувство на изолација од надворешниот свет.

Особено e загрижувачко и времето кое децата го поминуваат пред екраните. Препораките се за децата под 2 години, воопшто да не се дозволува гледањето во екрани, додека за постарите деца и тинејџери тоа да се лимитира на 2 часа дневно.

Времето пред екрани е исто така научно поврзано со: прекумерна тежина, нередовност и намален квалитет на сон, проблеми со однесувањето и комуникацијата и проблеми поврзани со социјалната интеракција.

 

Човекот припаѓа и е поврзан со природата.

Често доаѓа до прекин на ваквата поврзаност, а со тоа се зголемува нашата потреба и желба да сме во некоја шума или покрај некоја река, езеро, море. Потребата за опкруженост со природа е во нашата генетика. Треба да настојуваме да ја послушаме таа внатрешна потреба и да практикуваме прошетка, спорт или едноставно релаксација во природа. Ваквите активности, науката покажала дека пружаат огромен број бенефити за нашето ментално здравје,а во продолжение ќе ги продискутираме токму нив.

 

Ефектот на опкруженоста со природа врз нашето ментално здравје

Покрај менталното здравје, времето поминато во природа има и значителни ефекти врз нашето целокупно здравје. [Поврзано: Како 20 МИНУТИ во ПРИРОДА прават чудо за ЗДРАВЈЕТО]. Но, денес ќе се задржиме на ефектите од поминатото време во природа врз нашето ментално здравје и расположение.

  • Една студија покажа дека времето поминато во природа влијае врз нашата меморија и емоции. Испитаниците кои практикувале прошетки во природа, покажале подобри резултати на тестовите за меморија, наспроти оние кои времето го поминувале во урбана средина.
  • Луѓето кои имале депресија, при прошетки во природа имале значајно подобрување во расположението, откри студија од 2012 година.
  • Времето во природа го намалува нивото на стрес хормонот – кортизол. Според некои студии, времето поминато во природа допринесува за намалување на стресот како и за подобрување на концентрацијата и фокусираноста.
  • Помалку време поминато на електронските уреди, а повеќе во природа, довело испитаници во една студија да имаат подобрена креативност и вештини за решавање на проблеми.
  • Луѓето кои поминувале време во природа, имале подобрено емоционално здравје и помало чувство на општествена изолираност. Исто така било утврдено и позитивното влијание на природата во намалувањето на анксиозноста кај луѓето.

 

Поврзаноста меѓу природата и човековото здравје

Студија од 2009 година ја покажа преку неколку точки, поврзаноста и зависноста на човекот од природата.

Главните точки од ова истражување се:

  • Живеејќи или движејќи се близу зелени површини како паркови, полиња или градини ја зголемува шансата и можноста за надворешни активности (трчање, пешачење, градинарење, играње и сл.) Ова секако го подобрува менталното и физичко здравје кај возрасните и кај децата.
  • Урбани средини кои имаат повеќе зеленило и паркови се покажале како места со подобра социјална интеракција меѓу луѓето кои живееле во овие средини.
  • Било каков контакт со природата (дури и во урбана средина) го подобрува расположението и менталното здравје.
  • Децата кои често се надвор во природа имаат подобро здравје. Тие исто така се помалку склони кон здравствени проблеми како астма, преголема телесна тежина, лошо расположение и сл.
  • Адолесценти кои биле почесто во природа, полесно се справувале со нивните проблеми и имале подобро емоционално здравје.
  • Кај старите лица, прошетките во природа влијаат особено позитивно врз нивното расположение и благосостојба.

Која е НАЈЧЕСТАТА ГРЕШКА што ја прават лицата со ДИЈАБЕТ?

Лицата кои имаат дијабет или предијабетна состојба, добро знаат дека треба да внимаваат на својата исхрана и дека истата е првата и можеби најважна алатка за справување со состојбата. Но, често се прави грешката каде фокусот главно се става на јаглехидратите, односно шеќерите, а се занемаруваат другите аспекти од една балансирана, здрава исхрана. Притоа, често се претерува со мастите, односно се јаде храна која нема јаглехидрати, но од друга страна е калорична и полна со масти. Тука главно ќе го споменеме кашкавалот и сирењето, но и сувомеснатите производи, месото и сл. Во оваа статија ќе зборуваме токму за ова – зошто кај дијабетичарите е важно да се изберат здрави масти, а помалку да се внесуваат заситените и транс мастите.

 

Дали постои храна која содржи исклучиво еден тип на масти?

Во реалноста не постои храна која што е составена само од еден тип на масти, туку таа е најчесто комбинација од повеќе типови на заситени и незаситени масти. Целта е да се насочиме кон намирници кои доминантно имаат незаситени масти, но тие секако во својот состав ќе содржат и заситени масти.

Во групата на незаситени масти спаѓаат мононезаситените (омега-9) и полинезаситените (омега-6 и омега-3 масни киселини) и тие се наоѓаат во различни намирници.

  • За добар извор на мононезаситени масти се сметаат: маслиновото масло, маслинките, семките од тиква, јатките, јајцата, сончогледот и сл.
  • За добар извор на омега-3 се сметаат: масните типови на риба (лосос, сардини, пастрмка, харинга), чиа семе, орев, ленено семе и др.
  • Добри извори на омега-6 масните киселини се: сончогледовото масло, маслото и семето од сусам, семето од афион, лененото семе, бадемите, индиските ореви и др. 

Проблемот настанува кога се консумираат намирници и храна која доминатно не ги содржи овие два типа, туку содржи главно заситени и транс масти. 

 

Зошто транс мастите се особено проблематични?

Трансмастите можат да се наречат и вештачки масти (постојат и природни, но тие се застапени во мал процент кај некоја животинската храна).

Транс масните киселини, попознати како транс масти, се синтетизирани со загревање на незаситените, течни масла, во присуство на водороден гас и катализатор. Овој процес е наречен хидрогенизација. Процесот се изведува заради достигнување на поголема стабилност, односно подолг рок на траење, поради добивање на цврстина, со што се добива функционална маст (маргарин или разни шортенинзи).

Ваквите функционални својства, од кои често има потреба прехранбената индустрија, прави трансмастите да бидат широко присутни во процесираната храна. Овој тип на маснотии е најлошиот за срцето, крвните садови и генерално целиот организам. Зошто е тоа случај?

  • Го подигнуваат нивото на LDL и го намалува нивото на HDL холестеролот
  • Поттикнуваат воспалителни процеси, процеси кои се поврзани со функционалноста на имуниот систем, што понатаму се одразува преку срцеви заболувања, срцев удар, дијабетес и други хронични заболувања.
  • Влијаат на создавањето на инсулинска резистенција
  • Можат да имаат негативно влијание и доколку се консумираат во многу мали количини. Една студија утврдува дека со секое зголемување од 2% на учеството на трансмастите во дневниот калориски внес, за 23% го зголемува ризикот од срцеви заболувања.

Транс мастите најмногу се застапени во: маргарини, пржена храна (особено во помфрит, мекици и крофни), чипс, пуканки од микробранова, замрзнати теста и некои видови крекери.

 

Зошто лицата со дијабет и предијабет треба да го контролираат внесот на заситени, а особено на транс мастите?

Ограничувањето на внесот на заситени и транс масти е од клучно значење за лицата со дијабетес со цел одржување на оптимално кардиоваскуларно здравје. Генерално гледано, дури и за здравите лица овие масти се непосакувани и треба да се лимитираат поради добро воспоставената врска помеѓу ваквите масти во исхраната и зголемениот ризик од кардиоваскуларни болести (КВБ). 

Заситените масти споменавме првенствено се наоѓаат во производите од животинско потекло и некои растителни масла, а транс мастите вообичаено ги среќаваме во преработената и пржената храна. Двата типови докажано го зголемуваат нивото на LDL – „лошиот“ холестерол, додека истовремено го намалуваат нивото на HDL или „добриот“ холестерол. Овој неповолен липиден профил придонесува за развој и прогресија на артериосклероза, состојба која се карактеризира со акумулација на наслаги во артериските ѕидови, што на крајот доведува до стеснување и стврднување на артериите. Луѓето со дијабетес веќе се соочуваат со зголемен ризик од кардиоваскуларни компликации, бидејќи самиот дијабетес е поврзан со инсулинска резистенција, воспаление и ендотелијална дисфункција, кои дополнително ја влошуваат појавата на артериосклероза. Затоа, намалувањето и регулирањето на внесот на заситени и транс масти е од огромно значење за ублажување и превенирање од дополнителни кардиоваскуларни ризик фактори и компликации. За зачувување на кардиоваскуларното здравје кај лицата со дијабетес, се нагласува важноста од придржување до препораките во исхраната (во случајов – поголем внес на незаситени масти, наместо заситени и транс масти), физичка активност, менаџирање на стресот, квалитетот на спиење и сл.

Тука постојат и други бројни аспекти кои го засегаат здравјето, односно други последици од прекумерниот внес на масти – зголемена тежина, инфламација, триглицериди и сл. Сето ова е ризик фактор и е нешто што ќе опфатиме во повеќе детали во некоја наредна статија.

Брзи и ЗДРАВИ – два лесни РЕЦЕПТИ СО ТЕСТЕНИНИ!

За деновите кога немаме многу време за готвење, немаме многу време за пазарење, а сепак сакаме вкусен и здрав оброк, тестенините се одлична опција.

Интегралните тестенини се супер избор за брз оброк, а сепак може да се комбинираат со разни зеленчуци, сирења и зачини. Поради употребата на полнозрнести житарки во нивното производство, тие претставуваат добар извор на комплексни јаглехидрати, имаат понизок гликемиски индекс од обичните тестенини, содржат повеќе минерали, протеини и растителни влакна.

 

Зошто е здраво и препоралчиво почесто да се внесуваат интегрални производи?

Јадењето повеќе полнозрнеста храна претставува лесен и едноставен начин да ја направите вашата исхрана значително поздрава. Полнозрнестите житарки се богати со низа хранливи материи, вкучително протеини, растителни влакна, Б витамини, антиоксиданти, лепеза на минерали, како магнезиум, железо, цинк, бакар итн.

Исхраната богата со полнозрнести житарки и производите добиени од нив, низ истражувањата постојано се покажува како намалувач на ризикот од повеќе заболувања и проблематични состојби, вкучително дијабет тип 2, срцеви заболувања, гојазност и некои малигни заболувања. Дополнително, ваквата исхрана помага за оптимална дигестија, односно идеална цревна перистатика и баланс на корисната бактериска микрофлора во дебелото црево. Сè  поголем број истражувања наоѓаат директна поврзаност на дигестивното здравје со повеќе аспекти од целокупното човеково здравје.

Поради тоа, настојувајте пекарските производи и тестенините да бидат целосно или барем делумно подготвени од интегрални брашна.

 

Паста со домати, фета сирење и спанаќ

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви се околу 30 минути, а истиот е доволен за 4-6 лица.

Потребни состојки:

  • 350-400g интегрални тестенини
  • Малку маслиново масло
  • Половина килограм свежи домати
  • 1 главица кромид, ситно исецкана
  • 3-4 чешниња лук, ситно исецкани
  • Малку суво оригано, црвен пипер, сол и мелен црн бибер
  • 100-150g свеж спанаќ
  • Малку свеж рузмарин
  • Сок од лимон
  • 100-150g фета сирење, издробено
  • Неколку маслинки

Начин на подготовка:

  1. Во тенџере со вода ставете малку сол и капка маслиново масло. Додадете ги тестенините и згответе ги според упатството на амбалажата (најчесто 7-8 минутно вриење).
  2. Во меѓувреме, во тавче со маслиново масло ставете ги исецканите домати и кромид. Гответе околу 6-8 минути, додека кромидот не омекне. Додадете ги лукот, ориганото и црвениот пипер. Гответе уште неколку дополнителни минути. Потоа додадете го спанаќот и динстајте уште 2-3 минути. Додадете малку  сок од лимон, рузмарин и зачинете со сол и бибер.
  3. Процедете ги тестенините и потоа во истото тенџере додадете го сосот од домати. Фино промешајте со цел тестенините да се еднакво покриени со сосот. Потоа додадете го фета сирењето и исецканите маслинки.
  4. Послужете со малку рендан пармезан.

 

Салата со паста и наут

За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 20 минути и истиот е доволен за околу 6 порции.

Потребни намирници:

  • Едно пакување интегрални тестенини
  • 2-3 поголеми свежи домати
  • Една конзерва сварен наут
  • 50-100g рукола
  • Една краставица, исецкана
  • 150g урда или фета сирење
  • Малку сушено оригано и босилок
  • Свеж, исецкан магдонос
  • Маслиново масло
  • Сок од лимон
  • 1 лажичка сенф
  • 3-4 чешниња лук, ситно исецкани
  • Сол и мелен црн бибер

Начин на подготовка:

  1. Во тенџере со зовриена вода, сварете ги тестенините според упатството на амбалажата.
  2. Во друг, помал сад, измешајте ги состојките за сосот – маслиновото масло, сокот од лимон, сенфот, лукот и солта и мелениот црн бибер.
  3. Сварената паста процедете ја и оставете ја да се олади со собна температура. Префрлете ја во друг сад каде се наоѓаат: наутот, исецканите домати, руколата, исецканата краставица, фета сирењето (или урдата), босилокот и магдоносот. Додадете го и сосот и фино промешајте. По желба додадете дополнително количество сол, сок од лимон и маслиново масло.
  4. Послужете.
X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор