fbpx

Сите сме чуле дека пржената храна е штетна. Но, ЗОШТО е?

Генерално земено, различните начини на преработка односно готвењето на храната во домашни услови, делува таа да стане биолошки подостапна, но и побезбедна. Всушност по готвењето, најчесто добиваме храна со хранливите материи кои полесно се апсорбираат, но и храна без патогени микроорганизми.

Сепак, не сите начини на готвење се добри. Еден од најлошите начини на приготвување храна, кој воедно и најчесто се практикува е пржењето. Секој од нас барем неколку пати во животот чул дека пржењето е штетно. Но, дали знаеме зошто е тоа случај? Дали навистина пржената храна е толку штетна?

Во продолжение краток осврт на она што значи пржење и на кој начин тоа делува врз храната и нејзината нутритивна вредност.

Што претставува пржењето?

Пржењето е процес на подготовка на храната во медиум за пржење кој може да одржи доволно високи температури. Тој медиум е најчесто некакво масло за готвење. Пржењето може да биде со мали количества масло, излеани на одредена ниска тава или со поголеми количества масло т.н. длабоко пржење, постапка во која храната буквално се потопува во медиумот за пржење.

Пржењето ја збогатува храната со маснотии и ѝ дава специфичен пријатен вкус, привлечна боја, но и одлична крцкава текстура. Затоа, пржењето е главниот процес според кои се добиваат повеќето продукти во ланците за брза храна.

Најчесто пржени производи се помфритот, различните месни продукти, рибата, некои кондиторски производи како крофните и низа на други популарни продукти.

Првиот проблем на пржењето – медиумите за пржење скоро секогаш се нездрави маснотии

Различните масла за готвење, имаат различна точка на чадење, односно период во кој почнува нивното распаѓање. Здравите маснотии како маслиновото и повеќето други ладно цедени масла, кои генерално се составени од незаситени масни киселини, имаат пониски точки на чадење. Дополнително, тие се значително поскапи. Значи, не баш погодни за пржење. Но и да се пржи во нив, храната ќе има повторно превисока калориска вредност.

Со зголемувањето на процентот на заситени маснотии во едно масло, се зголемува и неговата стабилност при пржењето, значи е попогодно за пржење. Најчесто користена маснотија е онаа од палминото масло, која е богата со заситени маснотии и има многу прифатлива цена. Други погодни маснотии за пржење се различните речиси целосно заситени животински маснотии, маслото од кикирики, кокос, сончоглед, канола маслото итн. Повеќето од споменатите масла, имаат превисоки количини заситени масни киселини.

Заситените масти според повеќето студии се значаен ризик-фактор за повеќе заболувања, меѓу кои највеќе за кардиоваскуларните.

Пржената храна најчесто е богата и со трансмасти


Транс масните киселини, попознати како трансмасти, се синтетизирани со загревање на незаситените, течни масла, во присуство на водороден гас и катализатор. Овој процес е наречен хидрогенизација. Процесот се изведува заради постигнување поголема стабилност, односно подолг рок на траење на маснотијата и заради нејзино зацврстување, со што се добива функционална маснотија (маргарин или разни шортенинзи).

Исто така, делумно хидрогенизираните маснотии можат да се загреваат и на повисоки температури (за разлика од некои незаситени масла), без да претрпат ,,оштетувања”, што ги прави добар медиум за пржење.

Ваквите функционални својства, од кои често има потреба прехранбената индустрија, прави трансмастите да бидат широко присутни во процесираната храна.

Значајно е да се каже дека и при самиот процес на пржење, од другите типови масти, можат да се создаде дополнителни колиечества трансмаснотии.


Трансмастите се најлошиот вид масти за срцето, крвните садови и генерално целиот организам

 

Зошто е тоа случај?

  • Го подигнуваат нивото на LDL и го намалува нивото на HDL холестеролот.
  • Поттикнуваат воспалителни процеси, процеси кои се поврзани со функционалноста на имуниот систем, што понатаму се одразува преку срцеви заболувања, срцев удар, дијабетес и други хронични заболувања.
  • Влијаат на создавањето на инсулинска резистенција.
  • Можат да имаат негативно влијание и доколку се консумираат во многу мали количини. Една студија утврдува дека со секое зголемување од само 2% на учеството на трансмастите во дневниот калориски внес, го зголемува ризикот од срцеви заболувања за дури 23%.

Затоа, препораката е следна: препорачаниот дневен внес на трансмасти е точно 0.


При процесот на пржење се создаваат токсични материи

Во зависност од хемискиот состав на хранат која се пржи, можни се интеракции внатре помеѓу нејзините компоненти, или помеѓу нејзините компонентите и самиот медиум за пржење – маснотијата. Ваквите хемиски интеракции можат да водат кон создавање на низа токсични материи, многу штетни по нашето здравје.

Еден таков добар пример се повеќето компоненти, добиени со Милардовите реакции, или реакциите помеѓу аминокиселините и шеќерите.

Добар пример за штетна Милардова компонента е соединението акриламид. Тој се добива при третирање на храната богата со одредени аминоскиселини и шеќери на многу високи температури.
Акриламидот е докажана канцерогена состојка во анималните студии. Најчесто се создава кај помфритот.

Друг, можеби и посликовит пример е пржењето на различните месни произовди или на свежото месо.

Без било какво третирање, месните производи содржат многу штетни компоненти, на пример разни токсини кои биле присутни во телото на животното, потоа антибиотици, различни хормони, диоксини, потоа конзерванси кај пакуваните производи итн. Комбинирањето на сите овие елемент на високи температури(како што е при пржењето), може да води до создавање на низа уште поштетни новосоздадени компоненти.

Пржената храна е извор на многу калории

Не само што пржената храна е извор на калории, туку тие калории се всушност празни калории. При пржењето, најголемиот дел од витамините и минералите од храната се губат, но храната ја губи и водата и наместо неа, апсорбира масти.

Со тоа, пржената храна станува уште повеќе калорична.

На пример:
100g компир содржи 90kcal, од кои многу мал дел од маснотии, истиот тој компир во облик на помфрит, содржи неверојатни 300kcal, од кои повеќето од маснотии (17g заситени!
100g риба има околу 100kcal и 1g маснотии. Истото количество пржена риба содржи повеќе од 200kcal и повеќе од 12g заситени маснотии!

 

Пржената храна го зголемува ризикот од дијабет и кардиоваскуларни заболувања

Научните студии покажуваат дека пржената храна може да ја зголеми отпорноста на инсулинот, а јасно е и дека ,,лошите” заситени масти делуваат на зголемување на ризикот од сите кардиоваскуларни заболувања.


О
громната калориска вредност на оваа масна храна, го зголемува ризикот од гојазност. Со тоа се зголемува и ризикот од поврзаните заболувања со оваа состојба.

Опасноста од претходно споментатите токсини по човековото здравје е многуслојна.


Краток заклучок:

 

Според наведените факти, потребно е максимално да го избегнуваме пржењето, наместо тоа користете повеќе варена, печена, динстана храна или храна подготвена во микробранова. И секако, јадете што е можно повеќе свежа храна- овошје и зеленчук!

Генерално, за најуспешно готвење, од нутритивен аспек, важи правилото: гответе пократки периоди, на пониски температури и со минимално количество на вода.

Не дозволувајте хранивите материи да ви ,,избегаат” од чинијата!

„Нервозни црева” – како да го препознаете овој синдром?

Синдромот на иритабилни црева е честа појава која измачува многумина. Тоа е заболување што се карактеризира со силно чувство на непријатност, предизвикано од драматични промени во движењата на цревата.

Овој синдром кај некои луѓе предизвикува дијареа, но кај други може да доведе и до запек.

Најчестите, секојдневни симптоми се грчеви  и стомачна болка, неретко во обем во кој претставуваат сериозен проблем за извршувањето на секојдневните обврски, односно водат кон значително намалување на она што се подразбира под квалитет на живот.

Синдромот на иритабилни црева или уште наречен IBS е доста честа појава


Околу ова сосема доволно е да се каже дека IBS е помеѓу 10те најчести причини за посета на докторите од примарното здравство. Се смета дека дури 10-15% од населението ја има оваа дијагноза.

Важно е да се спомене дека не секоја стомачна тегоба значи IBS. Разликата е во тоа што грчевите, стомачната болка, констипацијата и дијареата при IBS се појавуваат многу зачестено. Стомачните тегови со кои сите некогаш се имаме соочено, траеле кратко и не се повторувале често.

Кои се причините за IBS?

Лекарите сé уште немаат јасна слика што точно води до ова заболување, но постојат неколку теории, односно луѓето со IBS имаат или најчесто имаат:

посензитивно дебело црево .

мозок кој прима дразби од дигестивниот тракт, повеќе или помалку, отколку кај останатите луѓе, што води кон абнормални мускулни контракции.

• имун систем кој различно од вообичаено одговара на стресот и инфекциите.

• хормонски промени кои го предизвикуваат синдромот(Ваквите промени се најчести кај жените. Дури 70% од пациентите со IBS, се жени.)

• пониски или повисоки нивоа на серотонин(невротрансмитер) кој е произведен во стомакот и може да делува на дигестивните нерви. Кај пациентите со дијареа, серотонинот во стомакот е повишен, додека кај оние со констипација, неговото ниво е премало.

Иако не се знаат точните причини, синдромот на иритабилни црева модерната медицина дефинитивно го смета за заболување. Дополнително, во дефинирањето од помош е и она што IBS не е, односно не е анатомско или структурно нарушување, хемиско нарушување или малигна болест. Исто така, IBS не предизвикува други гастроинтестинални заболувања.

Синдромот на иритабилни црева всушност е збир од симптоми кои постојано се повторуваат во текот на најмалку половина година и се појавуваат најмалку 3 пати месечно. Притоа, болките се поврзани со нередовната голема нужда и најчесто исчезнуваат со празнењето на цревата.

Тригери (поттикнувачи) на IBS и дијагностицирање

Сигурно повеќе пати сте биле сведоци на ,,пеперутките во стомакот”. Тие се предизвикани од стресните ситуации, како јавни говори, разговори со симпатијата или некакво натпреварување.

Стресот може да биде поттик, но и да ги влоши симптомите на иритабилните црева. Други поттикнувачи можат да бидат хормонските промени, обилните оброци и одредена специфична храна, но и некои медикаменти.

Многу е важно да знаете што ви ги засилува или предизвикува симптомите, тоа е првиот чекор за контролирање на IBS. Затоа, препорачливо е и да се води дневник со продукти кои директно ви предизивкуваат непријатни симптоми.

Дијагностицирањето оди со крвна слика, испитување на столицата, а некогаш е потребна и колоноскопија. Најчестите други причинители кои можат да водат до слични симптоми се различните инфекции, целијакијата или пак алергија на одредена храна.

Најчести поттикнувачи за констипација при IBS:

◦ Бел леб, рафинирани житарки(не полнозрнасти)
◦ Препроцесирана храна (грицки, чипсови, колачиња..)
◦ Кафе, газирани пијалаци
◦ Алкохол
◦ Високо-протеинска исхрана
◦ Млечни производи, особено сирење

Најчести поттикнувачи на дијареата при IBS:

◦ Преголем внес на растителни влакна
◦ Газирани пијалаци
◦ Обилни оброци
◦ Млечни производи
◦ Чоколадо, кофеин, алкохол

Кој е под особен ризик од IBS?

Ризик-фактори се: возраста, полот (дури 70% од заболените се жени), генетиката(наследен фактор), подложноста на стрес, различните алергии на храна, луѓето со други дигестивни заболувања, пациентите под силни терапии  и оние кои обилно и неправилно се хранат.


Можни компликации

Многу е значајно да го препознаеме овој синдром и да почнеме со некаква терапија, а што е најважно, со промена на лошите животни навики. Нетретирањето може да води кон посериозни состојби како неухранетост(поради влошената апсорпција и намалениот апетит), хемороиди, компликации за време на бременоста, развивање алергии на храна итн.


Здравите животни навики – прва линија на терапија при IBS


Постојат соодветни терапии за менаџирање на ова заболување, односно соодветни терапии за дијареа, констипација, болки, но и антидепресиви ако е неопходно.
Сепак, трајните промени се постигнуваат со усвојување на здрава исхрана која вам најмногу ви одговара и ќе можете да ја задржите засекогаш и изнаоѓање начини за справување со стресот и редовна физичка активност.

• Исхрана која помага при констипација предизвикана од IBS.

Зголемување во внесот на растителни влакна најмалку 25g за жени и 38g за мажите. Добри извори на ваква храна се полнозрнастите житарки, свежата храна(овошје, зеленчук), мешунките, јатките итн. И фибер суплементите се опција. Избегнување на храна која како засладувач содржи шеќерен алкохол – сорбитол. Редовно и доволно хидрирање.

• Исхрана која помага при дијареа предизвикана од IBS.

Контролирајте го внесот на растителните влакна. Иако ретко се случува да се претера со нив, сепак некогаш е можно. Не јадете храна со превисока или прениска температура, особено не во комбинација. Избегнувајте брокули, зелка и кромид. Јадете во помали порции и пијте доволно вода.

• Зголемете го внесот на пробиотска храна – јогурти, ферментирани зеленчуци, па можеби и суплементи, секако во консултации со лекарот кој ви ја следи состојбата.

На крајот, како што веќе споменавме, утврдете кој точно продукт/и ви ги предизвикува/ат симптомите и избегнувајте го/и.

IBS: Долгорочна прогноза

 

Синдромот на иритабилни црева е хронична состојба. Пациентите може да доживеат помирни периоди, а потоа и ненадејно влошување на симптомите.

Водењето личен дневник за исхраната, чувствата и симптомите, може да биде од огромна помош при откривањето на скриените поттикнувачи за IBS. Со тек на времето, симптомите на IBS најчесто не се влошуваат.

Значајно е да се каже и дека овој синдром не претставува живото-загрозувачка состојба и не доведува до посериозни состојби, како улцеративен колитис, Кронова болест или пак малигни заболувања на дебелото црево.

 

Што е егзема (атописки дерматитис) и како да си помогнете при нејзините непријатни симптоми?

Атописки дерматитис е најчестиот облик на егзема, односно состојба која ја прави кожата црвена и предизвикува чешање. Најчесто се појавува кај децата, но може да се појави на било која возраст. Се работи за доготрајна, односно хронична болест со тенденција да се јавува/враќа периодично. Често пати е придружувана од симптомите на астмата, но и поленската треска.

[Поврзано: АСТМА и исхрана – индиректно, но значајно влијание!]

Медицината сè уште не пронашла соодветен лек за ова заболување, но одредени третмани и мерки кои самите можеме да ги превземеме, можат значително да ги олеснат типичните симптоми на атопискиот дерматитис, па дури и да ги намалат новите ,,напади” на чешање и останати симптоми.

На пример, од голема помош може да биде избегнувањето на претврди сапуни, редовното хидрирање на кожата, користењето на различни препарати за нега на кожата, секако по претходно советување и  препорака на дерматолог итн. Многу повеќе на оваа тема, прочитајте во продолжение.

Симптоми

Симптомите на овој дерматит можат значително да варираат, а најчестите вклучуваат:

  • Сува, некогаш и лушпеста кожа
  • Силна потреба за чешање, особено во периодот на ноќта
  • Црвенкасти до кафени линии и осип по кожата, најчесто на нозете, рацете, зглобовите (лактови и колена), горниот дел на градите, образите, скалопот и други делови од телото кои се поизложени
  • Отворени, корави или влажни рани

 

Оваа состојба најчесто се појавува пред 5 годишна возраст и може да трае (со подолги или пократки периоди на ,,пауза”) дури до адолесценцијата.

Сепак, прогнозата на атопискиот дерматитис е добра, со оглед на тоа што кај поголем број од децата симптомите престануваат после доенечкиот период или по завршувањето на пубертетот.

Кога е неопходно веднаш да посетите доктор?

По првичните симптоми секако е добро да се јавите на лекар со цел да се направат неопходните прегледи и да се препорача третирање.

Доколку знаете дека го имате проблемот, а искусувате состојби како неможност за спиење во текот на ноќта, повишена телесна температура која тешко се снижува, кожни инфекции и силни симптоми кои траат предолго, немојте да се двоумите веднаш да се обратите за подетални совети кај матичниот лекар.

Причини

Здравата кожа одржува оптимална влажност и нè заштитува од бактериски инфекции и од најразлични иританти и алергени. Егземата е имуно-посредувано, воспалително заболување чие појавување е поврзано со комбинацијата на средински фактори и генетска варијација.

Ваквата ,,комбинација” директно влијае на способноста на кожата да ја врши споменатата заштитна функција. Така, кожата станува подложна на различни средински фактори, како различни иританти, алергени итн.

Кај некои деца, алергиите на храна можат да играат значајна улога во поттикнувањето на атопискиот дерматитис. Во некоја од наредните статии ќе зборуваме и за поврзаноста на исхраната и егземата.

Ризик-фактори и можни компликации

Примарниот и воедно најзначаен ризик-фактор за појава на атопискиот дерматитис е семејната историја на егзема, алергии, астма или поленска треска.

Можните компликации од ова заболување се:

  • Астма и поленска треска – често пати овие состојби следат по егземата. Повеќето од половина од малите деца со оваа дијагноза, развиваат и астма и/или поленска треспа, пред 13 годишна возраст.

 

  • Хронично чешање, преранлива кожа што се лупи

 

  • Кожни инфекции

 

  • Алергиски контактен дерматитис

 

  • Проблеми со спиењето, односно нарушен квалитет на сон

 

 

Превенција и домашни лекови

Постојат соодветни медикаменти кои можат да делуваат на симптомите/воспаленијата на кожата (антихистамини, кортикостероиди), но тие често пати водат и кон несакани ефекти, особено на подолг рок и ако станува збор за детска возраст.
Затоа, во продолжение ви даваме неколку едноставни совети кои можат да ви помогнат да ги превенирате или олесните непријатните симптоми на атопискиот дерматитис:

 

  • Навлажнувајте ја вашата кожа барем 2 пати неделно – за таа цел можете да користите различни креми, лосиони, екстракти, масла итн. Изберете продукт кој одговара на природата на вашата кожа. Најдобро е претходно да се консултирате со дерматолог.

 

  • Обидете се да ги идентификувате и да ги избегнувате ,,тригерите” или поттикнувачите кои ги влошуваат симптомите или предизвикуваат нивна појава – работите кои можат да ја зголемат реакцијата на кожата и на тој начин да ги влошат симптомите на егземата се потењето, стресот, гојазноста, различните сапуни и средства за хигиена, полен, прашина итн. Избегнувајте изложеност на споменатите фактори. Дополнително, како што и претходно споменавме, дерматитисот, особено кај помалите деца, може да биде поттикнат и од јадењето одредена храна, најчесто јајца, млеко, соја и пченица (нејзини производи). Консултирајте се со лекарот во однос на тоа дали можеби вашето дете има потреба од правење на алерго тестови за храна.

 

  • Немојте да претерувате со туширањето – немојте да се туширате подолго од 5 – 10 минути и тоа со вода која не е претопла. Многу повеќе на оваа тема, прочитајте на следниот линк: Како честото туширање влијае на здравјето?

 

  • Користете влажни облоги или облека – по туширањето и соодветното нанесување на препарати за навлажнување на кожата, можете да користите претходно навлажнети облоги на местата кои се црвени и чешаат. Исто така, можете да ја навкажнувате самата облека. Влажните облоги можат да стојат и до неколку часа или во текот на ноќта, а врз нив можете да користите сува облека со цел потешко да се сушат. Истражувањата покажуваат дека непријатните симптоми на чешање со ваквиот пристап потенцијално се намалуваат и до 70%! Консултирајте се со дерматологот околу нанесувањето на ваквите облоги врз препишаната терапија на кожата.

 

  • Користете бања со белило – можеби звучи опасно и страшно, но бањите со сосема мали количества на белило (со концентрација на натриум хипохлорид до 6%), можат значително да ги намалат симптомите на егземата. На полна када (над 150 литри), користете половина чашка од белилото, на половина када ¼ чашка, а за бебешка бања една лажичка. Белилото ќе ги неутрализира бактериите кои природно се наоѓаат на кожата и се потенцијални влошувачи на симптомите, односно можат да придонесат за инфицирање на местата кои ве чешаат и сте ги ,,разраниле”.

 

  • Консултирајте се со дерматолог околу тоа што значи фототерапијата

 

  • Што треба максимално да избегнувате?

 

  • Постојано (особено интензивно) чешање на местата со инфламација и инфекција.
  • Волнена облека или волнени прекривки кои можат силно да ја иритираат кожата.
  • Кожата да ви биде сува.
  • Туширање со жешка вода и предолого туширање.
  • Долго миење на садови со препарати за хигиена (сјаеви).

 

ПОКАЧЕН ШЕЌЕР и орално здравје – важни поенти!

Покрај останатите проблеми и компликации кои можат да се јават од дијабетот, како на пример оние за кои зборувавме во претходните статии – проблеми со очите, стапалата, бубрезите, дијабетот може да предизвика и проблеми во усната празнина.

На кој начин дијабетот ги предизвикува проблемите во усната празнина?


Пoвишените крвни нивоа на глукоза, како резултат на дијагнозата дијабет, може да водат кон болки, инфекции и други проблеми во усната празнина, влучително проблеми со:

• непцата
• забите
• вилицата
• ткивата на јазикот, горниот и долниот дел од устата и внатрешноста на образите

Глукозата е присутна и во саливата (плунката), односно специфичната течност која и ја дава влажноста на усната празнина. Кога дијабетот не е соодветно контролиран, глукозните нивоа во плунката остануваат повишени, па тоа значително им помага на различните патогени (штетни микроби) да се размножуваат во устата. Глукозата е идеална подлога за поголемиот дел микроби.

Меките забни наслаги или забниот плаг (бактериски биофилм и распаднати органски материи во вид на лепливи наслаги на забите) се појавува поради јадење, пред сè јаглехидратна храна. Некои типови на забен плак можат да поттикнат појава на кариес и оштетување на забите, додека други можат да водат кон заболувања на непцата и непријатен здив. На долг период ваквите наслаги можат да преминат во забен камен.

[Поврзано: Природни решенија за непријатниот здив
ГИНГВИТИС или воспаление на непцата – причини и последици!]

Заболувањата на непцата можат да имаат потешки облици и да им биде потребно подолго време за заздравување доколку страдате од дијабет.

Што се случува доколку имате забен плак?


Како што веќе споменавме, подолготрајното неотстранување на забниот плак може да премине во забен камен или особено цврсти наслаги на границата помеѓу забите и непцата. Ваквата ситуација води кон полесни инфекции и отоци, крварења – симптоми на гингивитис.

Ако ова заболување на непцата не се третира навремено и соодветно, може да премине во поопасно заболување наречено парадонтитис – непцата се одвојуваат од забите при што се формираат слободни простори помеѓу нив, погодни за инфекции. Ваквата состојба може сериозно да влијае на здравјето на забите, односно забните ткива.

Кои се најчестите орални проблеми кои можат да бидат поттикнати од дијабетот?

• гингивитис, воспалени непца – црвени, воспалени и непца кои крварат
• парадонтитис, заболување на непцата кое може да има посериозни последици – црвенило, воспаленија, крварење, долготрајни инфекции во устата, губење на забите итн.
кандидијази, квасочни инфекции кои телото тешко може да ги контролира – бели или црвени, болни дамки низ устата, јазикот, образите и горниот дел од устата
• сува уста или ксеростомија – недостаток од плунка, испукана уста, проблеми со јадењето, болни инфекции итн.
• различни воспаленија во усната празнина – чувство на горење во усната празнина, киселкаст вкус, сува уста, непријатен здив итн.
• афти кои тешко се залечуваат
• темки точки низ јазикот


Доколку страдате од дијабет, треба да бидете повнимателни во однос на оралното здравје


По редовното четкање на забите и употребата на конецот за заби, детално проверувајте ја усната празнина дали случајно има некакви симптоми од листата претходно наведени. Доколку забележите било каков проблем, обратете се на стоматолог.

Почетните знаци на заболувањата на непцата се отечени, меки и крвави непца, но некогаш симптомите не се забележуваат, па можат посериозно да прогресираат. Затоа, правете барем 3-4 превентивни стоматолошки прегледи годишно.

Често после рутинските стоматолошки третмани знаат да се јавуват ранички во усната празнина или болки заради различни причини. При вакви ситуации најверојатно ќе бидете оневозможени да јадете како вообичаено неколку часа, па можеби и неколку денови. За совети како полесно да се справите со оваа ситуација, консултирајте се со вашиот стоматолог:
Што е најдобро да јадете и пиете? Дали можеби треба да го промените времето кога ја примате терапијата за дијабет или пак да направите промени во дозирањето? Колку често треба да го проверувате шеќерот?

Како пушењето делува на оралното здравје?

Пушењето освен што може да ги поттикне оралните заболувања, тоа ги влошува постоечките. Пушењето исто така може да ја промени бојата на забите и да поттикне непријатен здив.

Пушењето и дијабетот се опасна комбинација, секако во негативна смисла. Пушењето го зголемува ризикот од низа проблеми поврзани со дијабетот. Ако се откажете од пушењето:

ќе го намалите вашиот ризик од срцев и мозочен удар, од нервни, бубрежни заболувања и ампутации
ќе ги подобрите нивоата на холестерол и крвниот притисок
ќе имате подобра циркулација итн. итн.

[Поврзано: Како да се одвикнеме од една од најлошите животни навики – ПУШЕЊЕТО]

Совети како да го одржиме оптималното здравје на усната празнина:

• Уште една причина соодветно да го контролирате глукозното ниво е здравјето на усната празнина.

• Кажете му на вашиот стоматолог дека имате дијабет.

• Избегнувајте процесирана храна.

• Четкајте ги забите најмалку 2 пати дневно со флуорна паста за заби, која ќе ве заштити од кариес.

• По редовното миење на забите, направете рутинска проверка на усната празнина.

• Немојте да бидете прегруби со четката за заби.

• Четкајте го со паста за заби и јазикот.

• Менувајте ја четката за заби на секои 3 месеци.

• Пијте доволно вода.

• Користете конец за чистење на забите.

• Користете средства за сузбивање на забниот плак по препорака на стоматолог.

• Ако носите протези, соодветно грижете се за нивната хигиена и доколку ве стегаат, задолжително консултирајте се со стоматологот.

• Имајте рутински, превентивни прегледи најмалку 3 пати годишно.

• Ако сте пушач, откажете ги цигарите.

Поврзани теми:

8 извонредно важни тестови кај ДИЈАБЕТЕС
Како до подобра контрола кај дијабет?
Кои се раните симптоми на дијабет?
Дијабет – Како да се грижите за вашите стапала и зошто е тоа толку важно?
Физичка активност и зголемено ниво на шеќер во крвта
Што секој од нас треба да знае за ДИЈАБЕТЕС?
Инсулинска резистентност
Зошто кај дијабет е неопходна РЕДОВНА грижа за очите?
Тримесечен просек – извонредно важен тест кај дијабет!

Извор:

https://www.niddk.nih.gov/

Што треба да знаете за ,,витаминот” Б4 или холин?

Холинот е неодамна откриен микронутриент кој се продуцира и од страна на телото (црниот дроб), но во доста мали количества, недоволни за неговите потреби. Така, неопходно е холинот да го внесуваме и преку нашата исхрана.

Денес ќе зборуваме повеќе околу неговите корисни ефекти и функции во организмот, колку е препорачаната дневна доза холин, кои се неговите најдобри извори во храната, кои се опасностите од дефицитот, како да го дознаете вашето ниво на холин и слично.

Што претставува холин?

Холинот е водорастворлив микронутирент (може да биде и маснорастворлив) кој е сличен на фолната киселина и останатите витамини од Б групата. Може да се сретне и под името витамин Б4, но сепак не се смета за витамин – веќе споменавме дека се процудира во помали количества и во организмот.

Слично како витамините од Б групата, холинот игра важна улога во однос на нормалниот развој на мозочното ткиво, нервната функција, движењата на мускулите, одржувањето на оптималната метаболитичка функција и за нормалната работа на црниот дроб.

Тој е значајна структурна компонента и за синтезата на повеќе масни компоненти, со различни улоги во организмот.

Која е можеби најважната функција на холинот?

Холинот е клучен за т.н. процес на метилизација, кој е неопходен за синтезата на ДНК молекулата, за нервните сигнали и различни процеси на детоксификација.

Холинот помага во правилното апсорбирање на мастите, компоненти кои понатаму учествуваат во креирањето на клеткочните мембрани и структури.

Според ова, евидентно е дека холинот е особено важна компонента за формирањето на основната структурна и функционална единица на организмот – клетката.

 

Заштита на срцевото здравје

Авторите на една студија од 2018 година, утврдуваат поврзаност помеѓу зголемениот внес на холин и намалениот ризик од мозочен удар.

Холинот, заедно со фолната киселина (витамин Б9), помага во соодветната конверзија на  хомоцистеинот, аминокиселина чии високи нивоа во крвта значително го зголемуваат ризикот од различни срцеви заболувања.

Дополнително, одредени студии утврдуваат дека холинот може да делува во намалувањето на нивото на холестерол во крвта – исто така битен ризик-фактор за кардиоваскуларното здравје.

Сепак, на оваа тема се потребни повеќе истражувања.

Поттикнува здрава бременост и здрав развој на новороденчињата

Бремените жени имаат најголеми потреби од холин, бидејќи фетусот интензивно го користи за развој на мозокот, клетките и нервните канали.  Дополнително, холинот е многу значаен во периодот на бременоста поради неговиот взаемен соодност на регулирање со другите многу значајни витамин во периодот на бременоста, како витамин Б9 и останатите Б витамини на пример.

Истражувањата го поврзуваат оптималниот внес на холин кај мајките во текот на бременоста, со правилниот развој на мозокот во периодот на растењето на детето.

Холинот е пронајден и во самото млеко на мајката во периодот на доењето, што уште еднаш ја потврдува неговата огромна важност за развојот на бебето. Во почениот период од животот, бебињата имаат значително поголеми потреби од различни нутриенти, помеѓу кои и холинот. Тоа е така бидејќи во овој период мозочната струткутра, односно нервните мрежи се во интензивно формирање.

Подобра мускулна функција и спортски перформанс

Холинот е значаен за функцијата на ацетихолинот, многу важен невротрансмитер кој помеѓу останатото ја помага комуникацијата помеѓу нервите и движењето на мускулите.

За секое придвижување на мускулите, потребно е одредено количество холин за активација на ацетилхолинот, кој праќа хемиски сигнали до мускулите и ги прави подвижни.

Овој нутриент е важен и за подобрувањето на она што значи ментална енергија, фокус и концентрација – клучни предуслови за добар физички перформанс, особено значајно за  оние што се бават со спорт. Се смета дека ефектот кој го има холинот на метаболизмот и невротрасмитерите во мозокот, може да поттикне побрза реакција, односно намалување на времето потребно за ментално процесирање кое и претходни на реакцијата.

Подобра меморија и превенција од деменција

Како што старееме, мозокот ни станува сè помалку ,,еластичен”. Холинот врши важна функција во одржувањето на ,,еластичноста” на мозочното ткиво преку одржувањето на оптималните нивоа на претходно споменатитот невротрансмитер ацетилхолин, чии нивоа природно паѓаат со текот на годините.

Холинот може да делува на подобрувањето на т.н. сигнален капацитет на нервите, поддржувајќи ја нивната структура и витални мембрани.

Одредени студии укажуваат дека снижените нивоа на овој невротрансмитер се ризик-фактор за развивање на најчестите облици на деменција, како Алцхајмеровата болест на пример. Кај пациентите со ова заболување утврдени се нетипично ниски нивоа на ацетилхолин.

Подобро здравје на црниот дроб

Холинот е неопходна компонента за правилното одвивање на транспортот на мастите, но и на холестеролните молекули од црниот дроб до клетките низ целото тело. Тој учествува и во одржувањето на отималните нивоа на масти во црниот дроб, што превенира од негово замастување.

Ниските нивоа на холин во организмот, истражувањата ги поврзуваат и со зголемената опасност од заболувања на црниот дроб, па дури и негово ,,откажување”.

[Поврзано: Замастен црн дроб – зошто не треба да се игнорира и што да се направи?]

Препорачани дневни потреби од холин


Потребите од холин варираат во зависност од неколку фактори: бременост или доење, пол, возраст и генетски фактори. Според тоа дневните потреби oд холин, за:

◦ бебиња од 0 до 1 година – 125-150mg
◦ бебиња од 1 до 3 години – 200mg
◦ деца од 4 до 8 години – 250mg
◦ деца од 5 до 13 години 375mg
◦ од 13 години нагоре – 550mg (за мажи) и 400-425mg за жени
◦ бремени жени – 450mg
◦ доилки – 550mg

За безбедни се сметаат количествата до 3,5g кај возрасните и до 2g кај децата.


Недостаток од холин и негови симптоми

Недостатокот од холин не е реткост меѓу населението, а на долг рок тој може да води кон: кардиоваскуларни болести, невролошки нарушувања, неалкохолно замастен црн дроб, мускулни оштетувања итн.
Луѓе кои се во ризик од дефицит на холин се спортистите, лицата што прекумерно консумираат алкохол, жените во постменопауза и бремените жени.

Симптомите на недостаток кои треба да ги препознаете се:

◦ ниско нивоа на енергија и хронично чувство на замор
◦ често заборавање
◦ болки во муслулите
◦ чести промени во расположението
◦ проблеми со учењето

Холинот се испитува преку лабораториска анализа на крвен примерок. Повеќе на оваа тема консултирајте се со вашиот лекар ако мислите дека има потреба.

Добри извори на холин во храната


Здравата и балансирана исхрана може да ни обезбеди сосема доволни количества од овој нутриент. Здрава храна која е богата со холин:

1) Лосос
2)
Наут
3)
Соја
3)
Грав
4)
Карфиол и брокули
5)
Киноа семе
6)
Ориз
7)
Полнозрнести брашна и нивни продукти
8) Различни
јатки и семиња
9)
Компири
10)
Печурки

Постои и соодветна суплементација со холин, но околу потреба од неа задолжително консултирајте се со вашиот лекар.

Сè што треба да знаете за витаминот Б12!

Витаминот Б12 или кобаламин е многу важен, односно есенцијален, водорастворлив витамин од групата Б-витамини. Тоа значи дека телото нема способност самото да го продуцира, па мора да биде внесен со исхраната (или преку суплементација), впрочем како и останатите витамини (освен витаминот Д).

Иако кобаламинот е водорастворлив, организмот има механизми да го складира и до период долг 4 години (евентуалниот вишок лесно се излачува преку урината).

Улоги во организмот

Витаминот Б12 хемиски гледано е најголемиот и најкомплексно градениот витамин. Игра низа мнгоу значајни улоги во организмот:

▫ за правилното функционирање на нервниот систем и мозокот
▫ во продукцијата на црвените крвни клетки (еритроцити)
▫ за синтезата и регулацијата на ДНК молекулата
▫ во метаболизмот на синтеза на одредени важни масни киселини
▫ во процесот на созадавање енергија
▫ во помагањето, односно олеснувањето на апсропцијата на фолната киселина (витамин Б9)
▫ за здравјето на коските и кожата – превенција од остеопороза
▫ за намалување на ризикот од макуларна деградација

Кои луѓе се во посебен ризик од дефицит на витамин Б12?


Недостатокот од овој значаен витамин може да се случи на два начини: исхрана која не е доволно богата со витамин Б12 или одредени проблеми кои ги има организмот со апсорпцијата на кобаламинот. Недостатокот може да се јави кај секого, а со зголемен ризик, односно оние кои треба посебно да бидат внимателни се:

• Повозрасните луѓе
• Лицата со некаков вид на гастроинтестинални нарушувања, како Кронова болест или целијакија
• Лицата кои имале некакви гастроинтестинални оперативни зафати
• Луѓето со стриктна исхрана која исклучува било какви животински продукти
• Лицата кои користат метформин за контролирање на глукозата во крвта
• Пациентите кои користат медикаменти (протонски пумпи) за третман на хронични киселини
• Бремените жени и доилките

Потреби од кобаламин


Недостатокот од овој витамин не е реткост, особено кај категориите луѓе кои претходно ги споменавме. Според статистиките од САД (земјата со најдобри статистики во повеќето области), помеѓу 1,5 и 15% од популацијата има одреден степен на  недостаток од витамин Б12.

Препорачаните дневни количества од овој витамин за возрасните лица се 2,4mcg и нешто повеќе од ова за доилките и бремените жени, односно 2,8mcg и 2,6mcg, соодветно.

Тешко може да се ,,предозирате” со витамин Б12, бидејќи телото има механизам лесно да го излачи, сепак оние кои имаат намера да користат било каков тип суплементација на овој витамин, треба да се консултираат со својот лекар (можни се интеракции на овој витамин со евентуални други медикаменти кои луѓето ги користат).

Доколку сте во некоја од претходно наведените ризични групи, а особено доколку почувствувате некој од симптомите на недостаток кои ќе ги наведеме подолу, задолжително консултирајте се со вашиот лекар. Тој може да препорача соодветно тестирање кое би утврдило дали и колкав дефицит имате, па соодветно на тоа, што треба да превземете.

Постојат неколку видови на суплементација – орална (таблети), носен спреј или инекции.

За оние кои имаат стриктно неживотинска исхрана, добро е да користат суплементација во консултација со својот лекар. Сите вештачки синтетизирани Б12 суплементи не се од животинско потекло, постојат одредени бактерии со способност да ја синтетизираат комплексната молекула на кобаламинот.

Симптоми на недостаток од витамин Б12

Недостатокот од овој витамин, како што веќе рековме, не е реткост. За жал, тој може да води и кон посериозни и иреверзибилни (неповратни) последици, особено за нервниот систем и мозокот.

Дури и понезначајните или помалите недостатоци од овој витамин можат да предизвикаат одредени симптоми, како:

▫ Депресија
▫ Збунетост
▫ Проблеми со меморијата
Хроничен замор

Сепак, за жал, симтомите на недостаток од витамин Б12 можат да не се појават и со години, а и дијагностицирањето на дефициотот може да биде комплексно. Дополнително, дефицитот на кобаламинот може да се помеша со недостаоткот од витамин Б9.

Ниските нивоа на Б12 предизвикуваат паѓање и на нивото на витаминот Б9 (фолна киселина). Сепак, ако имате ниски нивоа на Б12, ,,поправањето” на ниското ниво на фолна киселина може да го замаскира проблемот.

Значајни и специфични симптоми на дефицит од витамин Б12 кои треба да ги познаете:

1. Бледа или жолтеникава кожа – последица на намалената продукција на еритроцити (мегалобластична анемија). Повеќе околу анемиите, прочитајте тука. Можни симптоми на анемијата – нагла неочекувана загуба на килограми, бледа кожа, менстурални проблеми, дијареа итн.

2. Хроничен замор и слабост – исто така заради намаленото ниво на црвени крвни клетки кои се преносители на кислородот. Без кислородот, отежнати се метаболитичките процеси во клетките кои водат до енергија.

3. Пецкања или чувство на морници – еден од посериозните негативни ефекти кој се случува поради одреден степен на нервни оштетувања. Без кобаламинот, отежната е синтезата на миелин – масна киселина која ги опркужува и заштитува нервните клетки. Вообичаено овие симптоми доаѓаат заедно со анемијата, но една студија утврдува дека и до 30% од случаите со пациенти со невролошки симптоми, немало знаци на анемија. Сепак, треба да се знае дека овој симптом е карактеристичен и за низа на други состојби.

4. Воспаленија во усната празнина и честа појава на афти

5. Наарушен или замаглен вид – ова се случува кога дефицитот останува нетретиран подолого време, па доаѓа до одредени оштетувања на оптичкиот (очен) нерв. На тој начин доаѓа до попречувања во сигналот кој патува од очите до мозокот, со што се нарушува добриот вид – состојбата е позната како оптичка невропатија. За среќа, одредени студии покажуваат дека правилното суплементирање со витамин Б12, може да го реши овој проблем.

6. Чести промени во расположението – низа на студии го поврзуваат дефицитот од овој витамин со зголемено нивоа на хомоцистеин, депресија и деменција.

Храна која е извор на витамин Б12:

риба – особено туна
• пилешко месо
јајца
нутритивен квасец
• млечни производи – јогурт, сирење
• други типови на месо
• одредени фортифицирани (збогатени) производи, како на пример млеко од соја

Брусница – многумина ја сметаат за супер-храна, а има и зошто!

Брусницата е бобеста овошка која спаѓа во родот на боровинки наречен Vaccinium. Растението на кое расте е зимзелена грмушка што вегетира во предели со поголема влажност и умерена клима. Потекнува од Северна Америка, но денес се одгледува ширум светот на местата со умерено континентална клима. Постојат повеќе видови брсуница, но најпознатата за нас е онаа ситната црвена која е и најкомерцијализирана – Vaccinium macrocarpon.

Луѓето ја користеле брусницата уште од далечното минато како храна, за различни корисни ефекти во традиционалната медицина, но и како обојувач.

Оваа супер-храна од нутритивен аспект има специфично пријатен горко-киселкаст вкус. Се користи на најразлични начини, а најдобро е да се консумира свежа или сушена, иако дел од своите корисни компоненти брусницата задржува и по нејзиното процесирање – џемови, сокови, мармалади, пити и најразлични слатки.

Во продолжение, 8 научно потврдени факти зошто брусницата е супер-храна и треба многу почесто да ја внесуваме.

1) Богат нутритивен извор

Како што веќе споменавме, брусницата може да се смета за супер-храна. Токму нејзината хранлива и антиоксидативна вредност го овозможува тоа. Генерално, таа е составена од вода (90%) и јаглехидрати (голем дел растителни влакна- целулоза, хемицелулоза и пектин), но и низа на микронутриенти (витамини, минерали и останати фитохемикалии).

Во 100g свежа брусница има околу 50kcal, додека во сувите поради поголемата концентрираност, односно помалку вода – 90kcal- нешто помалку растителни влакна и витамини и значително повеќе шеќери и минерали.

Брусницата е особено богат извор на витаминот Ц (свежата),потоа на манган, витамин Е, витамин К, бакар, калиум, пантотенска киселина, витамин Б1, Б2, Б3 Б6, а содржи и одредени количини железо, магнезиум, цинк, фосфор, витамин А итн.

2) Еден од најмоќните антиоксидативни извори помеѓу сите овошја


Антиоксидантите се одбранбениот механизам на телото од слободните радикали – штетни компоненти кои постојано се продуцираат како метаболитички отпад во телото и оксидативно ги оштетуваат неговите различни клетки и ткива. Организмот има механизми самиот да продуцира одреден процент на потребни антиоксиданти, но сепак зависи и од внесените.

Постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Овие бобести овошки се можеби најбогатиот антиоксидативен извор на природата, особено на флавоноидните полифеноли.

Повеќето од овие компоненти се концентрирани во кожичката на плодовите и најдобро се внесуваат преку свежите плодови. Најзначајни антиоксидативни компоненти на брусницата се:

Кверцетин – најзастапениот полифенолен антиоксидант во брусниците.
Мирицетин – можеби најзначајниот антиоксидант со низа здравствени бенефити.
Пеонидин – заедно со цијанидинот, одговорен пигмент за специфичното црвено обојување.
Урсолична киселина – терпеноидна компонента со потентни антивоспалителни ефекти, составна компонента на многу препарати во традиционалната хербална медицина.
Бензоична киселина – моќно антисептичко дејство (против разните патогени)
Витамин Ц
Епикатехини


3) Превенција од уринарни инфекции

Уринарните инфекции се најчестите бактериски инфекции, особено кај женската популација. Најчесто се предизвикани од бактеријата E.coli, која се ,,прикачува” на внатрешниот дел од мочниот меур и другите делови на уринарниот тракт.

Брусницата е најбогатиот растителен извор на специфичните фитохемикалии, познати како тип А проантоцијанидини или кондензирани танини. Низа на истражувања покажуваат дека овие материи превенираат од инфекциите со Е.coli, па затоа брусницата е потенцијална превентивна мерка за оние кои имаат чести проблеми со уринарните инфекции.

Проантоцијанидините во голема мера се уништуваат со процесирањето на брусницата, па затоа најдобро е да се јаде свежата или сушена брусница.

4) Брусницата е одлична храна за здравјето на срцето

Огромен број на студии укажуваат дека полифенолните антиоксиданти чиј најбогат извор е брусницата, се од особен бенефит за кардиоваскуларното здравје. Најзначајни од овој аспект се антиоксидантите антоцијанини, проантоцијанидини и кверцетинот.

Овие компоненти овозможуваат:

Намалување на ,,лошиот” LDL холестерол и зголемување на нивото на ,,добриот“ HDL холестерол

Заштита на холестеролот од оксидативни оштетувања – една од главните причини зошто LDL холестеролот ги создава проблемите – артеросклероза

Намалување на високиот крвен притисок

Намалување на крвните нивоа на хомоцистеин, следствено намалување на ризикот од воспаленија во крвните садови

Намалување на крутоста и олабавување на крвните садови

Дополнително, брусницата содржи и солидни количества на минерали кои се многу важни за срцето – калиум и магнезиум, но и на растителни влакна. Високата содржина на растителни влакна се поврзува со намалениот ризик од низа кардиоваскуларни заболувања и состојби поврзани со нив, како: срцев удар, коронарна артериска болест, хипертензија, висок холестерол, гојазност итн.


5) Подобро дигестивно здравје и поуспешно слабеење


Како нутритивно сконцентрирана храна, брусницата содржи многу висок процент растителни влакна, но и вода. Тоа ја прави особено погодна храна при слабеењето. Освен што практично не можете да претерате со јадењето брусници, тие ќе ви обезбедат и низа микронутриенти и антиоксидативни компоненти со најразлични корисни дејства врз орагнизмот. Исто така, општо земено, студиите го поврзуваат зголемениот внес на свежата храна (овошје и зеленчук) со поуспешното слабеење.

И растителните влакна студиите ги поврзуваат со побрзото и поуспешно слабеење.

Ова е случај заради тоа што го намалуваат гликемискиот индекс на храната и ја врзуваат водата во стомакот, со што се промовира ситост. Дополнително, тие се храна за корисната цревна микрофлора, од чиј баланс зависи и целокупното здравје.

Растителните влакна помагаат и при еден од најчестите проблеми со дигестивното здравје- констипацијата или запекот. Едно истражување покажува дека со зголемувањето на внесот на фибер во организмот, опаѓаат шансите за развивање на колоректален канцер.

Брусницата го намалува и количеството на жолчни киселини во цревата што се поврзува со малигни заболувања, а корисна е и за контролирањето на здравата pH во усната празнина – го намалува штетното дејство на киселините врз забите.


6) Подобар имунитет


Високиот процент на антиоксиданти, пред сè на полифеноли (проантоцијанидини), но и на витаминот Ц, ѝ го овозможува ова корисно својство на брусницата. Покрај тоа што е корисен за многу други аспекти, како на пример здравјето на кожата (учествува во продукцијата на колаген – најзастапениот протеин во организмот кој е клучен за здравјето на кожата), витаминот Ц е клучен и за правилното работење на имуниот систем.

Клиничките истражувања покажуваа дека оптималниот внес на овој витамин може значително да го намали периодот во кои траат симптомите на настинките, гриповите, но и на потешките инфекции, како пневмонија, маларија, дијареа итн.

Повеќе околку овој витамин, прочитајте во една од нашите претходни статии.

7) Превенција од чир, но и рак на желудник


Инфекциите со бактеријата Helicobacter pylori се сметаат за главна причина која води кон гастритис, чирови на желудникот и за жал на крајот кон малигни заболувања на овој дигестивен орган.

Брусницата содржи уникатна компонента, која претходно ја споменавме – тип А проантиоцијанидин. Таа може значително да го намали ризикот од сите наведени зболувања на желудникот, преку превенирањето од инфекции со споменатата Helicobacter pylori.

Многу повеќе околу оваа проблематична бактерија која е исклучително чест проблем на широката популација, прочитајте тука – ХЕЛИКОБАТЕР – непоканетиот гост во желудникот!

8) Храна погодна за здравјето на мозокот


Како што споменавме, постојаните оксидативни оштетувања, водат до процеси на хронична инфламација или воспаление, кое пак на подолг рок е една од главните причини за развој на хроничните заболувања.

Бобестите овошки, како јагодите, малините, брусницата, капините, рибизлите, боровинките итн., се еден од најбогатите природни извори на антиоксидативни компоненти, воопшто. Главно, нивната антиоксидативна содржина се состои од антоцијанини, флавоноиди, но и многу други моќни антиоксиданти. Дополнително, тие се и најбогатиот извор на витаминот Ц, кој исто така меѓудругото е моќен антиоксидант.

Студиите утврдиле дека некои од антиоксидантите пронајдени во бобестите овошки можат да се акумулираат во мозокот и на тој начин да обезбедат подобра комуникација помеѓу мозочните клетки.

* Можни се и негативни ефект од претераното консумирање на брусница, особено на нејзиниот сок, односно зголемен ризик од
камчиња во бубрезите. Затоа, треба да се внимава на количества.

Како да ја користите ВАГАТА за побрзо да слабеете?

Постојат доста дебати околу корисноста на постојаното мерење телесна тежина, особено секојдневното. Тоа може да даде ,,лажна надеж”, но и да ги обесхрабри, од друга страна, оние кои очекувале пребрзи резултати од обидите за слабеење.

Сепак, резултатите од едно неодамнешно истражување, велат дека луѓето кои се мереле редовно со поголема успешност ги контролирале килограмите, но и поуспешно слабееле.

Секако, самото стоење на вагата не може магично да ги намали килограмите. Истражувачите утврдиле дека секојдневното мерење генерално делува охрабрувачки кај луѓето, односно ги поттикнува да размислуваат за промена на своите навики во однос на исхраната и физичката активност.

Исто така, постојаното знаење на својата точна телесна тежина, се покажало како клучно во однос на поуспешното избегнување на т.н. искушенија, односно значително олеснето било самоконтролирањето.


Нешто повеќе околу истражувањето

Целта на истражувањето била да се види дали и на кој начин мерењето на телесната тежина може да биде од корист при слабеењето. За испитаници биле одбрани 100 волонтери со прекумерна телесна тежина и желба за слабеење.

Истражувачите развиле специјална програма со 50тина препораки за самоконтролирање, како ужини и грицки само во вид на некакви зеленчуци, овошки и јатки, целосно исфрлање на алкохолот, предизвик за поминување 10 илјади чекори дневно итн.

Волонтерите биле замолени да ги изберат оние препораки кои мислат дека се погоди за нив и ќе им бидат корисни, од предложените 50тина.

Групата од 100 испитаници потоа била поделена во два дела.

Првиот, споменатите волонтери кои избрале некакви препораки за самоконтролирање и вториот, волонтери кои само ќе ја мерат телесната тежина, притоа без да имаат претходно утврдени ,,стратегии” за самоконтрола, односно ова била контролната група.

Истражувањето траело точно осум недели.

Резултати

На крајот од осумте недели, се покажало дека оние кои се мереле и ги следеле препораките за самоконтролирање, изгубиле во просек 3,2kg повеќе од оние во контролната група.

Заклучокот е дека и во двата случаи мерењето помогнало, но утврдувањето на точни  препораки за самоконтрола, покажало дополнителни резултати при процесот на слабеење.

Одличните резултати на првата група не биле толку очекувани за истражувачите. Според нив, ниту една од препораките не била магична (сама по себе давала минимален ефект), туку комбинацијата од повеќе препораки и постојаното имање на ум на точната телесна тежина, покажало клучно влијание во дополнително загубените килограми. Зошто?

Истражувачите сметаат дека ова е случај заради тоа што за волонтерите бил подобро видлив директниот ефект на навики на екранот од вагата. Усвојувањето на препораките за самоконтролирање кај испитаниците овозможило полесно развивање на план за губење на тежината, кој највеќе одговара за секој од нив поединечно.

Сепак, на крајот креаторите на студијата заклучуваат дека овие 8 недели не се доволни за трајни промени и дека често ,,тренингот” за здрав живот треба да трае и подолго, за поединецот да биде спремен за маратонот наречен здрав живот.


Извор:
https://onlinelibrary.wiley.com/doi/full/10.1111/bjhp.12436

КАЛЦИФИКАТИ – очекувани и неочекувани причинители

Калциумот е најзастапениот минерал во човековото тело, а најдобро е позната неговата улога за здравјето на коските и заштитата од остеопороза. Сепак, многу е важно следното: далеку од тоа дека тука завршуваат неговите функции во организмот.

Овој минерал игра клучна улога во бројни процеси кои се одвиваат во организмот и е неопходен за нормалното функционирање на клетките.

Пренесување на нервните сигнали, секреција на хормони, правилна коагулација на крвта, мускулни контракција и релаксација, се само дел од најзначајните функции на овој минерал. Многу повеќе на тема калциум, прочитајте во една од нашите претходни статии.

 

Каде сè се наоѓа и се акумулира калциумот во нашиот организам?

 

Најзастапениот минерал во човековото тело речиси во целост се акумулира во скелетниот систем (~99%), каде е неопходен за одржување на доброто здравје на коските и забите. Но, како што видовме погоре, тоа не му е единствената функција.

Калциумот е неопходен за различни други особено важни телесни функции кои ги споменавме, па мали количества растворен калциум се наоѓаат во и надвор од секоја клетка на нашето тело. Секако и во крвниот систем задолжен за хранење на сите клетки.

Финиот баланс на калциумот, односно неговите оптимални количества се клучни за нашето здравје, па телото многу внимателно го контролира неговото ниво во крвотокот.

 

За жал, под одредени услови калциумовите соли можат да почнат да се таложат и онаму каде што не им е местото – во различните меки телесни ткива, органите или крвните садови, предизвикувајќи абнормални стврдувања. Овој процес е познат како калцификација. Од неа можат да страдаат различни делови од телото, најчесто крвните садови, срцевиот перикардиум, бубрезите, дојките, жолчното ќесе, зглобовите, тетивите, па дури и мозочното ткиво.

 

Депозитите на калциум можат да бидат незначителни, односно да не поседуваат потенцијал да ни направат некаква штетна, но во одредени случаи тие можат да нараснат до проблематичен обем и големина, што може да даделува на нарушување на функциите на дадените ткива и органи.

Секој тип на калцификација поседува свои специфични карактеристики и има потреба од посебно контролирање и третирање, во зависност од неговата позиционираност во телото. Во продолжение ќе ги наведеме најчестите типови на калцификации и нивните специфики.

 

Можни причини

Интересно, но не постојат истражувања кои наоѓаат директна врска помеѓу калцификациите и прекумерниот внес на калциум преку исхраната. Истото важи и за камчињата во бубрезите кои се составени од калциум оксалат. Пациентите со овој проблем имаат повисоки нивоа на калциум во крвта и урината, без разлика на калциумот внесен преку исхраната.

[Поврзано: Како да се спречат камчињата во БУБРЕЗИТЕ?]

Тогаш кои се факторите кои влијаат на формирањето калцификати?

Факторите кои условуваат калцификација можат да бидат различни, а како главни се сметаат:

  • Некаква инфекција

  • Нарушувања на метаболизмот на калциум, што водат кон хиперкалцемија (превисоки концентрации калциум во крвта)
  • Високи нивоа на витаминот Д
  • Минерален дисбаланс

  • Генетски или автоимуни нарушувања кои се одразуваат на скелетниот систем и сврзните ткива

  • Хронични, перзистентни инфламаторни (воспалителни процеси)

  • Малигни заболувања
  • Недостатоци од витамин К2

[Поврзано: 6 лесни совети за постигнување ЕЛЕКТРОЛИТЕ БЛАНС!]

 

Дијагностицирање

 

Калцификатите можат лесно да се утврдат преку рентген снимањето,

Исто така, можно е лекарот да ви препорача правење на крвна слика.

Доколку калцификатите се забележани во предели во кои се можни и малигни промени, можно е да се препорача биопсија, односно земање и анализирање на примерок од даденото ткиво. Ако не се утврдат малигни промени, калцификацијата се означува како ,,бенигна калцификација”.

 

[Поврзано: Што треба да знаете за да ги разберете основните параметри на вашата КРВНА СЛИКА?]

 

1.Калцификација на дојката

Калцификати во пределот на ткивото на дојката се пронајдени дури кај 50% од жените над 50 годишна возраст и кај 10% од помладите жени. Симптомите на оваа состојба изостануваат, па жените можат да дознаат дека го имаат проблемот само ако прават мамографија. Најголемиот дел од овие наслаги се бенигни, но некогаш се придружени и од малигни промени (ако стврдувањата се со помал обем), па затоа при сомнителни снимки често се препорачува и биопсија.

Причините за овој вид калцификати се разликуваат. Најчесто се случуваат поради некакви повреди (операции, радијација, ифекција, циста итн.), пришто доаѓа до расградување на масните клетки од околината на ткивото. Масните клетки испуштаат од своите масни киселини кои се комбинираат со калциумот, формирајќи соли – депозити.

Можни причини за калцификација на дојката се и:

  • Кристализација на млекото во жлезите (Дури и кај жените кои не се доилки или бремени се излачуваат мали количества млеко кое содржи калциум.)
  • Малигни промени – канцерогените клетки во центарот на млечните жлезди често почнуваат да изумираат поради недостатокот од крв и нутриенти, оставајќи калцифицирани линии по текот на млечните жлезди.
  • Атерослероза на крвните садови во дојката
  • Неканцерогени промени во дојката
  • Генетика

 

Иако во најголемиот дел од случаите не станува збор за некакви малигни промени, калцификациите на дојката мораат да бидат соодветно испитани од лекарот за да се потврди дека нема опасност.

Бенигните калцификации на дојката немаат потреба од некакво третман, додека ако има потврдени малигни промени, следува соодветна терапија за запирање на растот на канцерогените клетки.

Студиите покажуваат дека внесот на калциум од исхраната не е поврзан со формирањето на калцификациите на дојката.

2. Кардиоваскуларна калцификација

При одредени повреди на ѕидовите на крвните садови, на тие места почнуваат да се акумулираат депозити (наслаги), во чиј состав може да се најде и калциумот. На почетокот наслагите се прилично меки, но со текот на времето добиваат тенденција да се стврднуваат, односно да станат калцифицирани. Дополнително, самите крвни садови можат да почнат да продуцираат екстра калциум што го отежнува проблемот со споменатите наслаги.

Артериската калцификација најчесто започнува од млади години, но  може да се забележи само со соодветно скенирање (компјутерска томографија – CT) и тоа обично по 40-тата година. Истражувањата покажуваат дека ризикот од оваа калцификација расте со текот на годините и е најголема кај повозрасните лица.

За жал, не постојат симптоми чие препознавање би можело да нè предупреди на овој потенцијално многу опасен проблем, па затоа треба да се посветиме на она што можеме ние самите да го направиме за воопшто и да не дојде до овие проблеми.

Овој тип на калцификација значително го зголемува ризикот од срцев, но и мозочен удар. Тоа се всушност и најчестите причини за смртност во светски рамки, но и кај нас во Македонија.

Превенцијата подразбира спознавање и избегнување на ризик-факторите за кардиоваскуларна калцификација, а тоа се:

 

[Поврзано: Што означува CRP тестот и зошто е важен за здравјето на крвните садови?]

 

Избегнувањето на споменатите ризик-фактори се постигнува со водење на она што значи целокупен здрав начин на живеење – пред сè здрава исхрана, непушење и редовна физичка активност.

 

3. Камчиња во бубрезите

 

Бубрезите се главните органи кога станува збор за контролирањето и балансирањето на калциумот. Секојдневно низ нив се филтрираат околу 10g калциум, oд тоа 1,5% се излачува преку урината, а останатиот дел се реапсорбира.

Станува збор за цврсти депозити или наслаги во бубрезите, кои се добиваат со кристализација и имаат потенцијал да се зголемуваат, односно да преминат во камчиња со различен дијаметар и облик (шилест, поправилен топчест итн), но најчесто се работи за помали обеми.

Можат да се формираат на неколку начини, од кои можеби најважниот е поврзан со калциумот.

Првиот и најчест начин на формирање е преку комбинирање на калциумот со одредени соединенија од урината – оксалати или фосфор. Ова се случува кога споменатите компоненти се доста концентрирани во урината. Притоа, се формира соединение наречено калциум оксалат.

Според истражувањата од престижниот Харвард Универзитет, луѓето кои имаат тенденција да развиваат камчиња во бубрезите, излачуваат една третина, а некогаш и повеќе од споменатиот калциум кој циркулира низ бубрезите, во споредба со лицата кои немаат проблеми со вакви камчиња.

Ако развивате бубрежни камчиња и нивото на калциум во урината ви е високо, веројатно имате потреба од одредени диуретици кои ќе поттикнат ретенција, односно задржување на повеќе калциум во организмот. Ако имате повишени нивоа на калциум и во крвта, но и во урината, тогаш се препорачува да направите тест за хиперпаратироидизам, нарушување кое негативно влијае на калциумовата регулација и го зголемува ризикот од бубрежни камчиња.

[Поврзано: Кога ви е потребен тест за тироидната жлезда?]

Што е важно да се знае? Калциумот внесен преку исхраната, макар бил и во поголеми количества, не допринесува за развој на камчиња во бубрезите, дури напротив.
Калциумот од исхраната може да има позитивно дејство поради тоа што ја врзува окслната киселина во дигестијата, внесена преку храна како спанаќ, чоколадо, чај и други видови храна, недозоволувајќи и да се апсорбира.

Помало ниво на оксална киселина значи и помал ризик од нејзино врзување со калциумот во бубрезите – помал ризик од бубрежни камчиња!

 

[Поврзано: Како да се спречат камчињата во БУБРЕЗИТЕ?; Бојата на урината кажува многу за вашето здравје!]

4. Калцификација на зглобовите и тетивите

 

Т.н. синувијална течност која се наоѓа во внатрешноста на зглобовите содржи калциум, а исто така овој минерал може да се најде и на ‘рскавицата која ги обложува зглобовите.

Во дадени услови калциумот од оваа течност кристализира што резултира со ситни цврсти наслаги кои ја оштетуваат површината на зглобот, но поттикнува и ослободување на ензими кои понатаму дополнително ја оштетуваат ‘рскавицата.

Истражувањата велат дека вакви наслаги од калциум се најдени во пределот на зглобовите на колената кај дури 60% од лицата кои имале оперативен зафат поради проблеми со остеоартритисот.

Калцификатите често знаат да се наталожат и во пределот на ротирачките тетиви на рамењата. Причините најчесто се некакви оштетувања на клетките на овие тетиви, одредени повреди или хроничен замор. Најчесто ваквата состојба не дава симптоми, но ако бројот и големината на наслагите порасне, можни се процеси на инфламација кои создаваат непријатни болки и ограничено движење на рацете.

Третманот за т.н. калцифицирачкиот тендинитис подразбира антиинфламаторна терапија, влажна топлина или мраз за олеснување на болките. Физикалната терапија е исто така опција.

За разлика од другите видови на калцификации, калцификатите на зглобовите и тетивите вообичаено се отстрануваат со игла или преку соодветен оперативен зафат.

Како и кај другите видови калцификации, така и овде – не е најдена улога на калциумот од исхраната во формирањето на наслагите.

 

[Поврзано: Болки во ЗГЛОБОВИТЕ – може ли преку исхрана и суплементи да се помогнеме?]

X
Добијте бесплатен пристап до нашиот неделен информатор